Македонија
Промовиран проектот „Превод на литературни дела на Нобеловци за литература"
Капиталниот проект „Превод на литературни дела на добитници на Нобелова награда за литература” беше промовиран во недела во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Реализацијата на овој проект стартуваше во март минатата година, кога беа промовирани првите десет тома од едицијата
Капиталниот проект „Превод на литературни дела на добитници на Нобелова награда за литература” беше промовиран во недела во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Реализацијата на овој проект стартуваше во март минатата година, кога беа промовирани првите десет тома од едицијата (Луиџи Пирандело, Жосе Сарамаго, Дорис Лесинг, Рабиндранат Тагоре, Харолд Пинтер и др.) Иако првично едицијата беше замислена со вкупно 104 наслови, засега се издадени 85, а до крајот на годинава ќе бидат промовирани уште 14 книги во кои ќе бидат опфатени добитниците на Нобеловата награда за литература од 2008 и 2009 година.Издавач е „Микена“ од Битола, а за реализација се потрошени околу 32 милиони денари. „Ова е најзначајниот преведувачки проект во Македонија, по т.н. Зелена библиотека од крајот на седумдесеттите години на минатиот век“, истакна претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, Раде Силјан. За претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов, оваа едиција претставува биографија на духот на 20. век и мора да покрене некои прашања од природата на светската книжевност и бришењето на границите помеѓу националните литератури, она кон што се стремеше и Гете. Овој проект ги стимулира сегашните и идните читатели и овозможува афирмација на млади и нови преведувачки имиња. Премиерот Груевски укажа на потребата од достојно надградување на ваквите проекти во иднина. Покрај финиширањето со реализацијата на проектот Нобеловци, во тек е втората фаза од реализацијата на проектот „Сто и триесет тома македонска книжевност“ – комплетен превод на англиски јазик и скратени верзии на уште пет други светски јазици, а најавен е нов проект од областа на издаваштвото – „Ѕвезди на светската книжевност“, во која ќе бидат опфатени околу 500 нови наслови. /крај/ед
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, порача Лукровски на денот на ослободувањето на Скопје
Делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Сотир Лукровски и советниците Христо Саракинов (ВМРО – ДПМНЕ) и Татјана Стојановска (Независни за Карпош) , денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред.
На тој начин, претставниците од локалната самоуправа одадоа почит по повод одбележување на 81 годишнината од ослободувањето на главниот град. Во рамки на свеченоста која ја организираше Сојузот на борци на Македонија, пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред се поклонија и бројни делегации и претставници од граѓански здруженија.
Пред присутните се обрати и првиот човек на Општината, Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја истакна важноста од чествување на празниците, кои се темел на македонската национална свест.
„Со жалење ќе констатирам дека бројот на живите сведоци од НОБ е навистина мал. Затоа апелирам, ние помладите да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, бидејќи сите тие елементи се дел од нашата колективна историја“ – констатираше Лукровски.
Македонија
Утре со студено утро, преку денот сончево
Времето утре, наутро ведро и студено, а во текот на денот претежно сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Утре и во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, суво и тивко.
Во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец.
Македонија
Филипче ќе го номинира Александар Трајановски за потпретседател на СДСМ, вечерва ќе соопшти и други кадровски промени
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека вечерва ќе се одржи седница на Извршниот одбор на која ќе се разгледуваат повеќе кадровски и политички промени во партијата. Тој посочи дека процесот на внатрешни реформи се одвива постепено и по јасен план.
Филипче откри дека ќе предложи докторот Александар Трајановски да ја преземе функцијата потпретседател на СДСМ.
„Трајановски е човек кој долго време му е посветен на СДСМ, а неговата кампања покажа дека знае да мобилизира поддршка и да привлече внимание. Верувам дека со неговото вклучување ќе добиеме значајно кадровско засилување,“ рече Филипче.
Тој потврди дека на вечерашниот состанок ќе бидат презентирани и други промени, повикувајќи на трпение од членството и симпатизерите додека трае внатрепартискиот процес.
Трајановски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Аеродром. Тој е специјализиран ортопед и трауматолог. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2006 година. Во 2012 година ја завршил специјализацијата по ортопедија, а во 2019 година и субспецијализацијата по трауматологија. Тој е поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Трајановски е активен на политичката сцена како член на Извршниот одбор на СДСМ.

