Свет
Русија гради пловечка нуклеарна централа
Првата пловечка нуклеарна централа „Академик Ломоносов“ ќе ја изгради до 2016 година Балтијскиот завод во Санкт Петербург.
Таа ќе овозможи обезбедување на енергија, греење и вода за пристанишен град со 200 илјади жители, индустриски реон или офшор нафтена платформа во Арктикот, пишуваат украинските медиуми.
Изградбата на пловечката нуклеарка Русија ја започна во 2007 година во фабриката Севмаш во Северодвинс, но по една година беше преселена во Санкт Петербург.
„Мораме да ја предадеме пловечката нуклеарка во септември 2016 година. Сега е период на подготовки, купуваме опрема, материјали. Наскоро ќе ги вградиме реакторите“, рече на 6 Меѓународен воено-поморски саем генералниот директор на Балтискиот завод Александар Вознесенски.
Според неговите зборови, при изработката на пловечката нуклеарна електрана користени се технологии на изработка на нуклеарни мразокршачи кои за време од 50 години биле тестирани во суровите услови на Арктикот.
„Академик Ломоносов“ ќе има зафатнина од делот под вода од 21.500 тони, должината на бродот ќе биде 144, додека ширината 30 метри.
Екипажот ќе го сочинуваат 69 луѓе, а пловечката нуклеарна централа нема да има сопствени мотори, туку ќе ја транспортира реморкер.
Електраната ќе има два реактора од типот како за мразокршач, со капацитет од по 300 мегавати топлотна енергија, а покрај производството на електрична и топлинска енергија, електраната ќе може да се користи и за производство на 240 милиони кубни метри вода, која ќе се добива со десолинизација.
„Академик Ломоносов“ ќе може и да се изнајмува на земјите со тешко достапни територии на кои изградбата на електрана на земја е или многу опасно, или многу скапо.
Околу 15 земји, меѓу кои Кина, Канада, Индонезија, малезија, Алжир, Намибија и Аргентина, покажале интерес за пловечката нуклеарка.
Идејата за пловечка нуклеарна централа не е нова. Први почнаа да ги градат Американците, уште во 1961 година, вложувајќи во нив за 15 години 180 милиони долари.
Но, проектот пропадна, па во 1976 година беше затворен од безбедносни причини, но и економска неефикасност, како и протест на еколозите. /крај/та/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Европските дипломати претпазливи во врска со подемот на Венс, оценуваат експертите
Европските сојузници внимателно го следат политичкиот подем на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кого некои аналитичари го сметаат за поидеолошки профилирана фигура од сегашниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Според експертите интервјуирани од „Политико“, доколку Венс стане шеф на државата, тој би можел да тргне по многу поинаков курс во надворешната политика, со понагласени елементи на изолационизам.
Дел од европските дипломати, како што е наведено, не очекуваат Венс да ја продолжи улогата на САД како клучен гарант за безбедноста на сојузниците, што е една од централните детерминанти на американската глобална стратегија со децении. Ваквите проценки поттикнуваат дискусии за можното преобликување на односите меѓу Вашингтон и европските престолнини, особено во контекст на безбедносните предизвици на истокот од континентот.
Политикологот Суматра Маитра, која се смета за еден од блиските соработници на Венс, смета дека критичарите ја толкуваат неговата идеолошка ориентација како подготвеност за одлучувачки пресврт во американската надворешна политика. Како што оценува, Венс не е склон кон концептот на САД како „глобален полицаец“ и е за редефинирање на улогата на Америка во светот.
Во центарот на политичката програма на Венс, како што истакнува Маитра, е економската реконструкција на земјата. Посебен акцент се става на зајакнување на домашната индустрија и поддршка на работничката класа, што се вклопува во поширокиот наратив за враќање на производството во САД и намалување на зависноста од странските пазари.
Венс, кој има 41 година, сè повеќе се споменува како водечки републикански кандидат за претседателските избори во 2028 година. Неговото евентуално влегување во трката за Белата куќа, судејќи според сегашните проценки, би отворило нова фаза на дискусија за насоката во која ќе се движи американската внатрешна и надворешна политика во следната деценија, пренесува медиумот.
Свет
Финскиот претседател: САД не можат да ни забранат да се бориме против Русија
Финскиот претседател, Александар Стаб, изјави дека САД не можат да ѝ наредат на Финска да се откаже од својата одбрана во случај на руска агресија, нагласувајќи дека такво сценарио „нема да се случи“.
Стаб, кој е долгогодишен експерт за Русија и Владимир Путин и еден од европските лидери ценети од американскиот претседател Доналд Трамп, одговараше на прашање за зависноста на европските сојузници од американската воена поддршка. Во едно интервју, новинарот му претстави хипотетичка ситуација во која идниот американски претседател би ѝ рекол на Финска да не војува со Русија, дури и во случај на напад врз балтичките држави, туку да се согласи на преговори.
„Не. И тоа нема да се случи“, одговори Стаб. Тој додаде дека односот меѓу Хелсинки и Вашингтон е двонасочен и дека соработката се заснова на заеднички интереси.
„Тоа е исто така однос на реципроцитет“, рече тој, нагласувајќи дека постои причина зошто билатералната одбранбена соработка меѓу САД и Финска е подлабока од кога било.
Стаб потсети дека следната недела 25.000 војници ќе се обучуваат во северна Норвешка и Финска, вклучувајќи 5.000 Американци. „Постои причина зошто Америка сакаше да купи 11 мразокршачи, кои ќе се користат за нејзините поморски сили. Постои причина зошто имаме договор за одбранбена соработка. А причината е што Финска има една од најмоќните армии на границата со Русија“, рече тој.
Финска дели граница со Русија од околу 1.340 километри, најдолга меѓу членките на Европската унија. Откако Русија започна целосна инвазија на Украина во 2022 година, Хелсинки брзо стави крај на децениите воена неврзаност и стана членка на НАТО во 2023 година.
Пристапувањето на Финска во НАТО значително ја промени безбедносната архитектура во северна Европа. Тоа ѝ даде на алијансата дополнителна копнена граница со Русија, а Финска стана клучна за одбраната на балтичкиот регион и Арктикот. Според НАТО и финското Министерство за одбрана, земјата има силни резервни сили и развиен систем за општа воена регрутација, додека ги модернизираше своите воздухопловни сили преку купување американски борбени авиони Ф-35.
Во декември 2023 година, Финска и Соединетите Американски Држави потпишаа Договор за одбранбена соработка (DCA), кој им овозможува на американските сили пристап и користење на неколку фински воени локации. Договорот е дел од поширокото зајакнување на американското воено присуство во нордискиот регион, во координација со Норвешка, Шведска и Данска.
фото/Depositphotos
Свет
Снежен колапс во Виена: меѓународниот аеродром затворен, десетици летови откажани
Меѓународниот аеродром во Виена привремено го прекина сообраќајот поради обилни снежни врнежи.
Полетувањата сега се очекуваат од 9 часот наутро, а слетувањата од 10 часот наутро, но одложувањата се уште се можни, објави Ројтерс.
Од 117 летови планирани до 9 часот наутро, 19 веќе се откажани, објави раководството на аеродромот, пренесува медиумот.

