Сцена
Викендов продолжува интернационалниот „Битола Шекспир фестивал“
Програмата на четвртото по ред издание на интернационалниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“ продолжува викендов со изведба на две исклучителни претстави кои го негуваат безвременото творештво на Вилијам Шекспир.
Во сабота вечер на сцената на Народниот театар во Битола ќе биде изведена претставата на Турскиот театар од Скопје, „Комедија на грешки“ во режија на Коле Ангеловски.
„Комедија на грешки“ е една од најраните дела на Шекспир, изведена на 28-ти декември 1594 година. Таа е и најкратката комедија инспирирана од плаутовите Менхеми, но Шекспир го збогатил дејствието, кое се базира на забуните и грешките кои настануваат со промената на идентитетот на близниците. Таа е брза, скоро фарсична комедија, една од најиграните, преведувана на повеќе јазици, направени се мјузикли, опери, снимени се филмови и безброј различни интерпретации.
„Станува збор за забавна и позитивна комедија и длабоко се надеваме дека ќе уживате додека ја гледате, како што ние уживавме додека ја работевме“, порачува режисерот на оваа претстава, Коле Ангеловски.
Во недела, пак, во Народниот театар во Битола, на фестивалскиот репертоар ќе биде прикажана претставата „Кориолан“ во изведба на ансамблот „Хамошавот“ од Зихрон-Јахов, Израел. Претставата која е во режија на Итаи Дорон, на интернационалниот театарски фестивал Акко/Акре во Израел беше наградена од три високи признанија, и тоа за најдобра претстава, најдобар актер и најдобра актерка.
„Кориолан“ е последната трагедија на Шекспир напишана некаде околу 1605-1608 година и се заснова на животот на римскиот генерал Гај Маркус Кориолан, на почетокот на Римската република (510 пр.н.е.).
Режисерот Итаи Дорон вели дека драмата за која Томас С. Елиот кажал дека е врв на творештвото на Шекспир, во Израел само еднаш била изведена и тоа пред 40 години.
„Мене као режисер ме изненадува тој факт, имајќи предвид дека оваа драма толку точно и вистинито го рефлектира општеството и политичката реалност во која живееме. Кориолан е драма која го сведува општото владеење на прашалници, извичници и главно на три точки“, додава израелскиот режисер Итаи Дорон.
„Битола Шекспир фестивал“ кој се одржува со поддршка на Министерството за култура, од годинава е полноправна членка на Европската асоцијација на Шекспир фестивали./крај/мф/аш
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел.
Во рамки на посетата Николоски ќе учествува на настанот “Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и еконoмска граница на Европа” организирана од страна на “Пријатели на Европа” каде ќе има и свое обраќање. На панел дискусијата посветена на проширување на Европската Унија, покрај вицепремиерот Николоски, свое обраќање ќе имаат и Еди Рама, премиер на Албанија, Ана Брнабиќ претседател на Националното Собрание на Србија, Кристина Герасимов вицепремиер за европска интеграција на Молдавија и Герт Јан Купман, Генерален директор за источно соседство и проширување на Европската Комисија.
Николоски во петок ќе учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница. На состанокот на кој ќе претседава Комесарот за одржлив транспорт на Европската Комисија, Апостолис Цицикостас, ќе се разговара за напредокот на земјите од Западен Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурни проекти.
На министерскиот совет, вицепремиерот Николоски ќе говори за транспортните политики на Македонија, напредокот и реализација на проектите на европските транспортни Коридор 8 и 10 и 10 -д, како и за мерките и активностите за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западен Балкан.
На министерскиот совет ќе присуствуваат министри за транспорт и владини претставници од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Словенија, од Кипар, Романија, Ирска и од други европски земји.
Исто така предвидени се и значајни средби со претставници од Европската Комисија.
Култура
Соопштени наградите на МТФ Денови на комедија Куманово 2023
Жирито на 26 МТФ Денови на комедија 2023 Куманово во состав на претседателка Магдалена Ризова Черних и членови: Драгана Гунин, Кети Пауновска Стевковска, Петар Андоновски и Стефан Јакимовски ги донесе следниве одлуки за награди на Фестивалот:
- Најдобра претстава „Чекајќи го лекарот“ Театар Лесковац, Србија;
- Најдобра режија Дамјан Тенев „Седумте стола“ Театар Ловеч, Бугарија;
- Најдобра актерка Наталија Теодосиева „Илуминати“ Театар комедија – Скопје;
- Најдобар актер Александар Степанулески „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
- Најдобра споредна улога Бранко Атанасов „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
- Најдобра сценографија Радостина Тодорова „Седумте стола“ Театар Ловеч, Бугарија;
- Најдобра костимографија Раде Василев и Елена Вангеловска „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје
Култура
Претставата „Народен непријател“ гостува на два меѓународни фестивала во Црна Гора
Македонскиот народен театар во јули со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, ќе гостува на два меѓународни фестивала во Република Црна Гора.
Од 5 јули до 22 август ќе се одржи XXXVII фестивал „Град театар“ во Будва, кој оваа година е со слоганот „Сила, храброст и глупост“. Во текот на 49-те фестивалски дена на овој престижен собир на уметности ќе настапат околу 620 учесници во драмската, литературната, музичката и визуелната уметност, а нашата претстава ќе биде изведена на 16 јули во 21 часот.

Програмата е конципирана на повеќе локации: на сцената меѓу црквите, во црквата „Санта Марија“, Плоштадот на поетите, улиците на Стариот град, на платото пред хотелот „Авала“ и во амфитеатарот на манастирот „Стањевиќи“.
Второто гостување ќе се биде на XVIII меѓународен театарски фестивал „Пургаторије“ – Тиват, а покрај скопската претстава, чија изведба е закажана на 18 јули на летната сцена со почеток во 21.30 часот, во натпреварувачката програма ќе учествуваат уште 8 (осум) претстави од Белград, Загреб, Нови Сад, Подгорица, Тиват и од Сплит.
„Народен непријател“, во која играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски/Григор Јовановски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски, совршено кореспондира со кризата со која повторно се соочува нашето општество. Доктор Стокман е ангажиран маж, но е и идеалист, кој верува дека промената е можна и дека е неопходна итна жртва колку и да е тоа болно, а Ибзен е вешт и ги покажува механизмите како поединецот да зборува за системската неправда и автоматски се карактеризира како предавнички.
ПР

