Македонија
Зекиров жали за сообраќајката кога на Партизанска се удри со велосипедист
Првите зборови на Зекиров беа: “ Многу ми е жал за тоа што се случи , се извинувам и еве првпат ќе кажам како се случи”.
Во Основниот суд во Скопје денеска започна судскиот процес против Ален Зекиров поранешен телохранител на директорот на УБК кој со мотор на Партизанска направи сообраќајка во која загина скопјанецот Симо Серафимовски. Сообраќајката се случи во јуни пред две години. Првите зборови на Зекиров беа: “ Многу ми е жал за тоа што се случи , се извинувам и еве првпат ќе кажам како се случи”. Зекиров појасни дека на првиот пешачки на Партизанска пред пазарот застанал и пропуштил пешаци, на следниот немало никој и поминал, но во еден момент од левата страна го удрил сега загинатиот Серафимовски кој управувал велосипед. На прашања на обвинителката и неговиот бранител Зекиров кажа дека на тој дел од Партизанска од левата страна од каде што се појавил Серафимовски било многу непрегледно, бидејќи имало дрворед. Исто така, кажа дека возел со прва брзина што според него значи оти не успеал да го вози моторот побрзо и да го префрли во втора брзина. Синот на загинатиот пред медиумите кажа дека Зекиров и пред да започне постапката му се извинил за сообраќајката: „Ние извинувањето го прифативме и добро е и тој што не претрпе поголеми последици затоа што беше повреден во главата. Но сакам да му одговорам на неговиот адвокат дека моторот на Зекиров е толку силен што и во прва брзина развива огромна сила и брзина”, кажа Перица Серафимов, син на загинатитот. На следното рочиште ќе бидат сослушувани тројца сведоци кои имаат различни искази во делот дали Серафимовски го туркал или возел велосипедот. Исто така, ќе треба да се сослушаат и вештаци кои ќе ја појаснат сообраќајката и условите во кои како се случила.
Продолжението на овој судски процес е закажано за март. /крај/км/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

