Свет
Овчарот Џемаили станал економист со фалсификувана диплома
Иснифарис Џемаили, попознат како овчарот од Камењане, кој од државата извлече 720.000 евра отштета за ракетирано бачило и во моментов се наоѓа во притвор, пред десет години фалсификувал диплома од Универзитетот за национално и светско стопанство од Софија.
Иснифарис Џемаили, попознат како овчарот од Камењане, кој од државата извлече 720.000 евра отштета за ракетирано бачило и во моментов се наоѓа во притвор, пред десет години фалсификувал диплома од Универзитетот за национално и светско стопанство од Софија. Како што дознава „Утрински весник“, досието на оваа, ама и на дузина други фалсикувани дипломи во 2002 година им се губи секаква трага, откако екипа од 15-ина инспектори од Министерството за внатрешни работи, ги собрала од скопскиот Економски факултет. Бидејќи било утврдено дека 18 дипломи од Бугарија, Албанија и тогашна Србија и Црна Гора се фалсифукувани, тие записнички биле привремено одземени од факултетот, за актерите да бидат кривично гонети и казнети.
Меѓутоа, како што велат на Економски, „привременото станало трајно“, а тие никогаш не добиле повратна информација што станало со фалсификаторите. Иако, член 378 од Казнениот закон на Македонија за фалсификаторите на исправи предвидува парични казни или затвор до три години, дури и за оние кои имале обид за фалсификување, на досиејата им се губи секаква трага. Поточно, на дел од нив, меѓу кои е и она на овчарот од Камењане.
Во 1997 година кога Иснифарис Џемаили на Економскиот факултет при Скопскиот универзитет, ја доставил дипломата за нострификација, оваа постапка била прилично едноставна, зашто порано фалсификатите биле реткост. На овој, но и на кој било друг факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ високообразовните институции ја вршеле нострификацијата на странските дипломи исклучиво врз основ на приложената документација на кандидатите.
Истото се случило и со Иснифарис Џемаили од Камењане, кој доставил диплома со број 0025176, заверена со печат. На неа бил набележан и успехот од 34 положени испити на бугарскиот Универзитет за национално и светско стопанство, така што скопскиот Економски факултет му дал зелено светло на наводниот бугарски економист Џемаили. На неа, едноставно, немало видни знаци на фалсификување, а во дипломата била посочена и темата од дипломската работа: „Анализа, планирање и сметководен отчет на нестопанските организации“ за која „заработил“ – одличен 6.
Според дипломата, за која подоцна било утврдено дека е фалсификат, несудениот економист, кој подоцна покажа и докажа дека добро знае да работи со пари, со одличен успех положил и државен испит. Апсурдот да е поголем, темата гласела: „Заштита на дипломската работа“! Иснифарис Џемаили во Софија, како што стои во дипломата, дипломирал на 6 септември 1996 година на групата Сметководство и контрола, со просечен успех од 3,29.
Клопчето почнало да се отплеткува дури во 2002 година кога на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ помасовно почнале да добиваат барања за нострификација на дипломи стекнати главно во нашето соседство. Тогаш факултетот самоиницијативно извршил проверка на веќе нострифицираните дипломи, по што од универзитетите од Бугарија, Албанија и од СЦГ, главно, добиле одговори дека станува збор за фалсификати. Во купчето од 18 сомнителни странски дипломци е и дипломата од Бугарија, од софискиот Универзитет за национално и светско стопанство издадена на име Иснифарис Џемаили.
За да биде веродостојноста поголема, според извори на „Утрински весник“, за нострификацијата да му помине без проблеми и ништо да не биде сомнително, овчарот од Камењане го поминал вообичаениот ред. Доставил, како што стои забележано во архивите на МВР, „уверение во оригинал од 2.4. 1997 година, со заверен превод на македонски во Основен суд Скопје 1, превод на дипломата, учебен план за групата Сметководство и контрола преведен на македонски, одлука и решение“.
Зошто фалсификатот на Иснифарис Џемаили немал судска завршница, некој ќе мора да одговора. Неофицијално се говори дека тој важи за човек близок до полицијата, што не ја исклучува можноста, заради некои негови услуги, МВР да му прогледало низ прсти. Раководството на Економскиот факултет во Скопје, кое првично му ја нострифицирало дипломата, а од каде одвреме-навреме одат на судски рочишта за фалсикувани дипломи, тврдат дека Џемаили никогаш не одговарал за стореното кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тринаесетгодишно момче нападна двајца врсници во Лондон со нож: уапсен е во џамија
Тринаесетгодишно момче уапсено под сомнение дека избодел двајца ученици во средното училиште Кингсбери во Лондон е поранешен ученик во училиштето, потврди полицијата. Двајцата нападнати ученици, на возраст од 12 и 13 години, се префрлени во болница и се во сериозна состојба. Настанот не се третира како терористички напад, пишува „Скај њуз“.
Главната началничка Хелен Фланаган им изјави на новинарите дека се верува дека осомничениот тинејџер, британски државјанин, влегол во училишната зграда во Брент, северозападен Лондон, и се упатил кон училница на првиот кат.
„Тој влегол во училницата и веруваме дека додека влегувал низ вратата, испрскал ученик со некоја супстанца“, рече Фланаган.
„Потоа осомничениот нападнал друг ученик во училницата, 13-годишник, и го избодел. Потоа избегал, трчајќи по училишниот ходник“, додаде таа. „Додека бегаше, тој нападнал друга жртва, 12-годишно дете, кое исто така го избодел пред да избега од училиштето“, рече таа.
Уапсен во џамија
Полицијата и службите за итни случаи биле повикани околу 12:40 часот, а по обемна потрага, осомничениот бил уапсен кратко по 18 часот. Според началникот Фланаган, дојавата од јавноста била клучна. „Еден граѓанин се јавил во полиција околу 16:50 часот, загрижен за тинејџер што го видел во џамија во северозападен Лондон“, објасни таа.
„Полициските службеници брзо пристигнале и уапсиле 13-годишно момче под сомнение за обид за убиство. Тој останува во притвор. Во овој момент, не веруваме дека осомничениот има каква било посебна врска со џамијата и веруваме дека веројатно бил таму случајно. Сите во џамијата дадоа огромна поддршка на истрагата“, рече Фланаган.
Иако нападот го истражуваше полицијата за борба против тероризмот вчера, инцидентот не е прогласен за терористички инцидент, соопшти полицијата. Во писмо до родителите, директорката на училиштето изјави дека станува збор за „длабоко трауматичен настан за целата училишна заедница“. Министерката за внатрешни работи го опиша нападот како „шокантен“.
Свет
Зеленски: Првпат слушам за 24 февруари како датум на избори во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави, коментирајќи ги извештаите на некои медиуми, дека за прв пат слушнал оти датумот на изборите во Украина може да биде 24 февруари и нагласи дека одржувањето на изборите зависи од безбедносната состојба.
Како што објави Укринформ, претседателот на Украина го кажа ова на новинарите коментирајќи ја информацијата на „Фајненшл тајмс“ за наводната намера да се објави датумот на претседателските избори и референдумот за територијален интегритет на 24 февруари.
„Во врска со изборите и намерата да се објави датумот на 24-ти, ова е прв пат што го слушам тоа. Веројатно првпат го слушнав од „Фајненшл тајмс“. Сега го слушам од вас по втор пат. Второ, многу пати зборував за изборите – ќе дојдеме до нив кога ќе ги има сите потребни безбедносни гаранции“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.
Претседателот на Украина додаде дека прашањето за избори повремено го поставуваат некои партнери, но дека Украина никогаш самата не го иницирала ова прашање.
„Без сомнение, ние сме подготвени за избори. Јас го кажав тоа: само обезбедете прекин на огнот – ќе има избори. Тоа е безбедносно прашање“, додаде тој.
Зеленски, исто така, изјави дека САД ја покренале темата за изборите, но не сакаше да даде детали.
Фајненшл тајмс, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Украина се подготвува за претседателски избори и референдум за мировен договор со Русија, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара организирање на гласањето до 15 мај, заканувајќи се во спротивно дека ќе го условува Киев со негирање на безбедносните гаранции, пренесуваат медиумите.
Свет
Макрон: Единственото решение е Европа да стане независна сила
Францускиот претседател Емануел Макрон денес во Антверпен изјави дека „единственото“ решение за економските закани што ги претставуваат Кина и Соединетите Американски Држави е Европа да стане независна сила.
„Ни треба нова скала и нова брзина во нашиот пристап за да се стави крај на фрагментацијата што ја ослабува и ризикува да ја понижи Европа“, им рече Макрон на бизнис лидерите во Антверпен, Белгија, објавија француските медиуми.
Францускиот претседател повторно ја лансираше идејата за „еврообврзници“, заеднички европски обврзници за финансирање на големи инвестиции и Европа да остане конкурентна со Пекинг и Вашингтон.
„Ако сакаме да инвестираме доволно во одбраната и вселенската безбедност, чистите технологии, вештачката интелигенција и квантното пресметување и да ја трансформираме нашата продуктивност и конкурентност, единственото решение е да се издаде заеднички долг“, додаде Макрон.
Оваа идеја за заеднички европски долг ја застапува Франција со години, но други земји, вклучително и Германија, постојано ја отфрлаат.
„Никогаш не сме живееле во ваков период. Затоа, мора да прифатиме преземање клучни мерки што не се многу вообичаени во традиционалните европски алатки за мерки“, рече Макрон.
Францускиот претседател рече дека Европа е во вонредна ситуација и додаде дека сите треба да бидат свесни за ова бидејќи наскоро ќе биде предоцна.
Макрон, исто така, ги повика земјите кои се подготвени да ги спроведат реформите на единствениот европски пазар предложени од Комисијата, да ја зајакнат соработката, со цел што поскоро да се постигне напредок.

