Свет
Рускиот министер за финансии поднесе оставка по спорот со претседателот Медведев
Рускиот министер за финансии Алексеи Кудрин денеска даде оставка на функцијата, која Кремљ веднаш ја прифати.
Рускиот министер за финансии Алексеи Кудрин денеска даде оставка на функцијата, која Кремљ веднаш ја прифати.
„Претседателот на републиката го потпиша декретот за оставка на заменик-премиерот и министер за финансии Алексеј Кудрин“, кусо изјави портпаролката на претседателот, Наталија Тимакова.
Претходно, претседателот Медведев го повика министерот за финансии Алексеј Кудрин во текот на денот да поднесе оставка или да ја потврди својата лојалност, во налутената реакција на изјавата на Кудрин дека нема намера да учествува во владата која ќе ја предводи идниот премиер на Русија, Медведев.
„Таквите изјави со ништо не можат да се оправдаат. Никој не ја укинал дисциплината и хиерархијата. Ако не се согласувате со политиката на претседателот, за чие спроведување е одговорна владата, има само едно нешто што можете да го сторите – да поднесете оставка. Ако оценувате дека постојат несогласувања, можете оставката да ја потпишете сега и тука“, рече Медведев.
Кудрин, кој на прес-конференцијата стоел веднаш до Медведев, изгледал вџашено, пренесува Reuters.
„Точно е дека постојат несогласувања и ќе ја донесам одлука за вашиот предлог по разговорот со премиерот Путин“, одговорил Кудрин.
„Можете да побарате совет од кого сакате, но додека јас сум претседател, таквите одлуки ги носам јас“, возвратил Медведев, иако тој, како претседател на државата, нема овластување да менува министри.
Вербалниот дуел се случил на средба во Дмитровград, два дена откако стана јасно дека Медведев и Путин наредната година ќе ги заменат функциите. Веднаш по објавувањето на таа вест, Кудрин, кој е министер за финансии уште од 2000 година и е најдолго на таа должност од сите свои колеги во Г8 (групата од осум најразвиени земји на светот) и затоа е многу ценет во меѓународните деловни кругови, во неделата изјави дека нема да учествува во владата на Медведев бидејќи не се согласува со неговата економска политика.
Денеска, поради загриженоста која ја покажаа деловните кругови, Кудрин, сепак, ја ублажи изјавата.
„Реков дека сум подготвен да работам на која и да е позиција на која можам да помогнам во поттикнувањето на реформите, а не исклучиво во владата“, изјави тој денеска.
Педесетгодишниот Кудрин е близок соработник на Путин уште кога заедно работеле во градската управа на Санкт Петербург. Тој ја задржа функцијата министер за финансии цели 11 години, во двата мандата на Путин и претседателскиот и сегашниот премиерски. /крај/хина/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија се обиде да го блокира WhatsApp: промовира апликација во државна сопственост
Американската технолошка компанија Мета соопшти дека руските власти се обиделе да ја блокираат нејзината апликација за пораки WhatsApp во обид да ги принудат корисниците да се префрлат на конкурентска услуга контролирана од владата.
„Руската влада се обиде целосно да го блокира WhatsApp со цел да ги насочи граѓаните кон апликација контролирана од државата“, рече Мета.
„Правиме сè што можеме за да ги одржиме нашите корисници поврзани“, се додава во соопштението.
Фајненшл тајмс претходно објави дека руските власти го отстраниле WhatsApp, кој има околу 100 милиони корисници во Русија, од онлајн регистарот на апликации што ги води Роскомнадзор, државниот регулатор за комуникации.
Овој потег се смета за дел од пошироката стратегија за ограничување на пристапот до платформи што не се директно контролирани од руските безбедносни служби. Рускиот регулатор веќе воведе ограничувања за Telegram претходно оваа недела, објави Франс Прес.
Руските власти вршат притисок за префрлување на MAX, за кој критичарите велат дека овозможува надзор на корисниците, објави Ројтерс.
Европа
Киев повторно цел на голем руски ракетен напад
Украинскиот главен град Киев повторно беше погоден од голем руски ракетен напад рано утрово, при што беа погодени неколку згради, соопштија локалните власти. „Масовниот напад врз главниот град е сè уште во тек“, изјави градоначалникот Виталиј Кличко на платформата Телеграм.
Тој рече дека се погодени згради од двете страни на реката Днепар. Нема непосредни извештаи за жртви, но на местото на настанот се испратени екипи за итна медицинска помош. Тимур Ткаченко, шефот на воената администрација во Киев, потврди најмалку еден удар во источните предградија, додека сведоци на Ројтерс пријавија силни експлозии што одекнуваа низ целиот град.
Југоисточниот град Днепар, исто така, беше погоден, изјави регионалниот гувернер Олександр Ганжа. Неколку приватни домови и автомобили беа оштетени, но немаше непосредни извештаи за жртви. Воздушните напади останаа на сила во Киев и Днепар долго по полноќ.
Регион
Косово доби нова влада, Курти повторно е премиер
Парламентот на Косово ја изгласа новата влада, повторно предводена од премиерот Албин Курти, по повеќе од една година политички ќорсокак во најмладата земја во Европа.
Новата влада на Курти беше потврдена со 66 гласови „за“ во парламентот со 120 места. Неговата партија „Ветевендосје“ (Самоопределување) освои 57 места на декемвриските избори, а тој успеа да добие поддршка од неколку мали партии на етничките малцинства.
Новата влада се соочува со итни задачи за одобрување на буџетот за 2026 година и обезбедување меѓународни заеми и пакети за помош во вредност од стотици милиони евра, пишува Ројтерс.
„Во следните четири години, ќе ги зајакнеме сојузите и ќе инвестираме една милијарда евра во одбрана“, им рече Курти на пратениците пред гласањето.
„Ќе ставиме во употреба фабрика за муниција, ќе ја развиеме воената индустрија на Косово и ќе произведуваме домашни борбени беспилотни летала.“
Земјата со 1,6 милиони луѓе одржа предвремени избори во декември 2025 година по неубедливите резултати во февруари.
Курти кратко беше премиер во 2020 година, сè додека не беше изгласан за разрешување од функцијата. Потоа беше премиер од 2021 до 2025 година, а изминатата година ја помина водејќи привремена влада.
Косовскиот парламент сега мора да избере и нов претседател до 5 март, процес што ќе се покаже како предизвикувачки бидејќи бара двотретинско мнозинство. Без таква поддршка, на Курти ќе му биде потребна поддршката од опозицијата или ќе се соочи со уште едни предвремени избори, објави Ројтерс.

