Европа
Каталонскиот претседател најави референдум за независност до септември 2017-та
Сепаратистичкиот претседател на североисточната шпанска покраина Каталонија, Карлес Пучдемонт-и-Касамажо ќе распише референдум на покраината во септември 2017 година, без разлика дали официјален Мадрид ќе го одобри.
„До крај ќе настојуваме да добиеме согласност (од Мадрид).. Но доколку изостане позитивен договор… ќе бидеме подготвени да го распишеме во втората половина од септември следната година“, изјави в средата претседателот Карлес Пучдемонт-и-Касамажо во парламентот на Каталонија.
Пучдемонт должноста ја презема на 10-ти јануари 2016 година, а три дена подоцна одби да ја положи заклетвата врз шпанскиот устав и наместо тоа на свеченоста одржана во Мадрид вети дека ќе му служи на каталонскиот народ, дојде со отворено искажана намера до средината на 2017 година да ги воспостави институциите неопходни за независноста на покраината Каталонија. Во средата тој вети дека ќе ја почитува оваа временска рамка.
„Парламентот кон крајот на јуни ќе ги донесе потребните закони за Каталонија да функционира како независна држава и ќе ги повикаме граѓаните на избирачките места за со својот глас да го овозможат прогласувањето на независноста“, рече Пуџдемонт пред пратениците.
Гласањето ќе биде организирано во форма на референдум, во септември 2017 година. Референдумот ќе се одржи без разликана сé, истакна каталонскиот претседател, појаснувајќи дека ќе стори сé за да ја добие согласноста од Мадрид, но нема да застане доколку не го добие.
Од 2012 година Каталонија постојано бара одржување референдум по моделот на независноста на канадски Квебек (1980, 1995 година) и Шкотска кој завршија со победа на противниците на отцепувањето. Во 2009 и 2010 година во Каталонија се одржа серија неформални референдуми во малите општини, за кои не се водеше кампања. Во едната серија, што се одржа на 12-ти и 13-ти декември 2009 година, учествуваа 27 отсто од вкупниот број гласачи, а од нив 94,9 отсто гласале за независност на Каталонија.
Централната шпанска влада којашто од 2011 година ја води конзервативецот Маријано Рахој, ја одбива таквата можност која во 2014 година ја искористи Шкотска. Тој се повикува на уставот и одлуката на уставниот суд на Шпанија и истакнува дека за судбината на дел од државната територија треба да се изјаснат сите Шпанци.
Како и Шкотска во Велика Британија, Фландрија во Белгија или Паданија во Италија, и Каталонија верува дека подобро ќе живее како самостојна држава којашто не мора да ги финансира посиромашните региони.
Меѓутоа, повеќето Каталонци го бараат правото да одлучуваат за иднината на својата покраина, што покажаа и со масовните собири на поддршка одржани на 11-ти септември, по повод одбележувањето на Диада, каталонскиот национален празник.
Планот на Пуџдемонт наиде на пречка во јуни кога неговата коалициска влада ј азагупи поддршката на CUP, најрадикалната сепаратистичка партија и со тоа и апсолутното мнозинство во покраинскиот парламент. На парламентарната седница којашто завршува во четвртокот, ќе побара да се гласа за доверба на владата, што најверојатно и ќе ја добие.
Причина за остриот раст на сепаратистичките тенденции во Каталонија се проблемите во економијата, со оглед на финансиската и економската криза во Шпанија. Застапниците на отцепувањето на Каталонија од Шпанија веруваат дека економски развиениот регион, чијашто економија е поголема од, на пример, на Португалија, кој има удел од 20 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на кралството, го издржува остатокот од Шпанија. Каталонците сметаат дека тие повеќе уплаќаат во заедничката каса отколку што им се враќа и дека добиваат во форма на грантови и исплати помал износ од 16 милијарди евра годишно, што е еднакво на 8 отсто од регионалниот БДП. Меѓу населението на Каталонија владее уверување дека не треба да се толерира таквата неправда и дека е време да престанат да плаќаат за грешките на економските политики Мадрид.
Централната власт на Маријано Рахој остро ја осудува идејата за независност на Каталонија и во неколку наврати самиот премиер изјави дека ќе направи сѐ што е можно за да се спречи отцепувањето. Во моментов, според членот 92 од Уставот на Шпанија, ваквите одлуки ги носи централната власт и Конгресот на пратениците, а ги одобрува кралот. Мадрид, исто така, може да го примени правото на укинувањето на автономното управување на регионалните влади, а во согласност со членот 8,1 од Уставот да ја искористи армијата за заштита на унитарноста на земјата.
Покрај тоа, на сепаратизмот се спротиставуваат и делови од каталонската бизнис заедница коишто стравуваат од губењето на важниот за нив шпански пазар и неподготвеноста на Европската унија за прием на нова членка.
Според водечките политичари во Каталонија ќе биде најсоодветно да го има статусот како членка на Европската унија. Каталонија, на тој начин, се обидува да се здобие со статусот на европска нација со истите овластувања како што се предвидени за, на пример, Данска, Словенија, Финска, Естонија, Литванија и Латвија. Меѓутоа, Мадрид предупредува дека каталонскиот пат до независност не води никаде и дека во тој случај Барселона би морала да аплицира за прием во Европската унија. Економистите тврдат дека брзото одвојување од Шпанија ќе придонесе за голема економска штета.
Во моментов Каталонија е најзадолжената од 17-те шпански автономни региони. Но Каталонија е првиот економски извозник во Шпанија со 28 отсто од шпанскиот извоз, а доколку Каталонија е држава, би била меѓу првите 50 земји извозници на светот, сметаат каталонските политичари заговорници на независноста.
Заканите со отцепување на севеористочната шпанска покраина со 7,5 милионско население, претставува голем предизвик и проблем за шпанскиот премиер Маријано Рахој кој се бори со големите економски проблеми.
Како и другата шпанска покраина со сепаратистички тенденции Баскија, и населението на Каталонија има засебен јазик и култура од остатокот од Шпанија. Меѓутоа јакнењето на рецесијата во Шпанија, и невработеноста од 25 отсто и драстичните мерки за штедење, во Каталонија ги засили тенденциите за самостојност./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.
„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.
Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.

