Европа
Меркел смета дека има волја за договор со Британија и со Турција
Челниците на Европската унија „имаат волја“ да постигнат договор за тоа како да се помогне Велика Британија да остане во Унијата, иако постигнувањето на договорот ќе биде тешко за многу земји, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
„Желбата постои Британија да остане членка на Европската унија. Се покажува дека договорот нема да биде лесен за сите, но волјата постои“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел во петокот утрото.
По повеќечасовните преговори, Меркел изјави дека земјите членки застанале зад заедничкиот европско-турски план за ограничување на бројот на имигрантите во Европа.
„Важно е дека денеска не само што го потврдивме акцискиот план ЕУ-Турција, туку кажавме дека тој е и наш приоритет“, изјави германската канцеларка за новинарите, говорејќи за планот за заштита на европските надворешни граници, намалување на бројот на бегалците и борбата против нелегалната миграција.
Меркел додаде дека Австрија го поддржува планот ЕУ-Турција, и покрај едностраната одлука да воведе дневен лимит за мигрантите „Во Европа, ни секогаш сме партнери“, додаде.
Самитот на ЕУ, кој започна во четвртокот а продолжува во петокот, а на кој главни теми се имиргантската криза и прашањето за излегување или останување на Велика Британија од Унијата, би можело да трае и подолго од предвиденото, изјави за новинарите ирскиот премиер Енда Кени. „Би можело да трае и подолго“, изјави напуштајќи ја зградата во којашто се одржува самитот, мислејќи во прв ред на договорот околу условите за членство на Британија во ЕУ.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, има намера да го претстави нацрт договорот на сите членки околу пладне. И самиот Туск вели дека „засега е постигнат напредок но дека уште многу работи остануваат да се направат,
Италијанскиот премиер Матео Ренци, пак, изјави дека сега сепак е помалку оптимист околу договорот за Британија, отколку кога пристигнал на самитот.
Најтешкото прашање од можниот договор со Лондон останува она кое се однесува на надоместокот за децата на небританските работници, кои не живат со родителите во Велика Британија. Се предлага надоместоците за таквите деца да се индексираат според стандардите на земјите во кои живеат, а не според британскиот стандард, Кај ова прашање дел од земјите не сакаат тоа да се применува ретроактивно, односно за децата на работниците кои веќе работат на Островот, туку само за новодојдените работници или новородените деца на работниците од другите земји членки кои работат во Велика Британија.
Нерешено е и прашањето на периодот на кој би се ограничиле социјалните надоместоци за новодојдените работници. Иако претходно се споменуваше можноста на новодојдените работници да им се ограничи правото на социјалниот надомест во првите четири години од работењето во Велика Британија, неофицијално се дознава дека британскиот премиер Дејвид Камерон го заострил своето барање бара таквите ограничувања да се овозможат на период од вкупно 13 години – во првите седум години, а потоа да може да се продолжува двапати по три години.
Останати се за преговори за уште неколку нерешени прашања, кои се сметаат за полесни од претходните две. Камерон изјави по доаѓањето во Брисел дека сака „веродостоен договор“ за да може да ги убеди своите сограѓани на референдумот да гласаат за останување во Европската унија./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

