Македонија
Светско признание за македонски иноватор

Македонецот Јоти Поповски втора година по ред е добитник на награда на престижниот светски форум за иновации Енерџи Глоуб за проект во областа на екологијата.
„Наградениот проект е филтерска постројка за сулфур диоксид и димна прашина од големи централи и парни котли и наиде на големи пофалби”, изјави денеска за Макфакс иноваторот Поповски.Гала свеченоста на која ќе бидат презентирани националните награди за 2009 година што традиционално ги доделува престижната австриска организација Енерџи Глоуб ќе се одржи попладнево на саемот во ПрагаПоповски изрази очекување дека неговиот проект ќе биде широко применет, додавајќи дека за тоа ќе биде потребна и соодветна маркетинг поддршка.„Првата реализација на проектот најверојатно ќе се случи во Македонија, бидејќи веќе имаме барање од Свети Николе“, додаде Поповски.Престижното светско признание, кое Енерџи Глоуб, им го доделува на по еден иноватор во секоја држава во светот, на Поповски синоќа му ја врачи еврокомесарот за екологија Ставрос Димас.„Конкуренцијата беше многу силна. Меѓу 769 проекти од 111 држави, од Европа беа наградени 27, а меѓу нив и Македонија”, изјави Поповски, додавајќи дека признанието му е врачено под уставното име на државата.„И ланската и оваа награда ја добив на ист начин. Ова е научна работа и тука немаше мешање на политиката. Немавме никакви проблеми од тој аспект”, изјави иноваторот Поповски.На денешната гала церемонијата, на која ќе им биде оддадено признание на најдобрите светски еколошки проекти, ќе присуствуваат истакнати светски политичари и врвни експертиМеѓу свечените гости ќе бидат чешкиот премиер и актуелен претседавач со Европската унија, Мирек Тополанек, претседателот на Советот на министри за екологија Мартин Бурсик, како и советникот на американскиот претседател Барак Обама за климатски прашања Карол Брунер.За македонскиот иноватор Јоти Поповски ова е втора последователна награда што му ја доделува Енерџи Глоуб. Поповски во 2008 беше награден за анаеробична станица за прочистување на комунални и индустриски води
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно време, попладне со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови за изолирана појава на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2) и засилен ветер (над 60км/ч).
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во сабота ќе има изолирана појава на нестабилност. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси.
Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.
Македонија
Фетаи ќе раководи и со новоформираниот совет за конфискација на имот

Владата вчера ја усвои Одлуката за формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што се предвидува дополнителна алка на врвот на координациската структура, покрај Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот како највисоко експертско тело.
Со Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот ќе раководи вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, а членови ќе бидат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Кабинетот на вицепремиерот Фетаи ќе продолжи да обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Процесите и стратешките одлуки кои континуирано се реализираат се доказ за посветеноста на Владата во градењето институционални капацитети и обезбедување услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот“, велат од Кабинетот на Фетаи.
Како што се додава, државата се гради секој ден, а граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да имаат можност истата да ја користат преку нејзина социјална пренамена.