Економија
Јапонија пред банкрот: Се заканува ли нова економска криза?

Третата најразвиена светска економија доживеа колапс. Разорниот земјотрес на Јапонија и ја одзеде и последната надеж да се извлече од кризата. Рецесијата веќе не може да се спречи
Третата најразвиена светска економија доживеа колапс. Разорниот земјотрес на Јапонија и ја одзеде и последната надеж да се извлече од кризата. Рецесијата веќе не може да се спречи, а сега на државата и се заканува и банкрот. Се поставува прашање дали ќе дојде пак до светска економска криза.
„Ова е најтежок удар што Јапонија би можела да го доживее, а тој стигнува во најлош можен момент“ вели угледниот американски економист Нуријел Рубини.
Уште во последниот квартал минатата година можеше да се насети дека Јапонија ќе ја зафати рецесија.
Дефицитот на земјата изнесува 7.7 отсто, додека во Европската унија се наоѓа на ниво од три отсто. Коецу Аизава, професор по економија на универзитетот Саитама, очекува дека за обнова на земјата по земјотресот и цунамито ќе бидат потребни повеќе од десетина милијарди евра, што Јапонија ќе ја одведе во уште поголема задолженост.
За да спречи банкрот на државата, јапонската Централна банка пушти на пазарот 157 милијарди евра, за економијата да може и понатаму да функционира.
На северот на земјата, каде пред се е развиена автомобилската индустрија, производството е привремено запрено. Густата мрежа на патиштата и пристаништата, која обезбедуваше ефикасен ланец на испорака, сега е потполно уништена. Прекинато е и снабдувањето со струја.
„Дури и кога нешто би можеле да произведеме, тоа не би можеле да го испорачаме“ вели портпаролот на компанијата „Хонда“.
И другите големи концерни, како што се Тојота (12 фабрики), Нисан (четири фабрики) и Сузуки, ја запреа работата и неизвесно е кога производството ќе биде продолжено.
Посебна опасност за јапонската економија претставува можноста ако радиоактивниот облак од нуклеарната електрана Фукушима стигне до Токио, со оглед на тоа што во околината на престолнината се наоѓа јадрото на јапонската индустрија.
Европскиот пазар на акции, исто како и берзата во Токио, по земјотресот бележи загуби. Шефот на комисијата на германскиот економист Волфганг Франк, меѓутоа, не предвидува глобална рецесија, но вели дека катастрофата привремено би можела тешко да погоди одредени претпријатија кои се ангажирани во Јапонија.
Министрите за финансии во ЕУ денеска во Брисел се среќаваат за да разговараат за последиците од катастрофата во Јапонија./крај/блиц/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Апел од Стопанската комора по големиот пожар во Виница: Поддршката на Макпрогрес е поддршка за македонската економија

В петок, 12 септември 2025 година, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, ќе одржи состанок со ланците маркети, на кој ќе треба да се разговара каква форма на кампања ќе биде реализирана преку малопродажбата со цел засилена продажба на производите на Макпрогрес Виница, креатор на серија докажани и потврдено квалитетни брендови (Винчини, Сончева Долина, Натура, Дониа, Фантазиа) како и голем дел од производите кои се произведуваат под приватни трговски марки на водечките малопродажни ланци на маркети во Македонија.
Идејата на ваквата заедничка обединета бизнис активност во организација на Комората, е во насока на поддршка на Макпрогрес по пожарот кој сериозно уништи дел од имотот, опремата и капиталот на фабриката, а имајќи ја во предвид неговата извозна веќе докажана афирмација.
Стимулирањето на зголемената домашна потрошувачка на производите на Макпрогрес според проекциите на менџаментот на Макпрогрес, а во координација со активностите во Комората може да биде сериозна поддршка за обезбедување опстанок на фабриката, но најбитно и единствен начин за задржување на сите работници на работа во компанијата со што нема да се предизвика негативен ефект врз вработените и нивниот животен стандард.
Концептот за идното работење на Макпрогрес, но и случувањата во саботата во фабриката, првиот човек на Макпрогрес, Глигор Цветанов лично ќе им го соопшти на присутните на состанокот во Комората во петок.
„Паралелно ако се следат масовните објави и повиците на социјалните мрежи за поддршка на Макпрогрес и иницијативите за акции на купување на нивните производи од различни индивидуалци, инфлуенсери, истакнати личности, за само два дена од случувањето на немилиот настан (пожарот што се случи во фабриката), може да се констатира дека станува збор за исклучително невообичаен настан, односно креирање таков позитивен амбиент во јавноста, што само ја потврдува големината и квалитетот на Макпрогрес како домашен македонски бренд за што менаџментот на компанијата изразува голема благодарност до сите оние кои деновиве несебично иницираат и даваат идеи за поддршка“, велат од Стопанската комора.
И како што вели првиот човек на Макпрогрес Глигор Цветанов, „солидарноста која ја видовме деновиве, уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко“.
Економија
„Тесла“ ветува историска исплата за Маск од дури 1 трилион долари

Илон Маск би можел да стане првиот човек во историјата кој ќе добие акции во вредност од еден трилион долари, доколку во следната деценија „Тесла“ ги исполни своите најамбициозни цели, соопшти Управниот одбор на компанијата.
Според новата програма за наградување, Маск нема да добива пари или класични бонуси, туку акции, чија вредност би достигнала историски рекорд доколку плановите се реализираат.
Меѓу условите се вклучени продажба на 12 милиони електрични возила, лансирање на еден милион роботи со вештачка интелигенција и осмократен раст на вредноста на компанијата.
Претседателката на Управниот одбор, Робин Денхолм, изјави дека иако задачите изгледаат скоро невозможно, токму визијата на Маск и неговата упорност се гаранција за успех.
„Задржувањето и мотивирањето на Илон е клучно за ‘Тесла’ да стане највредната компанија во историјата“, порача Денхолм.
Оваа објава доаѓа само еден месец по одлуката на американски суд, со која Маск доби 29 милијарди долари во акции, откако претходно беше поништено грандиозното доделување од 50 милијарди долари поради негова неправедност кон акционерите.
Со новата програма, „Тесла“ испраќа порака дека иднината на компанијата останува тесно врзана за најбогатиот човек на планетата и неговите визионерски планови.
Економија
Мицкоски порача дека невработеноста паѓа, а економијата оди напред

Премиерот Христијан Мицкоски денеска преку објава на „Фејсбук“ порача дека најновите податоци ја потврдуваат економската стабилизација и растот кој, според него, е резултат на одговорни владини политики.
„Ја стабилизираме економијата, создаваме услови за економија која оди напред, граѓаните имаат повеќе работа, а трговската размена е во пораст“, напиша Мицкоски.
Тој посочи дека стапката на невработеност е намалена на 11,5 проценти, што претставува пад од еден процент во однос на истиот квартал минатата година.
„Во споредба со вториот квартал од 2024 година, денес имаме околу 10.000 нови вработени и над 7.000 помалку невработени. Тоа се илјадници семејства со поголема сигурност и иднина“, нагласи премиерот.
Мицкоски се осврна и на трговската размена, посочувајќи дека во јули извозот пораснал за 4,69 проценти, а увозот за 4,35 проценти.
„Во периодот јануари–јули, извозот е зголемен за 5,41 проценти, а увозот за 4,83 проценти. Вкупната трговска размена во првите седум месеци е поголема за 5,07 проценти во однос на истиот период лани“, додаде тој.
„Ова се реални резултати од одговорни политики. Додека опозицијата шири црнила и се надева на неуспех, ние испорачуваме резултати. Додека тие блокираат и кочат, ние градиме и носиме подобар стандард за секое семејство. Македонија оди напред, со повеќе работни места, посилен извоз и стабилна економија. Ова е времето на работа, резултати и развој“, порача премиерот во својата објава.