Европа
ЕК потврди дека ќе расправа за владеењето на правото во Полска
Европската комисија следната седмица ќе одржи „ориентациска“ расправа за владеењето на правото во Полска, но тоа сé уште не претставува прв чекор во евентуалното преземање мерки против Варшава, изјави во понеделникот портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас.
„Тоа ќе биде само ориентациска расправа. Тоа не е првиот чекор предвиден со механизмот прифатен во март 2014 година“, изјави Шинас, додавајќи дека за тоа ќе дебатира колегиумот на комесарите на својот прв годинешен состанок, следната среда на 13-ти јануари.
Споменатиот механизам предвидува засилен дијалог со некоја земја членка доколку Европската комисија оцени дека станува збор за кршење на темелните права. Доколку земјата не одговори во предвидениот рок на барањето на ЕК, оваа може да покрене постапка за кршење на основните европски вредност, а таа постапка на крајот може да доведе до предлог на таа земја членка на Европската унија да ѝ биде одземено правото на глас.
Механизмот предвидува три чекора: процена на ЕК, потоа следува препорака и на крајот предлог за конкретни мерки кои може да бидат преземени. Потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс на 21-ви декември упати две писма до полските власти во кои ги повика да ги разгледаат промените од законите кои Брисел ги смета за спорни, односно за Уставниот суд и за медиумите.
Тимерманс изрази загриженост поради законот за медиуми, според кој именувањето на челниците на јавните медиуми преоѓа во надлежност на министерството за финансии. „Слободата и плурализмот на медиумите се клучни за плуралистичкото општество во секоја земја членка која ги почитува заедничките вредности на коишто е втемелена ЕУ“, напиша притоа Тимерманс.
Второто негово писмо се однесува на интервенциите на новата влада на Полска и именувањето на судиите во Уставниот суд на земјата. Шинас рече во понеделникот дека ЕК од Варшава засега уште не ги добила одговорите на тие писма.
Законот е оценет како голема промена во правилата на работата на Уставниот суд.. Судот од петнаесет членови сега мора да ги носи одлуките со двотретинско мнозинство од гласовите и со најмалку тринаесет судии присутни на седницата, наместо досегашните девет. Опозицијата критикува дека сега партијата Прво и правда (PiS) може лесно да ја блокира секога одлука на судот која е спротивна на партискиот став. Во ова партија, пак, тврдат дека законот воведува ред во Уставниот суд и ги отстранува пречките за спроведување на изборните ветувања.
И комесарот за дигитално општество, Гинтер Етингер ја најави можност против Варшава да се активира механизмот кој никогаш досега не е користен, и тоа поради повредите на основните вредности на Европската унија, откако полскиот парламент го донесе законот со кој јавните медиуми се ставаат, како што обвинува тамошната опозиција, под надзор на конзервативната владејачка партија.
Новата полска влада, покрај тоа, ги донесе или ги подготвува законит со кои се менуваат функционирањата на управата, полицијата,и државното обвинителство коешто досега беше независно, а во иднина ќе биде под министерството за правосудство./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Русите уништија четири украински поморски дронови во Црното Море
Руските сили денес уништија четири украински поморски дронови, беспилотни површински пловила (УСВ), во близина на пристаништето Туапсе на Црното Море, едно од клучните пристаништа за извоз на нафта.
Детонацијата на еден од дроновите се случила во близина на брегот на Туапсе, во регионот Краснодар, оштетувајќи ги крајбрежните објекти, објави „Интерфакс“ повикувајќи се на регионалниот центар за вонредни ситуации. Нема извештаи за жртви.
Krasnodar Krai, Russia ❗
💥Tuapse is being attacked by sea drones, a probable hit near pier 167 has been recorded. – OSINT DniproOfficialpov: 44.10040125871804, 39.05830293365155https://t.co/K3TrwvhOz2 pic.twitter.com/NjVczfmjME
— LX (@LXSummer1) November 9, 2025
Според извори од индустријата и податоците за следење бродови, пристаништето го прекина извозот на гориво, а локалната рафинерија за нафта престана со преработка на сурова нафта откога украинските дронови ја нападнаа нејзината инфраструктура на 2 ноември.
Руските железници соопштија дека ги продолжиле ограничувањата за испорака на товар до Туапсе до 13 ноември.
фото: принтскрин
Европа
Истакната докторка исчезна во Унгарија пред една недела: пронајдено нејзиното тело
Телото на докторката што исчезна од болница во Унгарија пред една недела беше пронајдено утрово. Д-р Антонија Кет, истакнат оториноларинголог, исчезна неколку часа по операцијата на ‘рбетот, а болницата почна внатрешна истрага за да утврди како пациентот можел да го напушти одделението незабележано.
Смртта на докторката ја шокира јавноста и иницира многубројни прашања за човековата одговорност, за системот и за неуспесите што можеа да доведат до трагедијата, пишува унгарскиот портал szeretlekmagyarorszag.hu.
Клиничкиот центар Szent-Györgyi Albert во Сегед почна внатрешна истрага за да утврди како пациентка, која штотуку била оперирана, можела да го напушти објектот незабележано. Д-р Антонија Кет, истакнат раководител на одделот за оториноларингологија, била оперирана на 3 ноември поради проблем со ‘рбетот, но исчезнала од болницата само неколку часа по процедурата. Нејзиното тело било пронајдено една недела подоцна во блиска запуштена грмушка.
Снимките од безбедносните камери ја покажале д-р Кет, веројатно збунета од болката, како облекува тренирка преку болничката мантија и го напушта одделот за неврохирургија во влечки. Кога персоналот го забележал нејзиното исчезнување, почнала масовна потрага, во која учествувале полиција, кучиња трагачи и волонтерски спасувачки единици.
Нејзиното безживотно тело било пронајдено утрово, едвај 500 метри воздушна линија од клиниката. Полицијата ја исклучила можноста за насилна смрт, а точната причина ќе се утврди во административна постапка.
фото: принтскрин
Европа
Дронови забележани над нуклеарната централа „Доел“ во Белгија
По серија инциденти на белгиските аеродроми, синоќа беа забележани и дронови над нуклеарната централа Доел. Компанијата „Енџи“ потврди кратко пред 22 часот дека три дрона биле забележани над централата, пишува белгискиот РТЛ.
Портпаролката на „Енџи“, Хелен Смитс, изјави дека инцидентот немал никакво влијание врз работењето на електраната.
„Надлежните служби продолжуваат да ја следат ситуацијата“, додаде таа. Локалната полициска зона Шелдевас засега не сакаше да коментира.
Инцидентот се случил истата вечер кога воздушниот сообраќај на аеродромот во Лиеж беше привремено прекинат поради пријави за дронови. Летовите беа прекинати таму околу 19:30 часот и се нормализираа еден час подоцна, околу 20:25 часот.
Пријавите за дронови над аеродромот во Лиеж беа речиси секојдневна појава во текот на изминатата недела, а слични прекини беа пријавени и на аеродромот во Брисел минатиот вторник и четврток. Во последните денови и недели, редовно се пријавуваа и дронови над разни воени бази во земјата.
фото: принтскрин

