Вести
Русија го предупреди НАТО за последиците од воените активности во Црното Море
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/11/aleksandr20grusko.jpg)
Русија на состанокот на Советот НАТО – Русија кој се одржа во средата во Брисел, ја предупреди Алијансата за негативните последици од нејзините воени активности во регионот на Црното Море и повторува дека во источна Украина нема никакви активности на нејзините сили, изјави рускиот амбасадор во НАТО, Алескандр Грушко.
„Зборувавме за прашањето на Црното Море. Од наша страна рековме дека сметаме оти секои зголемување на воените активности на земјите на НАТО во црноморскиот регион ја дестабилизира ситуацијата и не придонесува за безбедноста во регионот“, изјави Грушко за новинарите.
На самитот на НАТО во Варшава минатата седмица, во заедничка изјава НАТО и Украина изразија загриженост во врска со наводни планови на Русија за зголемување на своето воено присуството во регионот на Црното Море. Од своја страна Москва одговори дека нејзините планови се поврзани и претставуваат одговор на плановите на НАТО за создавање постојна флота на Алијансата во Црното Море.
Москва, пак, истакна дека како одговор на зголемените поморски сили на НАТО во Црното Море ќе стори сé за да не биде нарушена рамнотежата на силите во регионот.
Според Конвенцијата од Монтре од 1936 година, земјите што немаат излез на Црно Море не смеат на таа територија да ги задржуваат своите воени бродови подолго од 21 ден. Според тоа, постојано присуство на земји на НАТО во водите на Црното Море може да си дозволат само Бугарија, Романија и Турција. Притоа бугарските челници изјавија дека не сакаат да ѝ се приклучат на флотата на НАТО, за да не се милитаризира црноморскиот регионот, додека другите две членки Турција и Романија, како и нечленката Украина сакаа создавање ваква флота на западната алијанса.
Седиштето на руската Црноморска флота историски е во Севастопол, на полуостровот Крим кој се отцепи од Украина и се присоедини на Руската Федерација, што Западот го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија.
За Украина
Рускиот амбасадор во НАТО, Грушко изјави дека на средбата со своите колеги од земјите членки на Алијансата истакнал оти не постои никаква воена активност на Русија во Украина и оти за решавање на кризата во оваа земја за која Москва е упорна дека претставува внатрешноукраински конфликт е неопходно да се исполнат политичките делови од договорот од Минск, кои меѓу другото подразбираат и давање специјален статус и голем степен на автономно управување на побунетиот рускојазичен региони Донбас.
„Во прв ред, неопходно е да се дојде до политичко решение врз основа на договорот од Минск. Тоа е едно од прашањата за коишто дискутиравме“, рече Грушко.
Додаде дека за тоа постојат различни механизми, вклучително и „Нормандиската четворка“ (Украина, Русија, Франција и Германија – з.р.), Контактната група (меѓу властите во Киев и во самопрогласените народни републики во Донецк и Луганск –з.р,), механизмите на ОБСЕ.
„Решението на украинската криза зависи од способноста на властите во Киев да ги исполнат оние чекори, кои беа идентификувани“, укажа рускиот дипломат.
„Во секој случај, никаква руска воена активност во Украина нема“, категоричен е Грушко.
Но посочи дека на состанокот на Советот НАТО – Русија, изразил загриженоста во врска со ситуацијата во Донбас, каде што е забележан пораст на нападите од страна на силите на Киев. Претходно во средата и рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор со францускиот колега Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел изрази загриженост од секојдневните бомбардирања од страна на украинските сили врз населените места во Донбас.
„Изразивме загриженост во врска со континуираното влошување на ситуацијата во југоисточниот дел на Украина. Сведоци сме не само за продолжување на прекршувањето на прекинот на огнот, туку и на зголемување на нападите, во прв ред од страна на Украина“, рече Грушко.
Прецизираше дека најголем број од гранатирањата се регистрирани во Донецк и Луганск, што ја докажува одговорноста на властите во Киев. „Притоа укажавме дна тоа дека трајно решение не е возможно без придвижувања во двете насоки –безбедносната и политичката“, додаде амбасадорот на Русија во НАТО./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.