Свет
Странците изнесуваат торби девизи
Казината имаат право да им исплатуваат девизни добивки во кеш на странците, но Царината не смее да ги пушти ако изнесуваат повеќе од 2.000 евра
ДУПКА ВО ЗАКОН
Казината имаат право да им исплатуваат девизни добивки во кеш на странците, но Царината не смее да ги пушти ако изнесуваат повеќе од 2.000 евра
Странците можат да изнесат од земјава колку што сакаат девизи, под изговор дека ги заработиле во казино. Во регулативата на девизното работење има пропуст, велат познавачите. Владата, од една страна, им забранила на странците да изнесуваат повеќе од 2.000 евра во кеш, или онолку колку што пријавиле дека внеле во земјата. Од друга страна, со подзаконска регулатива на Народна банка на казината им се дозволува да исплатуваат добивки во странска валута.
За бизнис во кој во една ноќ може да се свртат и повеќе од милион евра во едно казино, недозволено е да нема легално пропишан начин како тие пари се изнесуваат од земјата, велат извори на "Вест". Според тоа како што се поставени работите, странец кој дошол во Македонија и во казино ќарил 100.000 евра, треба или да не ја пријави добивката кога минува преку граница враќајќи се дома, или да го подмитува цариникот да го пушти. Во Царинската управа потврдуваат оти тие како извршна служба работат според одлуката на Владата за условите и висината на износот на ефективни домашни и странски пари кои може да се внесуваат и изнесуваат од земјата.
"Царинската управа, врз основа на владината одлука, има оперативно упатство и известување, според кое странците можат слободно, без да пријават, да внесуваат и изнесуваат од земјава девизи во кеш до 2.000 евра. Доколку на влез пријавиле поголем износ, тогаш толку може и да изнесат. Цариникот на полноќ не може да знае дека некаква потврда што ја издало кое било казино, е веродостојна. Ниту пак Народна банка има пропишано соодветен документ кој ние како царина би требало да го прифатиме. Ова е еден од изворите на корупција", велат во Царинската управа.
Во неколкуте казина на југот од земјава, најчести играчи се гостите од Грција. Нашите извори велат дека токму лабавата регулатива за работа на казината стои зад најавите дека во Гевгелија ќе се отвораат нови казина.
Во Народна банка велат дека според програмата за 2006, во тек е ревидирање на целокупната подзаконска регулатива што се однесува на девизното работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Москва: Венецуела треба сама да ја одреди својата судбина без надворешно мешање
Руското МНР денес соопшти дека го поздравува назначувањето на Делси Родригез за привремен претседател на Венецуела, додавајќи дека жителите на Венецуела треба сами да ја одредат својата судбина без надворешно мешање.
Сменетиот венецуелски претседател Николас Мадуро вчера во Њујорк се изјасни за невин по обвиненијата за трговија со дрога, откако беше заробен од американските специјални сили, во рација. Операцијата ја разбранува политичката сцена во Каракас, каде што лидерите брзо се прегрупираат.
„Важно е, пред сè, да се спречи понатамошна ескалација“
Министерството за надворешни работи на Русија преку соопштението информираше дека ги поздравува напорите на венецуелските власти да го заштитат својот суверенитет и националните интереси.
Русија во саботата го осуди нападот на САД врз Венецуела и повика на спречување на ескалација и обид за наоѓање решение преку дипломатски средства. Нагласи дека изговорите за акцијата се „неосновани“, поддржувајќи го барањето на лидерите на Венецуела и Латинска Америка за итен состанок на Советот за безбедност на ОН.
„Во сегашната ситуација, важно е, пред сè, да се спречи понатамошна ескалација и да се фокусираме на наоѓање излез од ситуацијата преку дијалог“, повика Москва.
Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за национална безбедност на Русија, во неделата изјави дека Латинска Америка се смета за „двор“ на САД и дека Трамп се чини дека сака контрола врз нафтените залихи на Венецуела, нарекувајќи ги постапките на американскиот претседател Доналд Трамп во Венецуела нелегални.
Европа
Европа под мраз: Откажани летови, затворени патишта и жртви во сообраќајот
Смрзнувачки временски услови денес зафатија делови од Европа, а снегот и мразот предизвикаа откажување на стотици летови во Холандија, а на француските патишта загинаа пет лица.
Домашните железнички услуги во Холандија беа целосно запрени утрово откако прекинот на ИТ-системот ги зголеми прекините во железничката мрежа во земјата. Возовите продолжија во делови од земјата неколку часа подоцна, но проблеми имаше во регионот околу Амстердам, популарна туристичка дестинација.
Брзите возови откажани, како и повеќе од 400 летови
Брзите услуги на Eurostar линијата за Париз од Амстердам беа откажани или одложени. Повеќе од 400 летови беа откажани на аеродромот Шипхол во градот, главно управуван од холандската подружница Air France-KLM, бидејќи зимското време го парализираше сообраќајот на еден од главните транзитни центри во Европа петти ден по ред.
Шпанскиот државјанин Хавиер Сепулведа е блокиран во Шипхол три дена и не може да се врати дома во Норвешка. Сепулведа рече дека чекал пред шалтерот на KLM во вторник од 6:30 часот наутро и шест часа подоцна сè уште не бил ни близу до него. „Можам да ја опишам ситуацијата само како хаотична, луда“, рече 39-годишникот.

Во Германија, температурите на југ и исток паднаа далеку под минус 10 степени Целзиусови рано во вторник. Големи делови од земјата беа покриени со снег, вклучително и регионите во близина на Северното Море, каде што дебелите слоеви снег се ретки. Метеоролозите предвидуваат бура во петок, со очекувани обилни снежни врнежи на север и исток.
Во Франција, продолжен студен бран донесе ниски температури преку ноќ откако вчера падна снег во парискиот регион и големи делови од земјата. Шест мали аеродроми беа затворени во западна и северна Франција, но не се очекуваа откажувања на двата главни аеродроми во Париз.
Министерот за транспорт Филип Табаро ги повика луѓето да го намалат патувањето со автомобил и да работат од дома, предупредувајќи дека одмрзнатиот снег, кој потоа повторно се замрзнал преку ноќ, создава опасни услови на патиштата.
Пет лица загинаа во сообраќајни несреќи поврзани со условите на замрзнување од вчера, објавија BFMTV и други француски медиуми. Автобуските услуги во Париз беа хаотични откако повторно започнаа по вчерашното запирање.

Метеоролошкиот завод во Велика Британија вчера соопшти дека ризикот од зимските непогоди може да продолжи во текот на целата недела за поголемиот дел од земјата. Издаде жолто предупредување за снег во централна Шкотска.
Обилните снежни врнежи и дожд предизвикаа хаос низ Западен Балкан оваа недела – патиштата беа затворени, беа пријавени прекини на електричната енергија, реките се поплавија. Вчера, една жена почина во Сараево откако дрво падна врз неа.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

