Свет
Финансиската криза го јакнe организираниот криминал
Изјави извршниот директор на секторот за борба против криминалот при Обединетите нации (ОН) Антонио Мариа Коста
Светската финансиска криза му понуди на организираниот криминал единствена можност да се врати во глобалниот банкарски систем од каде беше отстранет со мерките воведени по нападите на 11. септември 2001 година.Ова го изјави извршниот директор на секторот за борба против криминалот при Обединетите нации (ОН) Антонио Мариа Коста. Според него, до финансиската криза во 2008 година банкарскиот систем „беше многу активен и чист“ што го принуди организираниот криминал да се врати на готовински трансакции.„Тоа во основа беше состојба до финансиската криза која почна како проблем на ликвидноста, неподготвеноста на банките да се ангажираат на меѓубанкарските трансакции“, рече Коста.„Така од една страна имате прилив, ресурси, готовина од организираниот криминал, а од друга страна многу неликвидни банки кои имаат потреба од готовина. Тоа навистина е можност организираниот криминал да продре во финансискиот систем“, посочува раководителот при ОН.Коста своите оценки ги изнесе на отворањето на Иницијативата на ОН за западна Африка, програма на повеќе агенции за борба против организираниот криминал во тој дел од светот погоден од судири, кој што последните години стана транзитен јазол за кокаин од Јужна Америка кон Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Медиуми: Руските напади и зимата најтешките за Киев
Последните неколку недели претставуваат еден од најтешките периоди за украинските вооружени сили од почетокот на војната, поради интензивните напади на руската армија врз клучната инфраструктура на Украина, објави швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“.
Во анализата на овој весник се наведува дека украинската страна се соочува со исклучително тешка ситуација, која е дополнително отежната од зимските услови.
„Можеме отворено да зборуваме за најтешката ситуација од почетокот на војната. Зимата е историски сојузник на руската армија“, истакнува изданието, додавајќи дека нападите врз енергетската и транспортната инфраструктура значително ги намалиле можностите на украинските вооружени сили.
Порано беше објавено дека во Киев имало речиси целосен прекин на електричната енергија, што предизвикало сериозни прекини во функционирањето на градот и секојдневниот живот на населението.
Во меѓувреме, во Соединетите Американски Држави се појавија изјави со кои се бара одговорност за поразите на украинските сили на бојното поле.
Во исто време, пратеникот на Врховната рада, Богдан Кичак, предупреди дека поради продлабочувањето на енергетската криза во главниот град, дел од жителите на Киев би можеле да бидат принудени да се евакуираат, доколку ситуацијата во снабдувањето со електрична енергија и греење дополнително се влоши.
Свет
(Видео) Кран падна врз воз во движење: има загинати, десетици повредени во Тајланд
Најмалку 22 лица загинаа кога градежен кран падна врз воз во движење во Тајланд, соопшти тајландската полиција.
Според извештаите, 79 лица се повредени, од кои осум имаат сериозни повреди.
„Инцидентот се случил додека се работело на изградба на брза железничка линија. Градежен кран се срушил врз воз што доаѓал од Бангкок“, изјави Тачапон Чинавонг, началник на полицијата во покраината Након Рачасими, јавува Би-Би-Си.
Државната железница на Тајланд објави дека во возот имало 195 лица, врз основа на распоредот на седиштата.
Вицепремиерот и министер за транспорт на Тајланд, Фипат Рачакитпракарн, наредил „темелна и сеопфатна истрага“ за причината за несреќата.
Кранот работел на проект за брза железница пред да се сруши и да удри во вагон во движење, предизвикувајќи тој да излезе од шините и накратко да се запали, според Би-Би-Си.
Свет
Полскиот претседател: Само Трамп може да го запре Путин
Полскиот претседател Карол Навроцки изјави дека Доналд Трамп е единствениот светски лидер кој може да го спречи Владимир Путин да и се заканува на Европа. Во интервју за програмата „Денес“ на BBC Radio 4, Навроцки рече дека на рускиот лидер не може да му се верува, но дека Европа мора да направи сè за да ги поддржи напорите на претседателот Трамп да ја прекине војната во Украина, објави BBC.
Навроцки, кој беше познат како цврст поддржувач на Доналд Трамп дури и пред тој да пристигне во Велика Британија на средби со премиерот Кир Стармер, сега тврди дека американскиот претседател е единствената личност која може да го „реши овој проблем“ со оглед на тоа што Русија ја загрозува неговата земја и Централна и Источна Европа.
Осврнувајќи се на масовниот упад на руски беспилотни летала минатиот септември, кога повеќе од 20 беспилотни летала влегоа во Полска од Белорусија и Украина, претседателот Навроцки ја нарече „вонредна ситуација“. Тој додаде дека „до тој момент, ниедна земја-членка на НАТО не доживеала напад со беспилотни летала од такви размери“. Според него, Русија ја тестира полската одбрана и солидарноста на НАТО.
Полскиот претседател ѝ се заблагодари на Велика Британија за испраќањето на борбени авиони „RAF Typhoon“ за да помогнат во одбраната на границите на Полска. Тој изјави дека од 2021 година, Полска е во состојба на хибридна војна со Русија, справувајќи се со беспилотни летала и дезинформации. Оваа руска активност во „сивата зона“ покажа дека „живееме во опасни времиња“, додаде тој.
Запрашан за неговото пријателство со Доналд Трамп, особено во светлината на заканата на американскиот претседател дека ќе го преземе Гренланд „со сите средства“, што ја вознемири Европа и ја загрози 77-годишната НАТО алијанса, Навроцки инсистираше дека САД остануваат гарант за безбедноста во Европа, и покрај спротивните изјави на американските претставници. Тој рече дека она што Доналд Трамп го прави во име на Европејците „заслужува поддршка и големо почитување“.
Навроцки рече дека ја гледа Европа како се „одвојува“ од САД, што го смета за лошо за економската и воената безбедност на Европската Унија. Прашањето за Гренланд, рече тој, треба да остане прашање меѓу данскиот премиер и претседателот Трамп, изразувајќи верување дека ќе се реши во рамките на НАТО и преку дијалог меѓу Данска и САД.
Полскиот претседател, исто така, го искористи интервјуто за да ги критикува европските лидери, велејќи дека тие се „вклучени во не толку важни работи, во идеолошки прашања како што се, на пример, Зелениот договор, климатската политика, миграциските прашања“. Тој тврдеше дека Европа не ја изградила својата отпорност и безбедност со години, додека Полска сега издвојува речиси 5% од својот БДП за одбрана.
Сепак, тој имаше пофални зборови за Обединетото Кралство. Тој нагласи дека односите меѓу Полска и Велика Британија се „исклучително важни“ и дека околу еден милион Полјаци живеат во Обединетото Кралство денес.
„Би сакал да ја изразам мојата многу длабока благодарност до британските војници кои се стационирани во Полска, преземајќи ја одговорноста за источното крило на НАТО“, рече тој. Тој, исто така, изрази надеж дека, дека со оглед на брзиот раст на полската економија, Велика Британија, како домаќин на самитот на Г20 следната година, ќе ја покани Полска да учествува.

