Региони
Унгарската национална трговска куќа се претстави пред компаниите од Полошкиот регион
Унгарската национална трговска куќа ги претстави во понеделникот можностите за соработка со бизнисмените од Стопанската комора на северозападна Македонија, со цел проширување на деловната соработка со унгарските фирми или заеднички настап на трети пазари.
Настанот се одржа во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, а пред присутните се обрати министерот за економија Беким Незири.
„Отворањето и постоењето на Унгарската национална трговска куќа во Република Македонија нуди зголемена можност за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, преку реализирање на нејзината основна цел – олеснување на контактите меѓу македонските и унгарските компании и јакнење на меѓусебната деловната соработка. Во таа насока би сакал да им порачам на бизнисмените максимално да ја искористат оваа прилика и да започнат многу нови успешни зделки со унгарските партнери, а со тоа да воспостават и нови правци на трговската соработка меѓу двете земји“, рече Незири.
На настанот присуствуваше и амбасадорот на Унгарија Јожеф Бенце, кој пред бизнисмените од Полошкиот регион истакна: „Нашите две држави имаат потпишано многу значајни договори од сферата на трговијата, туризмот, економијата. Во месец јули ја отворивме и канцеларијата во Скопје на Унгарската национална трговска куќа, и тоа со огромна поддршка на министерот за економија Незири, но и на Владата во целост. Тетово е еден од најдинамичните градови од економски аспект во Македонија, и имајќи предвид дека соработката со Македонија, но и со целиот западен Балкан ни е многу битна, очекуваме интензивна соработка помеѓу унгарските и полошките бизнисмени“.
Во името на Унгарската национална трговска куќа пред присутните се обрати Ласло Балог, одговорно лице за балканскиот регион: „Сакаме да бидеме присутни во Македонија и Западен Балкан, бидејќи е многу значаен регион за нас, побитен дури и од Кина и САД. Нашата цел е зголемување на извозот, кој само минатата година имаше раст помеѓу 10-33 отсто во државите кои не се членки на ЕУ. Ова сакаме да го постигнеме преку малите и средни претпријата, затоа ни е битно тие да имаат поголема улога во трговската размена, а тоа може да се постигне само преку поголема соработка помеѓу локалните и унгарските фирми“.
Претседателот на Комората на Северозападна Македонија Мендерес Кучи на фирмите членки на ова деловно здружение им порача: „Ова високо ниво на соработка му недостигало подолго време на Полошкиот регион, а бидејќи нашата комора главно се состои од мали и средни претпријатија, оваа поддршка од Унгарската национална трговска куќа ќе ни биде повеќе од потребна. По потпишувањето на договорот меѓу стопанските комори на Унгарија и Македонија, останува да преминеме на директна соработка помеѓу нашите и бизнисмените од Унгарија.“ /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Региони
Поради магла и загаден воздух, откажани летовите на аеродромот во Сараево
Поради лошите временски услови предизвикани од магла синоќа и утринава откажани се некои летови на меѓународниот аеродром во Сараево.
Од меѓународниот аеродром во Сараево откажани се летовите кои пристигнуваат од Виена, Истанбул и Загреб, а со тоа и појдовните летови од Сараево.
„Останатите летови засега се на распоред и очекуваме наскоро да се подобрат временските услови на меѓународниот аеродром во Сараево“, велат од аеродромот за сараевската телевизија N1.
Македонија
(Видео) Торказ се сретна со Џафери и повика на почитување на меѓународните договори од сите страни
На маргините на лидерскиот состанок за планот за раст, кој се одржува во Котор, Црна Гора, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, имаше билатерална средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Франција, Рене Троказ.
„На средбата се разговараше за важноста од продолжување на европскиот пат на Република Северна Македонија во пресрет на формирањето на новата влада. Троказ ја истакна натамошната француска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија во ЕУ и повика на почитување на меѓународно преземените договори од сите политички фактори. Премиерот Џафери изрази надеж дека земјата ќе ги заокружи неопходните чекори за продолжување на европската агенда. Во таа насока ја сподели загриженоста од непочитувањето на уставното име од страна на новоизбраната претседателка на државата и повика на почитување на меморандумот потпишан пред изборите од страна на политичките партии во поглед на предусловите за нашето интегрирање во Европската Унија“, соопштија од кабинетот на Џафери.
Џафери и во Котор нагласи дека за него не е приоритет кој ќе ја сочинува новата влада, туку исполнувањето на европската агенда како пат кон иднината, на кој ќе продолжи да работи во кое било својство и функција.
Македонија
Опасен отпад детектиран во близина на скопското село Орман
При редовна обиколка од страна на Државниот инспекторат за животна средина на територијата на Општина Ѓорче Петров, на 10 октомври лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии на во близина на селото Орман. Станува збор за опасен отпад во количина од околу 500 до 600 тони.
„Според затекнатата состојба на теренот, а според Листата на видови на отпад (Сл.Весник на РМ бр.100/2005) се работи за отпад со шифра 10 04 – Отпад од пирометалургија на олово,10 04 01*- троски од примарно и секундарно производство, која според класификацијата спаѓа во класата на опасен отпад“, информираат од Државниот инспекторат.
Сопствениците на катастарската парцела на која се наоѓа отпадот со решение од Државниот инспекторат се задолжени да извршат неговата дислокација во рок од 30 дена од издавање на решението.
Граѓаните на социјалните мрежи бараат одговорност и одговор од каде доаѓа отпадот и кој е виновникот за неговото одложување токму на оваа локација која е во непосредна близина на реката Лепенец и населените места Волково и Орман.