Свет
Познат израелски актер убиен на Западниот брег
Познатиот актер, режисер и политички активист, израелски Арапин, Џулијан Мер-Камис, денеска е убиен во бегалскиот камп во Џенин на Западниот брег.
Познатиот актер, режисер и политички активист, израелски Арапин, Џулијан Мер-Камис, денеска е убиен во бегалскиот камп во Џенин на Западниот брег. Мер-Камис во неговиот автомобил бил застрелан од маскирани напаѓачи. Педесет и двегодишниот актер е убиен на само неколку метри од театарот „Слобода“, чии основач бил тој. Шефот на полицијата во Џенин изјави дека во жртвата било пукано пет пати и дека атентатот го извршиле маскирани напаѓачи. Убиството на Мер-Камис го осуди палестинскиот премиер Салам Фајад, а претседателот Махмуд Абас побара виновниците да бидат пронајдени и да бидат изведени пред лицето на правдата. Мер-Камис е роден во Назарет од мајка Израелка и татко израелски Арап, христијанин. Бил воен обврзник во израелската армија, а глумел Евреин во многу филмови и тетатарски претстави. Во 2006 година заедно со Закариј Зубеиди, поранешен лидер на военото крило на Фатах, го оснива театарот „Слобода“. Во театарот на неколку пати бил подметнуван пожар, а неговите палестински критичари му забелеѓуваа што на сцената ја постави претставата „Животинска фарма“ во која младите глумци играат улога на свиња, животно кое во исламската вера се смета за нечисто. крај/тајнуг/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД размислуваат за копнен напад врз Венецуела; Мадуро: Подготвени сме да се браниме
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, изјави дека неговата земја е подготвена да се одбрани додека САД размислуваат за копнен напад. Тензиите се на врвот поради големото американско воено распоредување во Карибите, кое вклучува носач на авиони и илјадници војници, пишува Скај њуз.
Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со својот тим за национална безбедност синоќа откако минатата недела предупреди дека копнените напади би можеле да започнат „многу наскоро“. Иако деталите од состанокот не беа објавени, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, им изјави на новинарите: „Претседателот има многу опции што се на маса – и ќе го оставам тој да зборува за нив“.
Американските сили извршија најмалку 21 напад во последните неколку месеци врз бродови за кои тврдат дека превезуваат наркотици до американските брегови. Белата куќа го обвинува Мадуро за вмешаност во трговија со дрога, што тој жестоко го негира.
Мадуро: „Ова е психолошки тероризам“
Мадуро, кого западните земји најчесто го сметаат за диктатор, вчера на митинг во Каракас изјави дека Венецуелците се подготвени да „ја бранат земјата и да ја водат по патот на мирот“. „Преживеавме 22 недели агресија што може да се опише само како психолошки тероризам“, им рече тој на своите поддржувачи.
Венецуела вели дека нападите на САД врз бродовите, во кои загинаа повеќе од 80 луѓе, се еднакви на убиство. Според Каракас, вистинскиот мотив на Трамп е да го собори Мадуро со цел да ги заплени венецуелските резерви на нафта.
Свет
Виткоф и Кушнер денеска се среќаваат со Путин во Москва
Пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на претседателот, Џаред Кушнер, ќе се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин во Москва во вторник на разговори за завршување на најкрвавиот конфликт во Европа по Втората светска војна, објави Ројтерс.
Откако се врати во Белата куќа, Трамп постојано повторува дека сака крај на војната во Украина, но неговите досегашни напори, вклучително и средбата со Путин во Алјаска, досега не вродија со плод. Минатата недела беше протечен мировен план на САД од 28 точки, за кој украинските и европските претставници велат дека е премногу услужлив кон Москва.
Русија бара Украина да се откаже од членството во НАТО, да ја задржи руската контрола врз една петтина од украинската територија и да воведе ограничувања на украинската војска. Европските земји дадоа свој контрапредлог за мир на разговорите во Женева, а САД и Украина објавија дека создале „ажурирана и ревидирана мировна рамка“ за да се стави крај на војната.
Портпаролот на Кремљ им изјави на новинарите дека средбата на Виткоф со Путин ќе се одржи во втората половина од вторник. Тој одби да разговара за црвените линии на Русија, велејќи дека „мегафонската дипломатија“ не помага во процесот. Белата куќа објави дека на Виткоф во руската престолнина ќе му се придружи Кушнер, објави Ројтерс.
Путин повтори дека е подготвен за мировни преговори, но дека Русија ќе продолжи со својот воен напредок доколку Украина го отфрли договорот. Русија моментално окупира повеќе од 19 проценти од украинската територија, што е еден процент повеќе отколку пред две години.
Според украински извори, Русија напредувала со најбрзо темпо во 2025 година од 2022 година. Руските воени команданти го известија Путин во понеделникот дека ги освоиле стратешки важните градови Покровск и Вовчанск, објави Ројтерс.
Свет
Иран осуди познат режисер на една година затвор
Познатиот ирански режисер Џафар Панахи, добитник на овогодинешната Златна палма, беше осуден во отсуство на една година затвор, јавува иранската новинска агенција ИСНА.
Судот во Техеран го осуди Панахи за „пропагандни активности“ и му изрече двегодишна забрана за патување и членство во какви било политички или општествени групи, јавува ИСНА.
Панахи е овогодинешен лауреат на Канскиот филмски фестивал, каде што 65-годишниот режисер победи со „Еден обичен инцидент“, приказна за неговото искуство во затвор и државна репресија. Иранскиот режисер претходно освои награди на филмски фестивали во Венеција и Берлин.
Каде се наоѓа Панахи засега е непознато. Минатиот месец тој беше на турнеја низ САД, посетувајќи ги Лос Анџелес, Њујорк и Телурајд за да го промовира својот најнов филм. Филмот е избран од Франција како официјална номинација за Оскар и се очекува да биде во потесен избор за најдобар меѓународен филм на церемонијата на доделување награди во март.
Неговиот најнов филм, инспириран од неговото време во затвор, е снимен во тајност и вклучува интервјуа со други затвореници, пренесува дпа.

