Македонија
Министерството за информатика го презеде Центарот за техничка подршка
Министерството за информатичко општество и државна администрација и Проектот на УСАИД за основно образование (PEP) денеска потпишаа договор за преземање на работењето на Центарот за техничка поддршка од страна на министерството.
Министерството за информатичко општество и државна администрација и Проектот на УСАИД за основно образование (PEP) денеска потпишаа договор за преземање на работењето на Центарот за техничка поддршка од страна на министерството, што обезбедува поддршка за образовните програми и за оперативните системи инсталирани во компјутерите во основните училишта во Македонија.
„Компјутеризацијата на основните училишта има за цел да го модернизира образованието во земјава. Но, истата бара и одржување. Среќни сме што нашиот партнер Министерството за информатичко општество и државната администрација ќе обезбеди одржливост на системот и континуирана поддршка за македонските наставници кои се соочуваат со технички проблеми при користење на хардверот во нивните училишта“, истакна пред потпишувањето на договорот, директорот на Проектот за основно образование, Небојша Мојсоски.
Тој информираше дека порталот што нуди поддршка и помош на сите наставници и ученици во основните училишта, кој беше активиран во октомври 2010 година, до сега има над 90 илјади посети, а тоа според него укажува дека е направен полн погодок.
Екипата која работи на проектот според министерот за информатичко општество и државна администрација, Иво Ивановски е доста способна и со искуство може да посочи каде треба да се инвестира и што треба да се направи превентивно со цел проектот успешно да се реализира.
„Со овој центар кој што ние денеска го преземаме е достигнато нивото кое што е со висока професионалност, со голем квалитет ќе можеме да ги следиме проблемите училиштата со компјутерската опрема. Врз основа на анализата која што ќе ја добиваме од овој систем ќе ги креираме новите политики и модернизации во образованието“, истакна Ивановски.
Кол-центарот беше основан од Проектот на УСАИД за основно образование во октомври 2010 година.
УСАИД ќе престане да го финансира работењето на системот во јули 2011 година./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

