Македонија
Македонија под снег, нови врнежи се очекуваат ноќеска
Променливото и облачно време со повремени сончеви периоди што ќе преовладува денеска нема да предизвика позначително топење на снегот и тој ќе се задржи во наредните неколку
Променливото и облачно време со повремени сончеви периоди што ќе преовладува денеска нема да предизвика позначително топење на снегот и тој ќе се задржи во наредните неколку денови, информираат од УХМР.
Нови поинтензивни врнежи од снег слични на вчерашните се очекуваат да ја зафатат Македонија веќе ноќеска а снегот ќе продолжи да паѓа и в среда.
Температурите ќе се задржат релативно ниски и во вторник ќе се движат од -1 до 5 степени, а слични температури се очекуваат и в среда кога дневните ќе се движат помеѓу 0 и 4 степени.
Вчерашните врнежи од снег предизвикаа многу проблеми во сообраќајот, а закрчени останаа и повеќе крстосници во главниот град.
Најмногу снег во текот на вчерашниот ден наврна на Попова Шапка каде висината на снежната покривка достигна 65 сантиметри, на Маврово 52 и 49 сантиметри на Кожув.
Од градовите највисока снежна покривка беше измерена во Крушево 37 сантиметри, во Штип 28 сантиметри, 25 во Кавадарци, 24 сантиметри во Битола и по 21 сантиметар во Скопје Тетово и Берово.
Најниска снежна покривка е измерена во Охрид, само два сантиметри.
Од АМСМ информираат дека сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива отежнато и забавено во зимски услови поради врнежите од снег и остатоците на коловозите.
Поради поголеми остатоци од снег на коловозите останува забраната за движење за тешките товарни возила на планинските превои Пресека, Стража, Маврово, Ѓавато, Плетвар и на патните правци Струга – Ќафасан, Струга – Дебар – Маврово и Крива Паланка – Деве Баир, а за сите останати возила задолжителна е употребата на зимска опрема.
Задолжителна е употребата на зимска опрема и на планинскиот превој Букoво./крај/ухмр/амсм/вм
Фото:Филип Поповски/Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

