Македонија
Се реконструираат тротоарите во центарот на Скопје

Град Скопје започнува со реконструкција на тротоарите и пешачките патеки по должината на неколку клучни улици и булевари, во централното градско подрачје, акција која ќе чини околу 600 илјади евра.
Град Скопје започнува со реконструкција на тротоарите и пешачките патеки по должината на неколку клучни улици и булевари, во централното градско подрачје, акција која ќе чини околу 600 илјади евра.Со реконструкцијата на тротоарите од двете страни на булеварот „Гоце Делчев“ од мостот „Гоце Делчев“ до зградата на НУБ „Свети Климент Охридски“, денеска започна првата фаза од реконструкцијата. Деновиве ќе се реконструираат и тротоарите на булеварот „Стив Наумов“ од хотелот Холидеј Ин до мостот „Гоце Делчев“, како и тротоарите на булеварот „ВМРО“ од мостот „Гоце Делчев“ до булеварот „Партизански одреди“ и на булеварот „Даме Груев“ од булеварот „Партизански одреди“ до трговскиот центар Палома Бјанка и од објектот Тифани до соборниот храм „Климент Охридски“.За две недели се очекува да започне втората фаза од реконструкцијата на тротоарите на булеварите „Васил Аџиларски“ и на булеварот „11 Октомври“ на делот пред паркот „Жена борец„.„Во фаза сме со проширување на булеварот „Климент Охридски“ и со самото проширување на булеварот ќе бидат направени и тротоарите, што е во истиот тендер во проширувањето на булеварот. На овој начин ќе придонесеме за подобро движење на велосипедите и пешаците по тротоарите кои што се на овие булевари„ – изјави градоначалникот Коце Трајановски при отпочнувањето на градежните работи. Оштетените тротоари ќе се раскопаат, ќе се реконструира подлогата и ќе се покријат со бетонски префабрикувани плочи.Трајановски рече дека ќе се поставуваат различен вид на плочи, во зависност на која локација се наоѓа во зависност од оддалеченоста од централното градско подрачје.Според него најоштетени делови од тротоарите се оние на раскрсниците и околу семафорите.За дел од булеварите кои Градот ги реконструираше во изминативе месеци веќе е завршен надзорот од Градежниот факултет и констатирано е дека отстапувањата се во дозволени рамки. Меѓутоа како што рече Трајановски во реконструкцијата на одредени булевари како оној кај трговскиот центар Рамстор, не е постигнат посакуваниот квалитет, поради што за изведувачот на градежните работи ќе следат казнени поени. крај/к.с.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши – фон дер Лајен: Економска интеграција на единствениот европски пазар пред интеграција во ЕУ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во рамките на нејзината тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, е во посета на земјава. На средбата присуствуваше и заменикот на генералниот секретар на Собранието, Бобан Стојаноски.
Посакувајќи и добредојде во Собранието во име на пратениците, претседателот Гаши истакна дека оваа посета ја разбира како поддршка и афирмација на цврстата определба на државата да остане на европскиот пат.
Понатаму истакна дека за Северна Македонија, како земја кандидат, Европската Унија не е само политички и економски блок, туку претставува посветеност на вредностите како демократијата, владеењето на правото, човековите права и солидарноста.
Истакна дека и кога земјата се соочувала со најголемите предизвици, граѓаните не се поколебале во однос на членството во ЕУ.
Нагласи дека слоганот на ЕУ „обединети во различностите„ најдобро ја опишува Северна Македонија, а изрази и благодарност за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој ветува значително подобрување на економскиот и социјалниот развој на државите во регионот и нивна поголема интеграција во ЕУ.
Македонија
Мицкоски: СДСМ кампањата ја темели на учителот на Венко, Зоран Заев

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од вечерашниот митинг одржан во општина Берово, во рамки на изборната кампања под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври, истакнувајќи дека програмата е прецизна со јасни рокови и мерки насочени кон потребите на граѓаните, а воедно се осврна и на опозицијата, за која, како што кажа, нема конкретни проекти и чија кампања се темели на нивниот учител и гуру, Зоран Заев.
„Ние на овие избори излеговме со прецизна програма, со рокови, за прецизни работи неопходни за граѓаните, а од нив не слушнавме буквално ниту еден проект. Но слушнавме затоа за нови подароци кон нашиот источен сосед слушнавме за непринципиелни коалиции, слушнавме за соработка и ишарети со ДУИ, слушнавме дека судиите и обвинителите, оние истите со 2% рејтинг биле професионалци, но не само што слушавме туку и гледаме како кампањата им се потпира исклучиво на политичкиот гуру на нивниот претседател Венко Филипче, а тоа е Зоран Заев. Тој велеше дека ќе одел во политичка пензија, а гледаме како буквално грчевито се бори да си ја одбрани инвестицијата во СДСМ, исто како што ги брани инвестициите во Дубаи. За овие луѓе политиката е бизнис, а за нас е начин како да им помогнеме на граѓаните. И она што е толку очигледно е нивното разбирање за домот. Нивниот дом никогаш не бил нашиот дом, а тоа се маалата, улиците, игралиштата, парковите, срдечноста во погледот, во ракувањето и поздравот со секој еден од вас, во искрениот напор да направиме повеќе за Берово, повеќе заедничко за нашата татковина и преубава Македонија“, вели Мицкоски.
Мицкоски изјави дека СДСМ се бори само за бизниси, тендери, зделки и профитирање на нечесен начин, а не за интересите на граѓаните, како и дека се гледа нивниот политички крај и соочување со правдата.
„Нивниот дом за кој се борат се бизнисите, тендерите, зделките во четири очи, фабриките за марихуана, желбата да се профитира на нечесен и криминален начин. И знаат дека со секој глас повеќе, со секоја поддршка повеќе за нас, тие се готови, а така го гледаат во очи нивниот политички крај. А политичкиот крај значи и соочување со она од што најмногу се плашат, а тоа е правдата. Сето ова за што ви зборувам, драги мои, можевте да го видите на филмска лента во изминативе две и пол недели од оваа кампања за првиот круг на овие локални избори. Сосема извесно е дека со еден избор одите напред, а со друг се враќаме назад. Сетете се само на оние 7 години кога влада беа СДСМ и ДУИ. Со еден избор се борите за твоето маало, за твојата општина и заедничката иднина, а со другиот се борите за нивните лични интереси. Затоа на овие избори е пресудно и клучно најпрвин да излезете да гласате“, рече Мицкоски.
Мицкоски упати порака за излезеност на 19 октомври и поддршка за градоначалникот, Петар Ружински, за големи проекти и развој на општина Берово.
Македонија
Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство

Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство, информира Министерството за култура и туризам.
„Во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во Струга, информира дека министерот Љутков е во координација со надлежните институции за преземање на соодветни мерки. Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека при увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект.
НУ Завод и музеј – Охрид го доставил наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување.
Од Министерството велат дека инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година..
„Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава“, велат од Министерството.
Владо Малески (5 септември 1919 – 23 септември 1984) е истакнат македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“. Роден е во Струга.
Фото: фејсбук