Свет
Уапсени татко и син, главни во бизнисот со цигари
Фалсификувани цигари вредни околу 500.000 евра се запленети во вчерашната акција на полициските специјалци во скопската населба Шуто Оризари.
Фалсификувани цигари вредни околу 500.000 евра се запленети во вчерашната акција на полициските специјалци во скопската населба Шуто Оризари. Во акцијата се уапсени и два члена на семејството Муча, кои петнаесетина години се главни во бизнисот со цигари во земјава. Третиот член на ова скопско семејство е во бегство уште од 2001 година кога го застрела еден од конкурентите во битката за подземјето. Според првичните сознанија на истрагата, разните видови цигари не биле произведени во земјава, но допрва се утврдува на каков начин стигнале во Скопје.
Десетина полициски специјалци вчераутро околу 6 часот упаднаа во куќата на семејството Муча во близина на Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари. Во дворот, во кој било направено импровизирано стовариште, биле пронајдени 1.094 пакети со 54.700 штеки разновидни цигари без бандероли. Конкретно, станува збор за 600 пакети со 40.000 штеки од хрватските „примо“ и „респект“, потоа 114 пакети со 5.700 штеки на цигари со потекло од арапските земји и десет пакети со 500 штеки „роксборо“. Покрај странските брендови, во акцијата се запленети и 170 пакети со вкупно 8.500 штеки македонски цигари „партнер“. Чие дело е фалсификатот, односно како стигнале во земјава засега не се знае.
Плацот е сопственост на двајцата браќа Муча, но постариот веќе десетина години живее во Германија и тој бил надвор од бизнисот, кој го раководеле помладиот брат Фаик (66) и неговите синови Агим (33) и Насер, по кого е распишана меѓународна потерница. Тој уште пред шест години во мафијашка пресметка во битката за пазарот со шверцувани цигари ликвидирал член на конкурентското семејство Сума и оттогаш и’ бега на полицијата, иако е активен во нелегалниот бизнис.
Според извори од МВР, семејството Муча веќе петнаесетина години го имале главниот збор во бизнисот со фалсификувани цигари. Тие ги увезувале цигарите, ги транспортирале, а потоа работата ја преземале шест-седум луѓе од вториот ешалон, кои преку своите десетина „вработени“, пак, ги препродавале цигарите на пазарите, трафиките и улиците. Дури четири камиони им биле потребни на полицајците да ги натоварат цигарите за да ги однесат на вештачење. Од Секторот за организиран криминал укажуваат дека семејството Муча подолго време им бил трн во око и дека вчерашната акција многу била помогната од бриферите на МВР инфилтрирани во јадрото на шверцерите. И саботната акција кај скопски Бит-пазар кога беа запленети 10.000 штеки цигари од различни брендови била со цел да им се зададе претпоследниот удар на главните играчи на шверцот со цигари, кои мирно си живееле во куќата број 2 на улицата „Македонско-косовска бригада“ во Шуто Оризари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Иран со дрон погоди пристаниште во Оман
Во Оман, во ирански напад со дрон е погоден резервоар за гориво во пристаништето Дукам, објави државната новинска агенција на таа земја.
„Штетата е ставена под контрола и нема човечки жртви“, се наведува, повикувајќи се на неименуван безбедносен извор.
Истото пристаниште било цел на напад и за време на викендот, кога според извештаите бил повреден еден работник. Објавена е и снимка од ударот.
Moment Iranian drone strike hit the Port of Salalah in Oman. pic.twitter.com/OGQs7CYqr3
— Clash Report (@clashreport) March 3, 2026
Во соседен Катар вчера беше запрено производството на течен природен гас по ирански напади врз дел од постројките, додека Саудиска Арабија ја суспендирала работата во својата најголема домашна рафинерија.
Оман со години е клучен посредник во разговорите меѓу САД и Иран, а последниот круг преговори бил одржан минатиот месец токму таму.
Свет
Багеи: Иран во моментов е единствената преостаната сила што се спротивставува на злото
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, денес изјави дека Иран во моментов е единствената преостаната сила што се спротивставува на злото и рече дека „вечен срам“ ќе ги снајде оние што тврдат дека ја следат дипломатијата, но, соочени со аргументите на Иран, попуштија и решија да прибегнат кон воени средства.
Тој нагласи дека Техеран верува дека е посветен на хуманитарните принципи, пренесува „Ал Џезира“.
„Ционистичкиот режим не се воздржува од никаков злобен чин. Ги молам моите арапски пријатели внимателно да размислат. Режимот не се двоуми да го прошири опсегот на војната, да го расипе угледот на Иран и да изврши злосторства во други земји“, додаде Багеи, пренесува Танјуг.
Свет
Песков: Путин вложува напори за намалување на тензиите на Блискиот Исток
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ги продолжува напорите за намалување на тензиите на Блискиот Исток и најави дека рускиот лидер денес ќе одржи меѓународен телефонски разговор. „Претседателот денес треба да има уште еден меѓународен телефонски разговор. Ќе објавиме релевантни информации и повеќе детали малку подоцна“, изјави Песков за новинарите, објави РИА Новости.
Според него, Путин вчера разговарал со лидерите на Обединетите Арапски Емирати, Катар, Бахреин и Саудиска Арабија и во сите разговори, ситуацијата на Блискиот Исток била главна тема, а рускиот претседател ја пренел својата длабока загриженост за нападот врз иранската инфраструктура, што станало централна точка на разговорот.
„Вчера разговаравме со практично сите наши соговорници дека Путин ќе ја пренесе својата длабока загриженост за нападот врз нивната инфраструктура на нашите колеги во Иран, користејќи го дијалогот што го водиме со иранското раководство“, рече Песков.
Тој негираше дека Путин има какви било планови да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп. „Не, во моментов нема планови за разговор со Трамп“, рече Песков, нагласувајќи дека Путин нема такви настани на својот распоред.
Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток, Песков нагласи дека Русија останува посветена на принципите на меѓународното право и почитувањето на суверените држави, коментирајќи ги заканите на сенаторот Линдзи Греам кон Куба по воените операции на САД против Иран.
Песков рече дека Русија отфрла какво било мешање во внатрешните работи на други земји и смета дека таквите дејствија се некомпатибилни со меѓународното право.
„Искрено, претпочитаме да не зборуваме за ова. Ние сме поддржувачи на меѓународното право. Министерството за надворешни работи е посветено на принципите на почитување на суверените држави и на принципот на немешање во нив како внатрешно прашање. Ова е суштината на нашата позиција и претпочитаме да се придржуваме до неа. Сè друго го сметаме за некомпатибилно со принципите на меѓународното право“, изјави Песков пред новинарите, пренесува Танјуг.
Песков, исто така, рече дека е малку веројатно дека во овој момент ќе се одржи трилатерален состанок во Абу Даби во врска со украинското решение.
„Јасно е дека е малку веројатно дека сега можеме да разговараме за можноста за состанок во Абу Даби токму од очигледни причини. Сè уште не е јасно каде и кога ќе се одржат разговорите. Штом ќе биде јасно, ќе ве информираме“, рече тој.

