Македонија
Управата за извршување на санкции ги отфрла тврдењата на СДСМ за затворите
Од Управата за извршување на санкции денеска ги отфрлија тврдењата изнесени од СДСМ дека состојбата во затворите е катастрофална, и велат дека тоа се паушални и невистинити податоци.
Тие истакнуваат дека за воспитно поправниот дом Тетово се пласираат непроверени информации со што се загрозува интегритетот на малолетниците.
„На 5 јануари оваа година воспитувачот во разговор со малолетникот се стекнал со сомнеж дека можеби истиот е подложен на злоупотреба од страна на другите малолетници. Веднаш во придружба на воспитувачот и еден надзорник малолетникот е однесен во Универзитетската клиника по хирушки болести “Свети Наум Охридски” и по извршениот преглед од страна на лекарот специјалист е констатирано дека не се најдени никакви траги на злоупотреба врз малолетникот“, објаснуваат од Управата за извршување на санкции.
Тие велат дека се згрозени од спремноста на оваа партија како средство за напад врз неа да ги злоупотреби малолетниците од домот за дневно политички цели.
Тие велат дека според анализата на состојбите во затворскиот систем во Република Македонија констатирано било дека актуеланата Влада презема објекти кои со години не беа реновирани, го едуцирала персоналот и обезбедила соодветна опрема за обезбедување.
„Во периодот 2002-2006 година во времето на СДСМ вкупните капитални инвестиции во затворскиот систем изнесуваа 150 милиони денари за 4 години, додека во периодот 2006-2010 година капиталните инвестиции изнесуваат над 250 милиони денари“, додаваат од Управата за извршување на санкции
Од таму истакнуваат дека во 2010 година се обезбедени дополнителни 114 милиони денари за започнување на изградба на ВПД Тетово и КПД Идризово која се очекува да започне во втората половина на оваа година.
Во овој период според нивните извештаи се вработени 284 нови лица, воглавно во Секторот за обезбедување, Секторот за ресоцијализација и Здравствениот сектор.
„Владата на Република Македонија го усвои физибилити извештајот за изградба и реконструкција на ВПД Тетово, КПД Идризово, Затворот Скопје и Затворот Куманово во вредност од 56 милиони евра, заем од Банката за развој на Советот на Европа и буџетски средства“, укажуваат од Управата.
Во врска со наводите на СДСМ за изградбата на затворот Куманово дека тендерот го добила градежна фирма, тие негираат и велат дека го добила трговска фирма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

