Македонија
Иванов и Селмани во втор круг
Кандидатите за претседател на државата Ѓорге Иванов и Имер Селмани имаат најстабилни и сигурни рејтинзи, кои им гарантираат влез во вториот изборен круг…
покажала анкетата на Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ). Доколку утре се одржат парламентарни избори, 30,9 отсто од испитаниците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе од 30 отсто од испитаниците се определиле за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, за кого имаат и позитивно мислење, а 18,8 отсто се определиле за Имер Селмани од Нова демократија. Зад овие двајца се кандидатите Љубомир Фрчкоски, за кого би гласале 15,6 отсто од испитаниците, потоа 10, 9 отсто би гласале за Агрон Буџаку, за Нано Ружин 5,6 отсто, 4,4 отсто за Љубе Бошкоски, а 2,7 отсто својот глас би го дале на единствената жена меѓу кандидатите, Мируше Хоџа.Позитивно мислење за Иванов и за Селмани имаат најголем број испитаници и тоа 37,5 отсто, односно 32,1 отсто. Трет на листата е Љубе Бошкоски, за кого позитивно мислење имаат 25 отсто од испитаниците. Под 20 отсто од испитаниците имаа позитивно мислење за Фрчкоски, за Агрон Буџаку, за Нано Ружин и за Мируше Хоџа. Од друга страна, пак, над 50 отсто од испитаниците имаат негативно мислење за кандидатите, со исклучок на Иванов и на Селмани.Најлошо стојат Мируше Хоџа и Љубомир Фрчкоски, со дури 61 отсто од испитаниците кои имаат негативно мислење за нив. Наспроти нив, Иванов негативно им делува на 45,1 отсто од испитаниците, а додека Селмани само 33,7 отсто. Останатите кандидати, според негативното мислење се движат околу 55-58 отсто.Граѓаните сметаат дека претседателот треба најголемо внимание да обрне на економските прашања во земјава, дури 51 отсто, иако има многу мали надлежности на тоа поле. Околу 27 отсто испитаници, приоритет му дале на влезот во НАТО и во ЕУ, а спорот со Грција за името добил само 7,4 отсто.Личниот контакт меѓу кандидатите и избирачите е важен дел од кампања за 40,8 испитаници. Јавната дебата добила поддршка од 39,4 отсто од испитаниците, а големите митинзи излегуваат од мода, зашто добиле доверба од само 9,9 отсто од испитаниците.Доколку утре се одржат парламентарни избори, 30,9 отсто од испитаниците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, додека за опозиционите СДСМ и ЛДП би гласале 19,7 отсто, односно 1,5 отсто. Доверба од граѓаните, партиите од албанскиот блок би добиле во 11,9 отсто за ДУИ, Нова демократија 8,9 отсто и 3,5 отсто ДПА.Анкетата е спроведена на стандарден репрезентативен примерок, со запазени критериуми за етничка, полова и регионална припадност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски: Заложба на оваа Влада е да биде транспарентна и отворена
Министерството за дигитална трансформација во соработка со Фондацијата Метаморфозис, денес одржаа јавна расправа за Нацрт-законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор, со цел да се унапреди систематското објавување и користење на јавните податоци.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека транспарентноста и отвореноста се јасна заложба на Владата.
„Нешто што е заложба на оваа Влада е да биде транспарентна, отворена, да објавува информации што се важни за граѓаните, но не секогаш само за соопштенија, закони и одлуки, туку и на ниво на тековни анализи, на документи до кои се стасува до работа во владините институции, но на еден систематски начин. И досега постоеше портал за отворени податоци Data.gov.mk, за жал, без многу голема употреба, а сега со овој закон мислиме дека ќе ги расчистиме правилата и начините како да се стигне до отворените податоци, како државните институции треба да ги објавуваат и како и на кој начон може да се користат“, изјави Андоновски
Министерот информираше и дека МДТ направило значајна техничка модернизација на порталот, а во рамки на унапредувањата, беше промовиран и ВИ чат-бот интегриран со порталот, развиен во соработка со Македонски Телеком и со ангажман на волонтери од Министерството, кој треба да им помогне на граѓаните полесно да стигнат до потребните информации.
„Променет е и оперативниот систем на кој работеше, целосно бекенд надградба што се случи затоа што сите екстензии биле направени одамна со странска поддршка, но никогаш не биле надградени. Сега имаме нов, современ портал за отворени податоци, лесно достапен, а во соработка со Македонски Телеком и нашите волонтери од Министерството, за прв пат имаме чат-бот кој користи вештачка интелигенција и кој на лесен начин ќе може да им помогне на граѓаните, заинтересираните, здруженијата, лесно да дојдат да дојдат до податоците, без да мора сами да пребаруваат низ множества податоци, туку со едноставни промптови да стигнат до информациите кои им се потребни“, рече министерот за дигитална трансформација.
Тој додаде дека има нацрт-текст за овој закон кој е потребен за зголемување на транспарентноста и користење на податоците, но, како што нагласи, тој текст не е врежан во камен и затоа изрази подготвеност да биде променет и подобрен доколку заинтересираните сметаат дека за тоа има потреба.
„Овој текст на закон е во насока полесно да се стаса до информациите кои се важни за невладинте организации и граѓаните, а исто така ги обврзува институциите да ги споделат овие информации со нив“ рече министерот Андоновски во изјава по воведните обраќања на настанот.
Исто така, посочи дека се подготвува и техничка надградба на самиот портал Data.gov.mk.
„Тоа ќе овозможи тој да ги влече по автоматизам податоците да не треба некој одговорен во институцијата да ги објавува. Мислам дека кога ќе создадете висококвалитетни, огромни дата сетови тогаш и користењето ќе се зголеми, бидејќи во моментов таа е навистина многу мала“, истакна министерот за дигитална трансформација.
Нацрт законот е подготвен во рамки на усогласувањето со правото на Европската Унија и европските политики во оваа област.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството е должно да постапува по секој еден случај во кој има сомнеж за корупција и криминал како оној со „Жан Митрев“
И покрај фактот што поминаа десеттина дена откако доктор Жан Митрев кажа јавно за намерите на Венко Филипче да ја преземе Клиничката болница која тој ја води, молк од Филипче, но молк и од надлежните институции како Јавното Обвинителство, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Јавното Обвинителство, кажа тој, има повеќе од доволно информации врз чија основа може да покрене постапка.
„Овде пред Јавното Обвинителство, ќе повториме кратко за што станува збор.
Очигледно е дека планот за преземањето на Клиничката болница од Филипче заедно со неговиот другар Зоран Заев и тогашен премиер, било добро планирано.
Филипче и Заев ги применувале за нив добро познатите техники како изнуда, притисоци, а ветувале и дека ќе влијаат во судската постапка во која страна е доктор Жан Митрев.
Планот, евидентно дека не поминал но и добро е што не поминал, бидејќи планот на Филипче вклучувал и еден вид на приватизација на јавни пари или пари на граѓаните.
Како? На тој начин што Филипче ја зголемил сумата од ФЗО која се префрла кој болницата, или сумата во 2020 година достигнала околу 11 милиони евра, што е скоро дупло за разлика од сумата која е одвоена за болницата во 2015 година“.
Многу едноставно вели Петрушевски, Филипче ја зголемувал сумата која се префрла од ФЗО кон Клиничката болница, а истата сакал да ја преземе за багателна цена.
„За тоа што Филипче не сака да одговори во јавност, му судат граѓаните на избори.
Но, Јавното Обвинителство е должно да го испита секој случај во кој постои барем и мал сомнеж за криминал и корупција.
Затоа денеска уште еднаш го повикуваме Јавното Обвинителство да ги разгледа информациите и да потстапува“.
Македонија
Општина Кисела Вода: Проект за мапирање на културното наследство
Денес градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, оствари работна средба со Никола Веселинов, историчар и архивист од Конзерваторскиот центар – Скопје, Радомир Ивановиќ, археолог од Археолошкиот музеј, како и со пратеничката и етномузиколог Велика Стојкова Серафимовска.
Целта на средбата беше истражување на потенцијалот на културното наследство на Кисела Вода, како најстара скопска општина, со посебен акцент на историските, археолошките и културните вредности на овој простор.
На средбата беше договорено започнување стручна иницијатива во насока на систематско собирање и обработка на податоци за археолошки наоѓалишта, историски локации, објекти од културно значење и локални традиции. Овие информации ќе бидат основа за изработка на културно-историско-археолошка карта на Општина Кисела Вода, која ќе претставува сеопфатен преглед на културното богатство на општината, соопштија од таму.
Добиените податоци, појаснуваат, ќе бидат дигитализирани и објавени на официјалната веб-страница на Општината, со што ќе станат лесно достапни за граѓаните, учениците, истражувачите, но и за посетителите, со цел унапредување на локалниот културен туризам и подигнување на јавната свест за значењето на наследството.
Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска истакна дека оваа соработка е важен чекор кон валоризација на локалната историја.
-Кисела Вода поседува богато културно и археолошко наследство кое досега не е доволно систематизирано и презентирано. Со поддршка на врвни стручњаци од областа на историјата, археологијата и етномузикологијата, започнуваме процес кој ќе овозможи нашето наследство да биде истражено, документирано и достапно за јавноста. Нашата цел е да создадеме современа дигитална платформа која ќе ја приближи историјата до граѓаните и ќе ја позиционира Кисела Вода како значајна културна точка на мапата на Скопје- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

