Свет
Двете најсилни австралиски партии со ист број пратеници
Можно е да се случи двете најсилни австралиски партии по објавувањето на конечните резултати од саботните парламентарни избори да имаат ист број пратениџи, соопштуваат аналитичарите додека се уште трае пребројувањето на гласовите
Како што пренесува Reuters, авторитетниот политички аналитичар Ентони Грин, повикувајќи се на компјутерската симулација на изборните резултати, смета дека владејачките лабуристи на премиерката Џулија Гилард и конзервативците на опозицискиот лидер Тони Абот ќе имаат по 73 мандати во 150-члениот австралиски парламент. Според Грин, на двете партии за мнозинство ќе им недостигаат три пратенички мандата.Според досегашните проекции, останатите четири пратенички места ќе им припаднат на тројцата независни кандидата и на еден претставник на Зелените.Австралиската изборна комисија најрано за една седмица а можеби и подоцна ќе ги објави конечните резултати. Според досега потврдените манадати, и лаборустите и конзервативците засега имаат освоено по 71 пратеничко место.И Гилард и Абот во своите досегашни настапи не споменуваат пораз на своите опции, и изразуваат надеж дека ќе може да состават влада со поддршката на независните кандидати и на Зелените и да имаат мнозинство во парламентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кошта и Лајен: Безбедноста на Арктикот останува еден од клучните приоритети на Европската Унија
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оценија дека безбедноста на Арктикот останува еден од клучните приоритети на Европската Унија и област во која тие се стремат да соработуваат со сојузниците и партнерите.
„Територијалниот интегритет и суверенитет претставуваат основни принципи на меѓународното право. Овие принципи се од суштинско значење не само за Европската Унија, туку и за земјите ширум светот. Ние сме целосно солидарни со Данска и народот на Гренланд“, изјавија Кошта и фон дер Лајен на Икс.
Порано денес, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека неговата земја инсистира дека сите, вклучително и САД, мора да го почитуваат територијалниот интегритет на Кралството Данска.
Тој го изјави ова по објавувањето на назначувањето на гувернерот на американската држава Луизијана за специјален пратеник за Гренланд од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп вчера објави дека го назначува гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд, голема полуавтономна данска територија за која претходно рече дека САД треба да ја преземат. Во објавата за назначувањето, Трамп рече дека Ландри разбира колку е неопходен Гренланд за националната безбедност на САД.
Данскиот министер во кратка изјава испратена по е-пошта од неговото Министерство рече дека „назначувањето го потврдува проширениот американски интерес за Гренланд“.
„Сепак, ние инсистираме дека сите, вклучително и САД, мора да покажат почит кон територијалниот интегритет на Кралството Данска“, додаде данскиот министер.
Трамп претходно рече дека Гренланд е клучен за американската безбедност и не ја исклучи можноста за преземање на островот со воена сила, иако Данска е американски сојузник во рамките на НАТО.
Порано овој месец, данската воена разузнавачка служба напиша во годишен извештај дека САД ја користат својата економска моќ за да „ја наметнат својата волја“ и да им се закануваат и на пријателите и на непријателите со воена сила.
Фото: депозитфотос
Свет
Орбан: Унгарските пари не треба да бидат во позлатените тоалети на украинските олигарси
Парите на Унгарците треба да бидат насочени кон развој на Унгарија, а не кон позлатените тоалети на украинските олигарси, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, коментирајќи го доделувањето на заеми од буџетот на Европската Унија за Украина во износ од 90 милијарди евра.
„Местото на унгарските пари е, пред сè, на територијата на унгарските низини, на сообраќајниците со четири ленти, а не во гранатирањето во Донбас или во позлатените тоалети на украинските олигарси“, рече Орбан на свеченото отворање на 34-километарскиот дел од автопатот во централниот дел од земјата.
Според него, унгарската влада не сака да ги насочи своите средства кон Украина за продолжување на воениот конфликт, туку сака да ги потроши дома, за мирновременски цели.
Унгарскиот премиер нагласи дека заемот од 90 милијарди евра што Европската Унија сака да го издвои за Киев од сопствениот буџет ќе значи продолжување на украинскиот конфликт.
„Дури и поддржувачите на заемот за Украина во износ од 90 милијарди евра признаваат дека тој може да не биде вратен. Последицата од овој заем за Европа е намалување на буџетот и траен долг. Ова не е економска политика, туку финансирање на продолжувањето на војната“, изјави тој.
Орбан, исто така, привлече внимание на фактот дека антируските санкции на ЕУ ја уништија самата Европа.
Тој тврди дека санкциите не ја постигнале целта за разбивање на Русија, туку, напротив, ја зголемиле нејзината отпорност, дозволувајќи ѝ да се прилагоди на нив.
Фото: депозитфотос
Свет
Рјабков предупредува: „Директен конфликт меѓу Русија и НАТО би имал катастрофални последици“
Сојузникот на рускиот претседател Владимир Путин, Сергеј Рјабков, предупреди дека Русија и НАТО се доближиле опасно до директен конфликт во 2025 година. Според него, евентуалната војна меѓу нуклеарните сили би имала катастрофални последици.
Како што објави „Newsweek“, Рјабков верува дека одредени потези на Соединетите Американски Држави биле од агресивна природа, а особено истакнува дека таквите акции биле силно поддржани од две европски земји. Тој изјави дека Велика Британија и Франција се меѓу највоинствените членки на НАТО, чии акции, според него, биле особено агресивни.
Зборувајќи за можноста за директна воена конфронтација меѓу нуклеарните сили, Рјабков нагласи дека е речиси непотребно да се нагласува колку катастрофален би бил таков конфликт за целиот свет.
Од друга страна, европските лидери и функционери често предупредуваат на она што го нарекуваат потенцијална закана од Русија. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, постојано ја нагласува важноста на зголемувањето на средствата за одбрана, пишуваат медиумите.
Во интервју за германскиот „Билд“, Руте изјави дека, пред сè, е потребно да се зголемат инвестициите во оружје и производство, како и да се обезбеди Украина да остане што е можно посилна во борбата.
Тој додаде дека целосната руска контрола врз Украина би имала сериозни последици за НАТО и би ја принудила алијансата во иднина да издвои значително поголеми одбранбени ресурси отколку што е моментално договорено.
Фото: депозитфотос

