Македонија
ЕУ бара напредок во решавањето на името, правосудството и слободата на говорот
Прашањето за името, правосудството, слободата на говорот се клучните области во кои што Европската унија(ЕУ) очекува напредок од земјава.
Прашањето за името, правосудството, слободата на говорот се клучните области во кои што Европската унија(ЕУ) очекува напредок од земјава.
Директорот на генералниот директорат за проширување на Европската унија, Стефано Санино по тридневната посета на Македонија и средбите со владини и парламентарни претставници, вели дека Македонија остварила значителен напредок во многу области, но сè уште постојат области каде што Европа бара поголем напредок.
Прашањето за решавањето на името било тема на разговор со сите соговорници на Санино. Според него сега се исполнети сите услови за да може да се дојде до решение на ова прашање.
„Поставени се контакти кои течат меѓу властите на Македонија и властите на Грција и дека постојат некои елементи кои што можат да бидат утврдени како еден вид решение на ова прашање. Тоа ќе биде еден битен елемент со кој што ќе се даде еден развој на позициите на земјата во однос на процесот на евроинтеграции и НАТО. Јас сметам дека тоа исто така ќе биде од важност да се дозволи да се надмине ова тешко поглавје во историјата на земјата и да се отворат нови перспективи за иднината на Македонија“ вели Санино.
Тој додава дека сега е прерано да се каже дали до крајот на годината земјава може да ги отпочне преговорите со ЕУ.
„Мислам дека доколку прашањето за името се реши, можно е да се започнат преговорите и сега е прерано да се тврди ова во смисла на тоа дека сè уште го проценуваме напредокот од страна на Македонија во текот на последните 12 месеци и како што кажав, мислиме дека има голем напредок во многу области. Целокупното чувство е дека земјата се придвижува и постои реална шанса за тоа“ вели Санино.
Санино на средба со новиот министер за правда, ја нагласил важноста за обезбедување на независност, ефикасност и транспарентност во судството и ја поздрави измената на Законот за судски совет со која што министерот за правда нема да има право на глас во Судскиот совет.
Во контекст на последните развојни настани, Санино ја нагласил важноста на слободата на изразување и слободното изразување на медиумите.
„Прашањето на слобода на говор е високо на европската агенда. Оваа област ја следиме прецизно, ја споменав потребата да се осигура безбедна средина за новинарите во однос на работата, како и декриминализација. Додека ги нагласуваме овие елементи исто така ги почитуваме процедурите, еден од случаите што ги споменавме сега е предмет на судска истрага и уште еднаш го нагласувам почитувањето на независноста на судскиот систем. Мораме да чекаме, до крајот на истрагата“ изјави Санино.
Санино го покренал и прашањето за реформите во јавната администрација и порача дека единствени насоки за вработување на луѓе во јавната администрација треба да бидат достигнувањата и резултатите од нивната работа. Тој побара поголема заштита на ранливите групи, а се интересирал и за тоа што ќе презема Владата во однос на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор.
Значителен напредок според Санино, има во многу области кои што се поврзани со хармонизирањето на македонското со европското законодавство, како што се слобода на движење на стока, законот за трговски друштва, секторот на енергетика, воведување на фито санитарни стандарди.
Санино беше во тридневна посета на Македонија со цел да оствари контакти со новата Влада и со новиот Парламент за да добијат информации за активностите кои ги презема владата во однос на процесот на евроинтеграции. Ова, како што рече, е и суштински момент за Брисел, со оглед на тоа што го финализираат извештајот на постигнатиот напредок на земјава. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Техничката влада треба да замине во минатото, но ако СДСМ мислат дека е потребна за следните избори, во ред, прифаќаме
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на прес-конференцијата по завршување на лидерската средба извести дека сите присутни се согласиле дека техничката влада треба да замине во минатото.
„Сите денеска присутни се согласивме. Имаше сугестија од еден од присутните да се направи консултација со меѓународната заедница. Но, генерално сите се согласивме дека техничката влада треба да замине во минатото. Мислам дека треба да покажеме одговорност дека сами можеме да носиме зрели одлуки. За мене ова е зрела одлука. Сепак не е мој личен карактер, ниту начин на размислувања тоа да не биде консензуално во рамките на пратеничките групи одлука којашто ќе се донесе. Денеска видовте дека една коалиција отсуствуваше. Доколку таа коалиција не го прифати ова носење на измени во Законот за Влада со што би се избришала техничката влада за следните парламентарни избори. Тој закон се менува со просто мнозинство во парламентот, со 61 глас „за“. Сепак мојот предлог беше да не го правиме тоа на сила, без нивна согласност туку да донесеме измени на Законот, по следните избори тогаш да не важи техничката влада. Ако толку тие инсистираат да важи за овие избори техничката влада, еве измените да не ги опфатат следните парламентарните избори, туку тие што ќе следат по тоа“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека ако нема согласност за следните избори од сите да се избрише техничката влада, барем да се избрише за тие потоа.
„За да излеземе од ќорсокак, ние го прифаќаме и тој компромис. Ако СДСМ мислат дека е потребно за следните избори да има техничка влада, во ред. Но кој и да победи на следните избори, да нема повеќе техничка влада“, кажа премиерот.
На новинарско прашање, Мицкоски одговори дека на лидерската средба не се отворила темата за предвремени парламентарни избори.
Македонија
МОН: Ја јакнеме инклузијата со влезот во Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование
„Размената на искуства и позитивни практики со земјите од Европа и Светот ни е од голема важност во оваа насока, и затоа се радуваме што стануваме земја членка на Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование (EASNIE)“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на средбата со Жоао Коста, директор на EASNIE и Рута Сваринскаите, кои деновиве се во посета на нашата земја.

– Постојано работиме на подигнување на инклузивноста на образовниот систем, затоа што секое дете мора да има еднаков пристап до квалитетно образование и да добие шанса за достигнување на својот полн потенцијал, независно на комплексноста на посебните образовни потреби. Имаме што да споделиме, бидејќи особено во изминатите неколку години направени се крупни чекори напред во градењето на инклузивно општество, но како земја во развој ќе продолжиме и внимателно да ги следиме трендовите кои ги наметнуваат развиените земји, истакна Јаневска на средбата.

Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование е независна организација која дејствува како платформа за соработка меѓу земјите-членки, со цел обезбедување поинклузивни образовни системи. Агенцијата е единственото европско тело кое е финансирано од своите земји-членки со конкретна мисија да им помогне да го унапредат квалитетот и ефикасноста на инклузивното образование за сите ученици, односно EASNIE е кофинансирана од министерствата за образование во земјите-членки и од Европската комисија преку оперативен грант преку Еразмус+.
Македонија
(Видео) На подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек за да се избегне блокирање на патот, СВР Тетово со апел да се почитуваат сообраќајните правила
Секторот за внатрешни работи Тетово постапува согласно годишен план за постапување во зимски услови во зимските рекреативни центри Маврово и Попова Шапка, но и во целото подрачје што го покрива.
Како и минатата година, така и оваа година на подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек на движење на возилата за да се избегне секој вид на блокирање на патот. Но, поради одредени неодговорни возачи кои не го почитуваат тоа правило дооаѓа до целосно блокирање на сообраќајот. Исто така, проблем претставува и паркирањето на возила покрај патот со што се оневозможува на надлежните институции за целосно чистење на патот и на тој начин уште повеќе се отежнува движењето во сообраќајот, односно на некои делници од патот кон Маврово нема можност за двонасочен сообраќај, велат од СВР Тетово.
Пред почетокот на сезоната, Отсекот за превенција при СВР Тетово во неколку наврати одржа состаноци со менаџери и сопственици на хотели и угостителски објекти во овие два туристички локалитети, при што беше укажано да преземаат соодветни мерки во нивниот делокруг на работа за безбедноста на посетителите, а и во однос на обезбедување на доволен број паркинг места за нивните клиенти.
„За да не се повторат ситуации од претходните години во Маврово и Попова Шапка, кога СВР Тетово дополнително ангажираше полициски службеници од другите полициски одделенија за физичко регулирање со наизменично пуштање на возилата и расчистување на сообраќајот, СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници и да не тргнуваат кон овие локации без соодветна зимска опрема“, соопштуваат од СВР Тетово.
СВР Тетово ги известува граѓаните дека ќе бидат ангажирани и пајак службите на Тетово и Гостивар секогаш кога некое возило ќе го попречува сообраќајот, односно ќе биде подигнато и законски санкционирано.

