Македонија
Стартува изградбата на плажа покрај Вардар
На десниот кеј на Вардар, на повеќе од 300 метри квадратни, позади Луна паркот, денеска почнува изградбата на првата градска модерна плажа во Скопје
Локацијата е веќе оградена и подготвена за градежните работи, кои ќе почнат од денес по официјалното промовирање на проектот што ќе го изврши скопскиот градоначалник Коце Трајановски…Градската плажа ќе се гради според идејното решение на авторите Бекир Адеми и Бетим Зекири, кои во јануари, годинава ја добија првата награда за конкурсот кој го распиша Град Скопје. Тогаш се планираше овој проект да се реализира на левиот брег на Вардар, но поради тековните градежни работи, локацијата е поместена на десниот брег, позади Луна паркот.
Идејното решение на Адеми Бекири предвидува овој дел од коритото на Вардар да биде покриен со песок на кој ќе има дрвени платформи со лежалки, маси и столови. Меѓу урбаната опрема се вцртани неколку мали базени, а целата плажа ќе биде покриена со тенди во модерна форма. Ќе има и комерцијален дел, односно шанкови кои Градот Скопје ќе ги издава под концесија. Плажата ќе биде наменета за рекреација, уживање и за игра, повеќе како урбана атракција со оглед на тоа дека водата во Вардар не дозволува капење. Затоа, на самата плажа се предвидени мини-базени за деца и додека тие уживаат во вода, нивните родители ќе можат да се релаксираат пиејќи кафе покрај реката.
Плажата ќе ја опремува фирмата Алкон проект од Скопје, која ќе ја опремува и плажата на левиот брег на Вардар, под новиот театар, во мајор-коритото на реката, која ќе се гради наскоро.
Оваа фирма е одбрана како најповолна на електронската аукција и се очекува набрзо да склучи договор до Градот Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Заев не е политички активен веќе 5 години, зошто ВМРО-ДПМНЕ упорно ни се обраќаат со прашања за слободен граѓанин на Македонија“, прашува СДСМ
„ВМРО Ванчовистичка не може, или можеби не сака да сфати дека Зоран Заев не е политички активен веќе пет (со букви), нагласуваме 5 години (со бројка). Ако треба да дојдеме и да им го нацртаме тоа – тука сме. Затоа не разбираме, или премногу добро разбираме (дефокус), зошто упорно ѝ се обраќаат на СДСМ со прашања за слободен граѓанин на Македонија – Зоран Заев“, прашува СДСМ.
„За неколку дена влегуваме во 2026 година. Ако на ѕидот сè уште ви стои стар календар од 2016 година, време е да го смените.
Еве, наскоро ќе биде 15 јануари – ќе поминат точно 10 години откако вашиот тогашен, а и сегашен претседател Никола Груевски не е премиер.
Единствено што можете да нè прашате е: Колку документи за вашите криминални дејствија има АКТ и на колку години затвор се однесуваат тие документи. Вам останува само да одговарате – и тоа пред судот и пред народот!“, соопшти СДСМ.
Македонија
Прекинат прагот на алармирање во Кичево, престануваат да важат мерките и препораките
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на ден 24.12.2025, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3 и епизодата со надминување на прагот на алармирање за РМ10 честички е прекината во Кичево
Со тоа мерките и препораките за надминат праг на алармирање се прекинуваат.
Македонија
Денес завршуваат воведните зборови на одбраната и почнува сослушувањето сведоци за пожарот во „Пулс“
Со воведни зборови на бранителите на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, на компанијата „ММММ Кафе“ и на Александар Нацев како неформален сопственик на „Рубикон“ денес во дигиталната судница во Идризово продолжува судењето за пожарот во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Александар Нацев е 35. физичко лице обвинето за пожарот во Кочани, досега беа дадени воведни зборови за 34 обвинети физички лица и за едно правно лице од вкупно три правни лица обвинети за пожарот во „Пулс“. Сите кажаа дека не чувствуваат вина за пожарот.
По воведните зборови на одбраната судот ќе почне со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
Обвинетите се товарат за тешки дела против општата сигурност, односно оти од 2012 година до пожарот со постапување, но и со непостапување придонеле за катастрофалниот пожар. Меѓу обвинетите се поранешни министри за економија и вработени во Министерството, градоначалници на Кочани, градежни инспектори од Општината, инспектори од Државниот пазарен инспекторат, проектанти, менаџери на локалот, обезбедувачи, а првообвинет е сопственикот на „Пулс“.

