Свет
Папата Бенедикт: Да ги почитуваме другите, различните
Мирот почнува со почитување на другите без оглед на сите разлики меѓу луѓето, порача денеска по повод Светскиот ден на мирот, поглаварот на Римокатоличката црква папата Бенедикт XVI
Папата бенедикт предупреди на на страдањата на децата ширум светот во воени состојби и при прогони.
„Мирот почнува со поглед на почитување и разбирање со кои во другата личност препознаваме човек, без оглед на бојата на неговата кожа, националност, јазикот на кој говори или религиската определба“, рече Папата на миса во базиликата Свети Петар во Рим.
Сликите на деца, жртви на насилства, војни и прогони, детски лица „полни со болка и безнадежност“, претставува „тивок повик на мир“ во светот, смета Папата Бенедикт.
Според него, луѓето треба да се воспитувани да ги почитуваат сите уште од најрана возраст и повика светот да ги чува децата од војни и насилства.
“Децата се доказ дека луѓето се браќа бидејќи наспроти различностите тие плачат и се смеат на еден ист начин, имаат еднакви потреби, спонтано комуницираат и играат заедно“, рече Бенедикт XVI.
Поглаварот на Римокатоличката црква повика сите во светот да се свртат кон мирот и да го положат оружјето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Новите санкции ќе ѝ донесат на Русија загуби од најмалку 50 милијарди долари годишно
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека новите санкции против Русија ќе ѝ предизвикаат годишни загуби од најмалку 50 милијарди долари, пренесе „Укринформ“.
Тој се повика на извештај на шефот на украинската надворешна разузнавачка служба Олег Ивашченко и рече дека санкциите против нафтените компании веќе создаваат сериозни финансиски последици за Москва.
Зеленски изрази надеж дека ќе следат и нови санкциски мерки, нагласувајќи дека арапските земји со своите испораки нафта можат да спречат какви било потреси на светскиот пазар.
Тој додаде дека Украина сојузниците редовно ги информира за лица и структури што заслужуваат санкции и дека „голем дел од нашите предлози се земаат предвид“.
На 23 октомври високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас објави дека е одобрен 19-от пакет санкции против Русија, а американското министерство за финансии веќе воведе мерки против „Росњефт“ и „Лукоил“. Зеленски претходно изјави дека американските санкции би можеле да ги намалат руските приходи за околу 5 милијарди долари месечно.
Регион
Грција во состојба на готовност поради можност за грабежи на музеи
Поради грабежот на Лувр во Париз и можноста за сличен инцидент во еден од бројните и важни музеи во Грција, надлежните органи се во состојба на висока готовност.
Според весникот „Катимерини“, грчките министерства за внатрешни работи и култура планираат да го доверат чувањето на музеите, а можеби и на некои археолошки локалитети, на грчката полиција.
Според надлежните службеници кои разговараа со новинарите на весникот под услов да не бидат именувани, почнувајќи од следниот март, не само цивили вработени во Министерството за култура, како што беше случај досега, туку и униформирани полицајци ќе учествуваат во чувањето на културните богатства од непроценлива вредност. 300 специјални чувари кои наскоро ќе бидат интегрирани во грчките полициски сили ќе учествуваат во оперативниот план.
Надлежниот извор објаснува дека Министерството за внатрешни работи претходно планирало вработување на 600 нови специјални чувари со цел зајакнување на полициските служби. Сепак, по одлуката на владата и според една верзија, по препорака на Министерството за култура, беше одлучено вкупниот број на специјални стражари кои ќе се приклучат на полициските сили да се зголеми на 900, така што 300 од нив ќе бидат распоредени да чуваат музеи и археолошки локалитети. Нови специјални стражари ќе се приклучат на полицијата во периодот февруари-март.
Во Грција, грабеж сличен на оној во Лувр се случи во 2012 година, кога сторителот успеа да провали во Националната галерија и да украде три уметнички дела од голема вредност, меѓу кои имаше и слика од Пикасо. Истата година кога се случи грабежот во Галеријата, беше забележан и грабежот на Музејот на историјата на Олимписките игри во Стара Олимпија. Овој случај го открија и полицајците на Службата за безбедност во Патра, кои ја презедоа истрагата.
Фото: принтскрин
Регион
Рама: Фактот што Србија не го признава Косово е суштински проблем на регионот
Албанскиот премиер Еди Рама, на Форумот за мир во Париз изјави дека непризнавањето на Косово од страна на Србија е „суштински проблем“ на регионот.
Рама рече дека Балканот мора да избере помеѓу поделба и соработка.
„Косово е проблем затоа што за нас е земја со свои права. Но, за Србија или за другите земји – не е. Тоа е голем проблем. Или ќе продолжиме да гледаме наназад, да разгоруваме тензии и негативна енергија и да нанесуваме штета на себе и на нашата економија – ние сме мали пазари – или да бидеме заедно. Другата алтернатива беше да не се согласуваме и да не соработуваме“, рече Рама, пренесува Koha.net.
Тој додаде дека денес Европа се соочува со истите предизвици што некогаш го карактеризираа балканскиот регион.
„Европа стана многу балканизирана. Мислам дека Франција е исто така многу балканизирана – тие не можат да донесат буџет. Погледнете ја Британија, таму е уште полошо. Сега ние сме добрите, затоа им велам: склучете мир, не заканувајте се, разговарајте, затоа што доаѓаме од пеколот и ние сме гласници на мирот“, нагласи Рама.
Рама изјави дека Албанија, без оглед на тоа дали другите ја слушаат или не, ќе продолжи да работи за регионална стабилност.
„Ако светот стане подобро место, ќе кажеме дека сме ја завршиле нашата работа. Ќе добиеме место во рајот како Албанци“, рече тој со насмевка, според медиумот.
Албанскиот премиер ги оцени односите со Италија и улогата на Европската Унија.
„Италијанците се Албанци облечени во Версаче. Имате премиер – исклучителна и фасцинантна жена. Таа не е висока, но верувајте ми, кога зборува, таа е повисока и од мене. ЕУ е најголемиот политички проект што човештвото некогаш го доживеало“, рече Рама.
На крајот од своето обраќање, Рама истакна дека членството на Албанија во Европската Унија е историски благослов.
Фото: принтскрин

