Европа
ЕУ има план за решавање на ситуацијата во Средоземјето, ОН ја критикува за ксенофобија
Министрите за надворешни и за надворешни работи на Европската унија го поддржаа во понеделникот на заедничкиот состанок во Луксембург планот од 10 точки за итно дејствување како одговор на драматичната ситуација во Средоземјето, каде илјадници имигранти годишно ги губат животите обидувајќи се да дојдат до европските брегови, а во Женева комесарот на Обединетите нации за човекови права обвини дека доселеничката политика на ЕУ е ксенофобична.
Планот на ЕУ го предложија високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, и комесарот за миграции и внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос. И двајцата доаѓаат од земјите коишто се најизложени на директниот наплив на имигрантите од Северна Африка, Блискиот исток и Азија, односно Италија и Грција, во чиишто територијални води се случуваат и најголемите трагедии кога бегалците со дотраени и импровизирани пловила се обидуваат да стасаат до европското копно.
Могерини и Аврамопулос истакнуваат дека планот во десет точки „бара заеднички напори на европските институции и од сите 28 земји членки“. „Ќе ги испратиме овие предлози до Европскиот совет кој ќе се сретне во четврток на вонредниот состанок поради решавање на ситуацијата во Средоземјето“, се истакнува во заедничкото соопштение на двајцата европски функционери.
Една од можните мерки е можноста за релокација на имигрантите, за да се растоварат земјите коишто се први на ударот на масовниот прилив, како Италија, Грција и Малта. Дел од тие имигранти доброволно би биле прифатени од другите земји во ЕУ.
Како една од среднорочните мерки ќе се разгледува и можноста со потенцијалните баратели на азил да се разговара пред да се качат на бродовите, коишто често ги водат во смрт. Се бара во секој случај солидарност меѓу земјите членки и системски начин да им се помогне на имигрантите.
Од друга страна, комесарот на Обединетите нации за човекови права Зеид Раид ал-Хусеин истакна дека ЕУ би требало кон имигрантите да заземе „пософистициран и смел, помалку бесчувствителен пристап“.
„Европа им го врти грбот на најранливите имигранти во светот и се заканува да го претвори Медитеранот во гробница“, рече ал-Хусеин ден по превртување на бродот во водите близу Либија на кој според претпоставките имало околу 950 лица, од кои околу 250 жени и деца.
„Европската политика кон имигрантите е кусогледа, краткорочна политичка реакција попустлива кон ксенофобичните популистички движења кои го затруа јавното мнение за имиграциското прашање“, обвини ал-Хусеин.
Оцени дека ЕУ треба да создаде легални канали за доселување и да признае дека всушност има потреба од нискоквалификувана работна сила, како и дека бегалците имаат право на азил, а семејствата право на заеднички живот. Токму недостигот од регуларни канали за доселување го создал проблемот со криумчарење на луѓе, што според ал-Хусеин е симптом а не причина на проблемот, и оцени дека ЕУ покажува „голем недостиг од сочувство“.
Комесарот на ОН за човекови права натаму го критикува укинувањето на „смелата“ програма за спасување на море „Маре Нострум“, која е заменета со ограничената програма за контрола на границите „Тритон“. „Престанувањето на спасувањето на имигрантите во неволја не ги намали ниту миграциите ниту криумчарењето на луѓето, туку само предизвика повеќе давења што го покажува неодамнешната трагедија“, смета ал-Хусеин.
Поради спомената трагедија, една од најголемите последните месеци во водите меѓу Либија и Италија, во четврток е свикан итен самит во Брисел, иако на него, како што истакна претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, „не се очекуваат брзи решенија за длабоките причини за имиграциите“, бидејќи доколку имало такви решение „одамна ќе ги применивме“. Се очекува во четврток да се разговара првенствен за зголемување на напорите за спасување на луѓето, како да им се помогне на најпогодените земји и како да се зголеми соработката со земјите на потеклото и транзит на имигрантите./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

