Свет
Швајцарските сметки се сомнеж, а не тврдење
Главниот претрес: Хари Костов против Никола Младенов, еден од сопствениците на неделникот "Фокус", за случајот тајни швајцарски сметки вчера почна во Основниот суд Скопје 1.
ПОЧНА СУДСКИОТ ПРОЦЕС ХАРИ ПРОТИВ НИКОЛА
Главниот претрес: Хари Костов против Никола Младенов, еден од сопствениците на неделникот "Фокус", за случајот тајни швајцарски сметки вчера почна во Основниот суд Скопје 1. Како што е познато, Костов со приватната тужба за клевета од Младенов бара оштета од шест милиони денари за нарушен чест, углед, но и нарушена психофизичка рамнотежа. На почеток, одбраната на Младенов иснсистираше да ја добие медицинската документација за нарушеното здравје на Костов, за да види, како што рече адвокатот Александар Тортевски, ако тужителот е навистина толку болен, дали тој може да дава полномошно и да учествува како странка во претресот. Судијата Весна Димишкова го одби ова барање, бидејќи, како што рече, обвинет е Младенов, а не Костов.
Младенов од обвинителната клупа во своја одбрана изјави дека во двата текста во декември лани, само наведувал сомнежи дека Хари Костов и претседателот Бранко Црвенковски поседуваат сметки во швајцарски банки, но никаде не клеветел и не тврдел дека двајцата направиле докажан криминал. Неговиот мотив за објавување на текстовите и доказите за постоење на такви сметки , рече, бил да покрене акција кај надлежните органи – Државното обвинителство и Одделението за организиран криминал, МВР, Антикорупциската комисија и Дирекцијата за спречување перење на пари, да ја утврдат вистинитоста на тие сомневања. "Необјавувањето на тие информации, сметав дека би ме направиле морален соучесник во она што е предмет на мојот сомнеж", се бранеше Младенов.
Лут поради тоа што претходно Стеван Павлески, адвокат на Хари Костов изјави дека финтата со медицинската документација на Хари Костов е само ЕПП за "Фокус" и обид за одолговлекување на судскиот процес, Младенов продолжи:"Да сакав профит и економска пропаганда, немаше документите да ги однесам до Антикорупциската комисија, Обвинителството, Дирекцијата против перење пари и МВР, туку ќе продолжев да ги објавувам". Тој се изнервира и затоа што судиката побара дециден одговор – дали верува во тоа што го објавил. "Не можете да ме фатите на трик, јас веќе Ви одговорив дека тоа што е напишано е сомневање", подвикна Никола.
Во наредните неколку дена доказите обвинетиот се обврза да ги преведе на македонски и заедно со досиејата до четирите институции до кои се обратил, да ги достави до Судот и до тужителот Костов.
Хари Костов и неговиот адвокат, пак, на судењето дојдоа спремни, со одговор од банките "Американ експрес" и "Капитал банк", во кои пишува дека Костов кај нив нема сметки. Адвокатот на Младенов ги побара писмата со кои бил баран одговор од овие банки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски дипломат: На работ сме на договор за мир во Украина
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјави во интервју за Еј-Би-Си дека верува оти страните во војната се „на работ“ на дипломатско решение што би го завршило руско-украинскиот конфликт.
„Подготвени сме да постигнеме договор“, рече Рјабков, додавајќи дека се надева оти спогодбата може да биде постигната „поскоро отколку подоцна“.
Неговите изјави доаѓаат откако претставници на американската администрација сигнализираа дека мировен договор можеби е поблизу од кога било, наведувајќи дека околу 90 проценти од спорните прашања веќе се решени.
И покрај оптимистичкиот тон, Рјабков повтори дека Русија не се откажува од контролата врз Крим, како и врз делови од украинските области Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, што Киев ги смета за неприфатливи услови.
Тој истакна дека Русија нема да прифати присуство на НАТО-сили во Украина, дури ни како безбедносна гаранција по завршувањето на војната.
Разговорите се водат со посредство на САД, како дел од мировната иницијатива на Белата куќа за ставање крај на руската инвазија започната во февруари 2022 година.
Свет
Мерц: САД се подготвени за обврзувачки безбедносни гаранции за Украина
САД се подготвени да преземат правни безбедносни гаранции слични на член 5 од Договорот за НАТО. Ова го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, цитиран од „News.LIVE“. Повоениот мир за Украина мора да биде обезбеден со материјални и правни гаранции од САД и Европа, нагласи германскиот канцелар Мерц, додавајќи дека сојузниците повеќе нема да ги повторуваат „грешките од Минските договори“.
Овие гаранции треба да бидат сеопфатни, истакна Мерц, додавајќи дека нивната специфична содржина ќе биде разгледана подоцна: „Во случај на нов напад од страна на Руската Федерација, Украина би можела да се одбрани не само сама, туку и со поддршка на оние земји што ќе ги преземат обврските“.
Според канцеларот, Европејците ѝ ги предале на Русија своите предлози за обезбедување безбедносни гаранции и „топката сега е во дворот на Москва“. Мерц го повика Кремљ да покаже дека навистина сака мир и да се согласи на целосно прекин на огнот со Украина за време на божиќните празници.
Веќе има сигнали од украинската страна и од водечките земји од ЕУ дека е можно на крајот да има договор меѓу САД и Украина за тоа како треба да изгледа идниот мир. Но, Русија сепак ќе мора да биде убедена, дури и ако Украина и САД на крајот постигнат договор за Донбас. Американската страна, исто така, била задоволна од тоа како се одвивале преговорите, тврди Ројтерс, врз основа на свои извори.
„Разговорите не се лесни, но се продуктивни“, коментираше украинскиот претседател Володимир Зеленски и потврди дека Украина и САД имаат различни ставови за судбината на Донбас.
depositphotos
Свет
Зеленски: Не е постигнат компромис за територијалното прашање за време на преговорите во Берлин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека позициите на САД и Украина за поделбата на териториите сè уште се разликуваат. Тој го објави ова за време на заедничката прес-конференција со Фридрих Мерц на Германско-украинскиот економски форум, пренесува „Европејскаја правда“.
Тој нагласи дека САД дејствуваат како посредник во овие преговори.
„Секако, не сите прашања се едноставни. Постојат сложени работи, особено во врска со териториите. Секако, сите го покренуваат ова прашање. И тука е важно сите ние да работиме на тоа ваквите прашања да се решат апсолутно праведно. Дијалогот за териториите не беше доволен и ми се чини дека досега имаме различни позиции, да бидам искрен, но мислам дека колегите го слушнаа мојот личен став“, рече Зеленски.
Во исто време, тој истакна дека е постигнат напредок по многу прашања за време на неодамнешните преговори.
„Навистина имаше напредок по многу прашања. Искрено, не знам како Русија ќе го перцепира ова – во однос на релевантните резултати од нашите разговори“, нагласи украинскиот шеф на државата.
Во Берлин се одржа состанок на украинската делегација предводена од Володимир Зеленски со претставници на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф денес објави значителен напредок во преговорите.
depositphotos

