Македонија
„Борка“ организира марш под мотото „Напред розово 2010“
Со симболичен марш низ улиците на Скопје, под мотото „Напред розово 2010“ денеска и Македонија ќе потсети дека е дел од големото семејство на борци против ракот на дојката.
Со симболичен марш низ улиците на Скопје, под мотото „Напред розово 2010“ денеска и Македонија ќе потсети дека е дел од големото семејство на борци против ракот на дојката. „Заедничката борба може да придонесе да ја победиме оваа болест и затоа ги повикувам сите граѓани да дојдат на маршот и да купат розови маици кои чинат 200 денари со што ќе донираат за луѓето кои се соочени со ракот на дојка,“ на прес конференција апелираше пред два дена Биба Додева, претседател на здружението „Борка“. Локалната самоуправа исто така учествува во акцијата со организирање автобуси кои ќе ги донесат и граѓаните од другите градови низ државата (Струмица, Штип, Охрид, Куманово, Прилеп, Кавадарци и други) кои сакаат да учествуваат во големиот марш. Рајан Рејнолдс од Американската амбасада во Скопје, ги потсетува граѓаните кои можат да донираат 200 ден, да го направат тоа, бидејќи според него ова се само 3 макијата. „Секој ден гледам многу луѓе низ целиот град, на плоштадот, на кејот, како ги полнат кафе баровите и затоа ве повикувам наместо таму, во недела да дојдете со нас и да донирате 200 ден и заедно да се здружиме за една добра кауза,“ рече тој. Маршот ќе започне денеска кај Школка во Градскиот парк Скопје, а по него ќе следи хуманитарен концерт на кој ќе присуствуваат повеќе ѕвезди од македонската естрада како: Кристина Арнаудова, Ламбе, Дани, Александар Митевски, Бени, Игор Узунов и многу други. Ракот на дојка не избира раса, возраст или пол кај луѓето и најмладата пациентка со оваа дијагноза има само 18 години, велат од здружението „Борка“. Според нив, секоја година во Македонија се дијагностицираат околу 700 нови случаи од кои еден отсто или 7 случаи се регистрирани кај мажите. /крај/ко/ит
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.
Македонија
„Супорт Кочани“ ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите од пожарот
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.
Македонија
Свечено менување на државното знаме: децата прашуваа за работата на првата жена-претседателка
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и деца и претставници на Здружението за образование и истражување „Несил“.
По завршувањето на свечениот чин, околу 230 деца во придружба на двасетина наставници и претставници, ги разгледаа просториите на Кабинетот. Младите посетители покажаа интерес за работата на претседателката. Ја прашаа: Какво е чувството да се биде првата жена – претседателка на државава? Дали е потешко да се биде претседателка или професорка? Како тече еден нејзин работен ден? Љубопитните гости пројавија желба да ги дознаат нејзините лични афинитети, како и интересните спомени од младоста.



Сиљановска-Давкова им предочи дека вршењето на политичката функција бара знаење, посветеност и култура на дијалог. Ги советуваше да учат, да размислуваат критички и да другаруваат.
Децата ѝ подарија цвеќе, албум на цртежи и благодарница на турски јазик.
Церемонијата на свечено менување на знамето се одржува секој втор петок во месецот, со учество на Баталјонот за почести при македонската армија и ја симболизира почитта кон знамето и државата.

