Свет
Патарината оди во џебот на наплатувачите
Ако вработените на наплатните рампи не се одвикнат парите од патарина да си ги ставаат во џеб, Фондот за магистрални и регионални патишта нема да им префрла плати на околу 300 вработени од “Македонија пат”, кои работат на патарините
ДИРЕКТОРОТ НА ФОНДОТ ЗА ПАТИШТА тврди
Ако вработените на наплатните рампи не се одвикнат парите од патарина да си ги ставаат во џеб, Фондот за магистрални и регионални патишта нема да им префрла плати на околу 300 вработени од “Македонија пат”, кои работат на патарините. Првиот човек на Фондот, Љуљзим Џемаили, тврди дека пробал се за да ги спречи овие злоупотреби од вработените на наплатните рампи, но ниедна надлежна институција не презела мерки. Пресметките покажувале дека 40 отсто од парите од патарина завршуваат во џебот на вработените.
– Во согласност со законот ми остана само да ги блокирам и да не им префрлам плати. Сликата на терен што ја видов е жалосна. Инкасантите наместо во каса, ги ставаат парите во својот џеб. Мора да се преземат конкретни мерки и не разбирам зошто никој не реагира. Побаравме помош од секаде за одливот на парите да биде што помал. Јас без доказ не можам да обвинам никого, но ако нешто не е во ред во Фондот, одговорам јас – вели Џемаили.
Директорот на “Македонија пат”, Дуфе Куковски, вчера не беше достапен за коментар. “Дневник” веќе објави документи дека 47 отсто од наплатата на патарината од тешки товарни возила лани завршувала кај вработените на патарините. Куковски тогаш ги призна малверзациите.
– Признавам дека се прават малверзации во наплатата, но таму се 300 вработени и не е физички изводливо да се контролираат постојано – изјави тогаш Куковски.
Министерството за внатрешни работи неодамна испратило допис до Фондот за патишта и до “Македонија пат” со кој ги известува дека четворица вработени на наплатните рампи на странски државјани наместо по 30 денари за патарина им наплаќале по три евра, наместо 40 денари по четири евра, а наместо 70 денари по пет евра. Во Фондот не добиле информации дали “Македонија пат” ги суспендирала овие службеници.
– Во април инспектори од Министерството за транспорт излегоа на терен и утврдија многу злоупотреби од вработените на наплатните рампи, но извештајот не стигна до нас. Писмено побарав средба со директорот на “Македонија пат”, инспекторите и со луѓе од МВР за да се стори нешто да се спречат девијантните појави, но никој не дојде на состанок – вели Џемаили.
Тој е сигурен дека со новиот систем на наплата, кој треба да се инсталира до крајот на годинава, Фондот ќе има реална слика за состојбите на терен.
– Електрофакултетот ќе го работи целиот проект, ќе се постават камери, ќе има категоризација на возилата и ќе се мери фреквенцијата. Така ќе имаме неделни податоци за состојбите на наплатните станици – најавува Џемаили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Русија работи на постигнување мир во Украина, а не на примирје
Русија работи на постигнување мир во Украина, а не на примирје, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес-конференција коментирајќи ги изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски за подготвеноста на Киев за енергетско примирје.
„Одржливиот, загарантиран, долгорочен мир, постигнат со потпишување на релевантните документи, е апсолутен приоритет“, рече Песков, пренесува „Спутник“.
Кремљ ќе следи како ќе се развива ситуацијата по објавата на Зеленски за неговата подготвеност да одржи претседателски избори, рече Песков и нагласи дека неговата изјава за подготвеноста да одржи претседателски избори е сосема нова, а рускиот претседател Владимир Путин долго време зборуваше за потребата од тоа.
Фото: депозитфотос
Свет
Канцеларијата на ОН за човекови права едвај преживува поради недостиг на донации
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, изјави дека неговата канцеларија едвај преживува поради големото намалување на финансирањето од глобалните донатори, а кршењата на правата и потребите во областите погодени од војната се зголемуваат.
„Нашите ресурси се намалени заедно со финансирањето за организациите за човекови права – вклучително и оние на локално ниво – во целиот свет. Едвај преживуваме“, изјави Турк за новинарите.
„ОХЦХР има 90 милиони долари помалку за своите потреби оваа година, што резултира со отпуштања на 300 вработени, што директно влијае на работата на канцеларијата“, рече Турк.
„Суштинската работа мораше да се намали, вклучително и во Колумбија, Демократска Република Конго, Мјанмар, Тунис и други земји во време кога потребите растат“, додаде тој.
Тој рече дека посетите на земјите од страна на специјалните известувачи на ОН, кои се независни експерти, се намалени, како и мисиите за утврдување факти од страна на телата за утврдување факти, а дијалозите со државите за нивното почитување на договорите за човекови права на ОН мораа да се одложат.
„Сето ова има широк ефект врз меѓународните и националните напори за заштита на човековите права“, рече Турк.
САД, убедливо најголемиот донатор на ОН, се повлекоа од ОХЦХР оваа година под администрацијата на Доналд Трамп.
фото/депозитфотос
Свет
Украински генерал: Обновивме делови од Покровск
Украина, според сопствените тврдења, обнови делови од градот Покровск. Според врховниот командант Олександр Сирски, украинските трупи сè уште се борат против масовни руски напади.
Одбраната на Покровск продолжува, рече Сирски.
Од средината на ноември украинските трупи вратија речиси 13 од вкупно 29 квадратни километри од градот. Според „Киев индепендент“, украинските сили наводно дополнително го зајакнуваат своето присуство во регионот.
Сирски потврди дека украинските единици морале да се повлечат од позиција од пет до седум километри надвор од Покровск, каде што руските трупи почнале силно да напредуваат. Одбраната на тие позиции повеќе не била ефикасна, рече тој. Во последните денови и недели беше објавено дека градот е претежно опкружен со руски трупи, кои наводно контролираат 95 проценти од градот.
Во исто време, Сирски тврди дека соседниот град Мирноград не е опколен од руските сили, иако логистичкото снабдување е сè потешко. Сепак, функционер на НАТО процени поинаку, според извештајот на „Украинска правда“, во кој се тврди дека градот е опколен од руски војници.
Фото: депозитфотос

