Свет
Препарирана изјава дадена во истрагата за случајот „Југ“?
Возачот Даворин Спенџарски вчера рече дека изјавата дадена пред истражен судија била различна од онаа што тој ја прочитал во записникот
ОБВИНЕТ ЗА КРИУМЧАРЕЊЕ МИГРАНТИ ОБВИНУВА
Возачот Даворин Спенџарски вчера рече дека изјавата дадена пред истражен судија била различна од онаа што тој ја прочитал во записникот
Даворин Спенџарски, еден од обвинетите за криумчарење мигранти, вчера изјави дека некој ја препарирал неговата изјава дадена пред истражен судија за случајот „Југ“. Обвинетиот Спенџарски тврди дека за време на истрагата покрај надлежните истражни органи бил присутен и некој човек кој постојано додавал зборови откако тој ќе кажел нешто.
– Подоцна кога го видов записникот од истрагата забележав дека таму пишува различно од она што јас навистина го кажав. Преку затворската управа писмено се обратив до судот за да бидам повторно испрашан од истражен судија, но не добив никаков одговор – изјави Спенџарски.
Тој кажа дека бил возач, но оти не знаел за шверцот на мигранти.
За настанот за кој судот го товари тој изјави:
– Заедно со Звонко Рушковски со камион тргнавме за Грција, каде што тој требаше да товари кокс. Пред Гевгелија јас излегов од камионот оти немав виза, а требаше да одам и на веридба во Берово. Не знам како можеле да влезат мигранти во камионот – рече Спенџарски.
Вчера на продолжението на судењето за случајот „Југ“ одбрана даде и обвинетиот возач Драган Милановски од Куманово.
Тој призна дека во еден случај шверцувал мигранти за Грција, а работата му ја понудил Дејан Стамков, првообвинетиот во случајот.
Пред да ја прифати работата Стамков му рекол оти имал негов човек на граница кој ќе го чека. Милановски со камион дошол на паркингот „Адриатику“ кај Куманово каде што биле товарени осум мигранти меѓу кои и еден малолетник. Истиот ден тој бил уапсен кај Гевгелија.
– Не знаев дека меѓу илегалците има и малолетник. Тој беше две глави повисок од мене, а беше и покрупен. За неговата возраст дознав во полиција. За превозот требаше да добијам 1.000 евра – изјави пред судот обвинетиот Милановски.
Интересно е тоа што тој за истиот случај неодамна бил веќе осуден во Основниот суд во Гевгелија на 4 години затвор. Дел од адвокатите реагираа на тоа со образложение дека со тоа е непознато каков треба да биде неговиот статус во текот на судењето.
Адвокатите објаснуваат дека Милановски во Гевгелија бил осуден за криумчарење како поединец, а во овој случај тој бил обвинет како дел од организирана група.
Судењето се одвива со голема брзина и досега се испрашани половина од вкупно 28 обвинети во случајот. Судењето продолжува во понеделник со распит на останатите обвинети.
(А.М.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рутe: Со понатамошни напади, Русија покажува дека нема сериозна намера да постигне мир
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека Русија, и покрај дипломатските напори на Соединетите Американски Држави и Украина за прекин на војната, продолжува да напаѓа украински градови, што, според него, укажува дека намерите на Кремљ за постигнување мир не се сериозни.
„Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим се обидуваат да го спречат крвопролевањето. Јасно е дека Украина е подготвена да го поддржи ова со сите свои сили. Тука е постигнат важен напредок, но Русија напаѓа, последниот напад се случи вечерва. Ова покажува дека тие не се сериозни во врска со мирот“, рече Руте за време на неговото обраќање во украинскиот парламент пред Врховната рада, пренесува Укринформ.
Руте рече дека Русија веќе претрпе повеќе од еден милион жртви во војната што започна во Украина и дека и покрај подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи да ги трпи овие жртви, сите достигнувања на бојното поле се многу болни за Русите.
„Кина, Северна Кореја, Иран продолжуваат да ја поддржуваат Русија, но економијата на Путин продолжува да страда, а зголемениот притисок врз руската флота „од сенка“ исто така има влијание. Ќе продолжиме да вршиме притисок врз Русија и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“, рече Руте.
Руте, исто така, рече дека постигнувањето мировен договор за завршување на војната во Украина ќе бара тешки одлуки, пренесува Ројтерс.
Според него, програмата за купување оружје на PURL обезбедува 90 проценти од ракетите за украинската воздушна одбрана, пренесува Танјуг.
Свет
„Се чувтсвувам како идиот“: Лајчак проговори за контроверзните пораки со Епштајн
Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, изјави дека се чувствува „како идиот“ по објавувањето на новите СМС-пораки во аферата со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
„Искрено, не се сеќавам на тие пораки. Не можам ниту да ги потврдам, ниту да ги негирам. Се чувствувам како идиот“ – рече словачкиот дипломат, откако ги препрочита пораките.
Тој призна дека имал лоша проценка и „несоодветна комуникација“, но негираше вмешаност во какви било кривични дела, нагласувајќи дека пораките биле „само глупави машки разговори“.
Лајчак објасни дека пристигнал во Њујорк во 2017 година на едногодишна функција во Обединетите нации и дека бил запознаен со Џефри Епштајн од страна на висок странски дипломат. Според него, Епштајн бил широко познат и се сретнал со бројни бизнис и политички личности од САД и од странство.
Лајчак рече дека не гледа причина да не се сретне со него, тврдејќи дека воспоставувањето контакти е дел од неговата работа, пишуваат медиумите.
„Зошто јас, човек од Словачка, не би го прифатил тоа? Тој беше вреден контакт“ – рече Лајчак, истакнувајќи дека подоцна дознал за пресудата на Епштајн за сексуален прекршок во 2008 година, но забележал дека многу влијателни личности продолжиле да се дружат со него и по тоа.
Ова, додаде тој, го навело да верува дека „не е проблем да се прави истото“.
– Мојот однос со него се темелел на зборови, а не на дела. Денес ја плаќам цената на комуникацијата и познанството со него – рече Лајчак.
Тој ги осуди злосторствата што излегоа на виделина по апсењето на Епштајн во 2019 година.
Тој, исто така, потврди дека го посетил станот на Епштајн, но рече дека биле присутни и други бизнис и политички личности.
„Немало девојки. Овој дел од животот на Епштајн ми беше непознат. Тој не зборуваше за тоа, а јас не го прашав. Мојата совест е чиста“ – нагласи Лајчак, според написите.
Фото: ЕПА
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)

