Свет
„Сухоите“ веќе продадени, а продажбата воена тајна?!
Владата
ги продала четирите руски „сухои“, борбените летала што ги купи од Украина за
време конфликтот во 2001 година, дознаваме од извори во Министерството за
одбрана.
КОЈ И ПО КОЈА ЦЕНА ОТУЃИ ДЕЛ ОД
МАКЕДОНСКАТА АВИЈАЦИЈА?
Владата
ги продала четирите руски „сухои“, борбените летала што ги купи од Украина за
време конфликтот во 2001 година, дознаваме од извори во Министерството за
одбрана.
Продажбата била договорена со една поранешна советска република, но
Министерството за одбрана одбива да соопшти какви било детали за зделката, а
уште помалку пак некој сака да одговори на прашањето по која цена е тоа
сторено. Леталата своевремено беа купени за 6,8 милиони долари, односно по 1,7
милиони долари за еден авион.
Според извори од Министерството, „сухоите“ се уште се во земјава бидејќи во
моментов се правеле договори за избор на фирма што би ги транспортирала
авионите. Во Министерството за одбрана вчера ниту ги демантираа ниту ги
потврдија информациите.
– Немаме коментар – изјавија од кабинетот на министерот Лазе Еленовски.
Во недостиг на официјални информации, уште се шпекулира и тоа дека можен
купувач на авионите била и државата Јемен.
Поранешниот премиер и министер на МО , Владо Бучковски, пред неколку месеци
изјави дека „воениот музеј би било одлично место за руските авиони“. Бучковски
беше министерот во МО во чие време беа купени руските воени летала. Лазе
Еленовски, актуелниот министер за одбрана, по стапувањето на функцијата изјави
дека авионите и борбените хеликоптери набавени за време кризата треба да бидат
продадени.
Владата кон крајот на 2004 година одлучи дека „сухоите“ треба да бидат
продадени бидејќи со новиот стратегиски одбранбен преглед и со новата формација
на вооружените сили, за нив не било предвидено место во военото
воздухопловство. МО тогаш оцени дека нивното одржување било прескапо за воениот
буџет, а оперативните способности можеле да се надоместат со хеликоптерските
единици на АРМ.
Следуваа остри реакции од експертите за воено воздухопловство кои тврдеа дека со
мали корекции „сухоите“ многу лесно би се адаптирале според НАТО-стандардите.
Станува збор за „сухои“ од типот „Су25“ што се опремени со тешко оружје. Според
регистарот на НАТО, овој авион е заведен под името „жабја нога“, а според
борбените карактеристики бил сличен со американскиот авион А-10 „тандербол“,
кој беше користен во НАТО нападите против југословенската војска на Косово.
Освен за воздушни битки, „Су25“ авионите имале одлични перформанси за
бомбардирање на воени цели од мали височини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД и Русија преговараат за продолжување на нуклеарниот договор
Соединетите Американски Држави и Русија се приближуваат до договор за продолжување на почитувањето на ограничувањата од нуклеарниот договор Нов СТАРТ и по неговото истекување, објави Аксиос, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Разговорите се воделе во Абу Даби во изминатите 24 часа, но засега не е постигнат конечен договор. Белата куќа не го коментираше извештајот. Во меѓувреме, американската војска соопшти дека САД и Русија се согласиле да го продолжат воениот дијалог на високо ниво.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија останува подготвена за дијалог со Вашингтон доколку има „конструктивен одговор“ на предлогот на Москва за продолжување на ограничувањата од договорот Нов СТАРТ. Договорот, потпишан во 2010 година, веќе еднаш беше продолжен за пет години, а секое ново продолжување бара посебна извршна одлука.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе одлучи за следните чекори поврзани со контролата на нуклеарното вооружување, а истовремено изрази желба Кина да се вклучи во идни договори, што Пекинг досега го одбива.
Американската војска оцени дека одржувањето на воениот дијалог е важно за глобалната стабилност и деескалација, нагласувајќи дека повторното воспоставување на комуникацијата доаѓа по средбите на високи воени претставници во Абу Даби.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.
Свет
Трамп на Молитвениот појадок: Веројатно ќе одам во рајот
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека верува оти „веројатно ќе одам во рајот“.
„Навистина мислам дека ќе стигнам таму. Не сум совршен кандидат, но направив многу добро за совршени луѓе“, рече Трамп за време на говорот на Молитвениот појадок во хотелот „Вашингтон Хилтон“, објави CNN.
На настан на кој присуствуваа неколку членови на Претставничкиот дом и Сенатот, Трамп рече дека „сè уште се шегува“ за своето „патување во рајот“.
Тој тврдеше дека често избира да биде „саркастичен“ кога комуницира со медиумите, велејќи дека се обидува да се потсмева на начинот на кој се пренесуваат неговите изјави.
Трамп го нарече републиканскиот претставник од Кентаки, Томас Маси, кој се спротивставува на некои од клучните законски предлози на Трамп, „кретен“, додавајќи дека Маси би гласал против речиси секој закон што ќе биде донесен во Претставничкиот дом.
„Тој автоматски вели „не“ без разлика што е. Нешто не е во ред со него“, вели Трамп, пренесува медиумот.
Прославата по повод Молитвениот појадок за прв пат се одржа во 1953 година, а претходно вклучуваше појадок и посебен настан во Конгресот, додека оваа година се слави заедно со членовите на Сенатот со цел да се продолжи „традицијата на единствена молитва“, пренесува Танјуг.

