Скопје
Почна реконструкцијата на фискултурните сали во „Песталоци“ и „Коле Неделковски“
Општина Центар започна со реконструкција на фискултурните сали во основните училишта „Ј.Х. Песталоци“ и „Коле Неделковски“.
Во училиштето „Ј.Х. Песталоци“ се врши реконструкција на подот на фискултурната сала, комплетно се менува подлогата и се поставува нов висококвалитетен дабов паркет на површина од 300 метри квадратни.
Истовремено, во училиштето се санира и подот во аулата со површина од 250 метри квадратни.
„Дека се работи за сериозна интервенција, зборува фактот што на аулата и на салата не е интервенирано од 1969 година, кога е изградено училиштето. За ова училиште, донација на швајцарската влада по земјотресот во Скопје, општината е особено внимателна да се задржи автентичноста и изгледот на објектот“, велат од Општина Центар.
Истовремено, во училиштето „Коле Неделковски“ се прави комплетна реконструкција на подот на фискултурната сала, со нова подлога и нов дабов паркет.
Реконструкцијата е финансирана од општинскиот Буџет.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Ѓорѓиевски во ООУ „Кузман Шапкарев“: Реновирање за подобри услови и едносменска настава
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска го посети основното училиште „Кузман Шапкарев“ во населбата Драчево, каде е во тек санација на 11 училници, со што значително ќе се подобрат условите за изведување на наставата за 643 ученици од прво до деветто одделение.
Во рамките на санацијата, која е со вредност од 1.250.000, 00 денари, обезбедени од буџетот на општина Кисела Вода, се опфатени активности за реновирање на подови на површина од 360 квадратни метри.
Градоначалникот Ѓорѓиевски ја истакна важноста од модернизација на образовните објекти и обезбедување оптимални услови за учениците:
„Со завршувањето на планираните активности, училиштето „Кузман Шапкарев“ ќе добие подобрени просторни и функционални капацитети, што директно ќе придонесе за квалитетот на образованието и удобноста на учениците и наставниците. Со оваа санација, во комбинација со доградбата на две нови училници, која веќе е завршена, и планираната доградба на уште три, создаваме предуслови за учениците од ООУ “Кузман Шапкарев” да посетуваат настава само во една смена. Ова е една од нашите најважни цели – децата да учат во подобри услови, без пречки и со можност за целосна реализација на наставниот процес. Едносменската настава значи повеќе време за воннаставни активности, спорт, дружење и семејство, и наскоро ќе биде реалност во сите основни училишта на територијата на Општина Кисела Вода“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Скопје
Отстранети неколку обемни диви депонии во скопските општини Чаир, Карпош, Ѓорче Петров и Аеродром
Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа активности за расчистување на неколку обемни диви депонии во скопските општини Чаир, Карпош, Ѓорче Петров и Аеродром.
Отстранета е обемна дива депонија лоцирана на улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“ каде што се подигнати приближно 20 кубни метри претежно мешан комунален отпад одложен на јавна површина. Интервенирано е и во населбата Трнодол, во општината Карпош, каде што се расчистени 10 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и отпад од картонски пакувања, како и на булеварот Партизански одреди, во близина на поштата во општината Ѓорче Петров, каде што е отстранет кабаст отпад и неколку автомобилски гуми одложени на тревна површина.
ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше активности и на улиците Коста Новаковиќ и Анастас Митрев во скопската општина Аеродром, во чиишто рамки се подигнати вкупно 20 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад.
Скопје
Бесплатен превоз за невработени, паричен надомест за пензионери, солидарен фонд за средношколци од социјален ризик – дел од мерките што Левицата ги предлага во Град Скопје за в година
Советничката група на Левица во Советот во Град Скопје поднесе 10 амандмани на Буџетот и предлог програмите на градот за 2025 година.
„Во поднесените амандмани ги предлагаме следните мерки:
– Еднократна парична помош за пензионери со ниски пензии (пензии до 20.000 денари),
– Набавка на еколошки дрва со цел намалување на загадувањето на воздухот;
– Бесплатен јавен превоз за невработените лица – жители на град Скопје;
– Субвениции за граѓани и фирми за набавка на филтри за оџаци;
– Еднократна парична помош за лица и семејства кои се нашле во состојба на социјален ризик ( природна непогода, болест или смрт во семејството…)
– Топол оброк за социјално ранливи категории на граѓани;
– Тековно одржување на домови за стари лица;
– Отворање на солидарен фонд за средношколци од социјален ризик ( за субвенционирање на трошоци за матура, екскурзии и сл.),
– Субвениции за набавка на инвертер клими за семејства од социјален ризик;
– Дополнителни средства за културни манифестации
Дел од мерките ги предложивме со цел намалување на енормното загадување во главниот град, а остатокот се социјални мерки со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните во надминувањето на тешката економска криза предизвикана од енормното зголемување на цените на основните прехрамбени продукти“, велат од Левица и додаваат:
„Се надеваме дека предложените амандмани ќе бидат изгласани на седницата на Советот на Град Скопје која што е закажана за денс во 11 часот“.