Свет
Шверцот на цигари цвета по пазарите
Шверцерите очекуваат бизнисот дополнително да им процвета по новото линеарно поскапување на цигарите од шест денари на 1 април
Шверцерите очекуваат бизнисот дополнително да им процвета по новото линеарно поскапување на цигарите од шест денари на 1 април
„Марлборо“, „лаки“, „бонд“, „бос“, „лорд“…. „Сите видови цигари по најниски цени“. Вака шверцерите на скопските пазари ги мамат граѓаните да купат кутија цигари од под тезга, за „багателна“ цена. На пазарите во земјава цигарите им го одземаат местото на доматите, краставиците и на пиперките. Причината на сите им е јасна. Шверцот со цигари станува многу попрофитабилен бизнис поради поскапувањето на тутунските производи.
Тезгаџиите на еден од пазарите во Скопје на шега велат дека прекупците сега наместо во килограми и во тони размислуваат во кутии. Шверцерите не се плашат да се пофалат дека не можат да постигнат да ги снабдат сите заинтересирани потрошувачи. Очекуваат нивниот бизнис дополнително да процвета по новото линеарно поскапување на цигарите од шест денари на 1 април, бидејќи ќе се зголеми разликата помеѓу цената што тие ја нудат и таа во легалната продажба.
– Откако на први јануари сите цигари поскапеа од 11 до 15 денари, се зголеми бројот на купувачите. Се почесто доаѓаат луѓе и од другиот крај на градот само за да купат цигари. Тоа е нормално бидејќи разликата помеѓу цените на некои видови цигари е речиси двојна. Свесен сум дека шверцот со цигари е штетен за државата, а со тоа и за сите нас, но во услови кога нема друга работа сум принуден да ризикувам. Ќе работам се што е можно, и легално и нелегално, само за да обезбедам храна за моите деца – вели шверцер од скопските пазари.
Надлежните молчат
Во надлежните институции за контрола и спречување на шверцот на цигари (кои се акцизна стока) никој не сака јавно да коментира за зголемувањето на незаконската трговија. И луѓето од тутунските комбинати не сакаат да зборуваат за овој проблем. Според неофицијалните информации, продажбата на цигари со бандероли во првите три месеци од годинава е опадната за околу 40 отсто.
Се очекува драстичен пад и на државните приходи од акцизи и даноци од трговијата со цигари. Во Министерството за финансии велат дека немаат се уште официјални податоци за приходите по овие основи и дека тие се изработуваат квартално. Тоа практично значи дека податоците ќе бидат познати на крајот од овој месец.
Поранешниот директор на Царинската управа Илија Илоски при заминувањето од оваа функција во минатата недела изјави дека има показатели оти шверцот на цигари е зголемен. Но, тој рече дека Царината нема се уште официјални податоци за тоа колкав процент од цигарите во земјава се шверцувани.
Опасно е поскапувањето
Лани од Царината се пофалија дека странска тутунска компанија утврдила оти процентот на шверцувани цигари во Македонија не надминува шест отсто, што е речиси двојно пониско од просекот во земјите од западна Европа. Илоски смета дека шверцот на цигари не е интересен ако тие се евтини бидејќи никој нема да ризикува ако заработката е многу мала.
– Со зголемувањето на цената на цигарите се зголемува и интересот за шверц – вели тој.
Експертите се децидни дека оваа појава не може да се искорени, но дека во интерес на државата може да се сведе на најниско ниво.
– Во земјите од западна Европа, каде што една кутија цигари чини повеќе од 4-5 евра, нормално е да има поголем интерес за шверц на тутунски производи. Иако тие држави имаат многу поорганизирани инспекциски служби, процентот на шверцуваните цигари на пазарот надминува 12 отсто. Токму затоа целта на сите земји во транзиција, како што е Македонија, треба да биде цените на цигарите што е можно повеќе да се задржат на ниво под просекот во развиените земји. Не може да се избегне поскапувањето, но тоа може да се направи постепено, за да нема големи турбуленции на пазарот – објаснуваат експертите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
И Македонија на листата на земји во кои САД ја запираат обработката на имигрантски визи, според „Фокс Њуз“
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја запира обработката на имигрантски визи за апликанти од 75 земји, соопшти во средата Стејт департмент.
Стејт департментот на социјалната мрежа „Икс“ наведе дека ќе ја суспендира обработката на имигрантски визи за 75 земји чии мигранти, според наводите, користат социјална помош од американските даночни обврзници во неприфатливо висока мера.
За суспензијата на обработката на визите прв објави „Фокс њуз„, повикувајќи се на меморандум на Стејт департментот.
Според извештајот на „Фокс њуз“, меѓу тие 75 земји се Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Извештајот го спомена и портпаролката на Белата куќа Каролајн Ливит.
На списокот се и Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Русија, пренесе „Радио Слободна Европа“.
Иако Стејт департментот сè уште не објавил официјална листа, во една од објавите на „Икс“ наведе дека „паузата влијае на десетици земји – вклучувајќи ги Сомалија, Хаити, Иран и Еритреја – чии имигранти често стануваат јавен товар за Соединетите Американски Држави веднаш по пристигнувањето“.
„Работиме на тоа да обезбедиме великодушноста на американскиот народ повеќе да не биде злоупотребувана“, додаде Стејт департментот.
Суспензијата на обработката на барањата за имигрантски визи од наведените 75 земји ќе почне на 21 јануари, објави Фокс њуз, додавајќи дека меморандумот им наложува на американските амбасади да ги одбиваат визите согласно важечкиот закон, додека Стејт департментот ги преиспитува своите процедури.
Суспензијата на обработката на визите се поклопува со мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата.
Трамп во ноември вети дека ќе „трајно ја паузира“ миграцијата од сите „земји од третиот свет“ по пукањето во близина на Белата куќа, кое го извршил авганистански државјанин, при што загинал припадник на Националната гарда.
САД долго време одбиваа визи на лица за кои се сметало дека на крајот ќе имаат потреба од државна социјална помош, но Стејт департментот соопшти дека сега ќе го користи истото овластување за целосна суспензија на имигрантски визи врз основа на националност, наведува АФП.
Стејт департментот во понеделникот соопшти дека од враќањето на Трамп поништил повеќе од 100.000 визи, што претставува рекорд за една година.
Министерството за внатрешна безбедност минатиот месец соопшти дека администрацијата на Трамп депортирала повеќе од 605.000 луѓе, а уште 2,5 милиони ја напуштиле земјата доброволно.
Свет
(Видео) Сведоци за несреќата на Тајланд: „Почнаа да паѓаат мали парчиња, па кранот се урна врз возот“
Во североисточниот дел на Тајланд, околу 9 часот по локално време, кран падна директно врз воз во движење, при што возот излетал од шините, а неколку вагони биле згмечени, од кои еден се запалил.
Во моментот на несреќата во возот имало 171 патник. Меѓу повредените има едногодишно дете и лице на возраст од 85 години, а седум лица се во критична состојба.
Локалните медиуми јавуваат дека кранoт подигал голем бетонски елемент кој паднал врз возот и предизвикал излетување на повеќе вагони. Спасувачките екипи со часови ги извлекувале патниците од уништената композиција.
Еден од преживеаните изјавил дека патниците биле буквално фрлени во воздух, додека очевидци за Би-Би-Си Тајланд рекле дека целиот инцидент траел помалку од една минута.
„Почнаа да паѓаат мали парчиња, како бетонски фрагменти. После тоа, кранот се спушти и силно се урна врз возот“, рече жена – сведок на настанот.
„Целиот инцидент траеше помалку од една минута“, додаде таа.
Државните железници на Тајланд покренаа истрага и најавија тужба против градежната компанија одговорна за кранoт. Компанијата Italian-Thai Development соопшти дека ќе обезбеди обештетување и помош за семејствата на загинатите и повредените.
Тајландскиот премиер порача дека „некој мора да сноси одговорност“, оценувајќи дека вакви несреќи се последица на немар и непочитување на процедурите.
Фото: ЕПА
Свет
Украина доби нови министри за одбрана и енергетика: „Потребни се значајни промени“
Украинскиот парламент денеска го именуваше младиот технократ Михаил Федоров за министер за одбрана, додека владата се обидува да поттикне иновации со цел зајакнување на армијата во предизвикувачка фаза од речиси четиригодишната војна.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека му наредил на 34-годишниот Федоров брзо да ги спроведе одлуките за заштита на украинското небо, зајакнување на снабдувањето на фронтот и воведување дополнителни технолошки решенија со цел запирање на руското напредување. Исцрпената украинска војска е надвладеана и по бројност и по вооружување на бојното поле. Руските сили континуирано напредуваат во источниот регион Доњецк и се обидуваат да ги пробијат одбранбените линии на југот и североистокот.
Со оглед на тоа што дипломатските напори за завршување на војната не донесоа опипливи резултати, Киев треба да ги зајакне своите вооружени сили, кои бројат околу еден милион луѓе. Зеленски истакна дека се потребни многу позначајни промени во системот за мобилизација на војниците.
„Веќе се донесени одлуки со цел да се обезбеди поправедна распределба на персоналот меѓу борбените бригади“, изјави Зеленски.
Федоров и претходно имал важна улога во високотехнолошкиот одговор на руската инвазија, како прв заменик-премиер и министер за дигитална трансформација. Покрај зајакнувањето на одбранбените напори, Украина треба да спроведе и значајни промени за стабилизирање на ослабениот енергетски сектор.
Парламентот го именуваше поранешниот премиер Денис Шмигал за нов министер за енергетика. Неговиот претходник беше разрешен во ноември, откако антикорупциските агенции открија афера во која биле украдени 100 милиони долари од украинската државна компанија за нуклеарна енергија.
Двајцата нови министри ги преземаат функциите неколку недели по корупцискиот скандал во енергетскиот сектор, кој ја предизвика најголемата политичка криза во Украина за време на војната и доведе до широко распространет јавен гнев кон владата. По скандалот, Зеленски разреши неколку безбедносни функционери и го назначи популарниот шеф на разузнавачката служба за шеф на својот кабинет.
Фото: depositphotos

