Црна хроника
Уапсени двајца вработени во МВР, дел од „Пуч“

Уапсени уште двајца осомничени дел од полициската акција „Пуч“ кои се товарат за шпионирање за странска служба и закани кон високи државни функционери за што биле финансиски богато наградени.
Според министерството за внатрешни работи, осомничените со употреба на незаконски средства на следење и шпиунирање, како и упатување на сериозни закани кон високи државни функционери сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги.
Едниот од нив е се уште вработен во Министерството за внатрешни работи додека другиот работел во Министерството, но во 2013 година му е раскинат договорот. Двајцата биле вработени во Министерството во раните деведесети години
„Од првично направените проверки, имотот на двајцата е несразмерно зголемен, односно анализите кои досега се направени покажуваат дека станува збор за стотици илјади евра во готовина, но и во акции кои завршиле кај нив“ соопштуваат од МВР.
При претресите направени во нивните домови и на други пет локации во Скопје биле пронајдени пет лап-топ компјутери, три куќишта од компјутери, еден персонален компјутер, 18 мобилни телефони (шест од истите се со СИМ картички), околу 1000 CD и DVD, 110 видео и аудио касети, 30 мини VHS касети, 19 негативи од филмски ленти, 18 филмови за фотоапарат, 14 флопи дискови, 17 хард дискови, 19 usb, електронска рамка со USB меморија, еден нотес, исто така одземени се девет штедни книшки од кои четири девизни книшки од Стопанска банка со штеден влог со вредност од околу 13.600 евра и пет од Еуростандард банка, од кои две девизни со штеден влог од 24.658 евра и три денарски книшки со штеден влог од 9.657.491,00 денари, односно во двете банки со вкупен штеден влог од околу 17.000 евра, потоа пронајдена евиденција за околу 600 акции на име на седум правни субјекти сопственост на едно од пријавените лица.
Осомничените ќе одговараат за „Шпионажа“ и „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Тешко повреден мотоциклист во Бардовци по судир со возило управувано од државјанин на САД

Во сообраќајна несреќа што се случила на 3 август околу 18:40 часот во село Бардовци, тешко е повреден 26-годишен мотоциклист од Скопје.
До несреќата дошло на крстосницата меѓу ул. „2“ и сервисна улица, кога се судриле патничко возило „Нисан Кашкаи“, управувано од 36-годишен државјанин на САД со престој во Скопје, и мотоцикл „БМВ“.
Повредениот е пренесен во приватна болница, а увид извршила екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Сопруг ја нападнал сопругата и нејзиното семејство во Карбинци, користел и предмети

Синоќа во Штип, полициски службеници го привеле 37-годишниот С.К. од селото Таринци, општина Карбинци, поради сомнение за напад врз сопственото семејство.
Според пријавата, С.К. во дворот на родителите на својата сопруга физички ја нападнал неа, како и нејзиниот брат, мајка и татко, користејќи остар и тврд предмет. Повредените биле веднаш пренесени во Клиничката болница во Штип, каде што на мајката и братот им биле констатирани тешки телесни повреди.
Напаѓачот е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за „Тешка телесна повреда“ по член 131 од Кривичниот законик.
Топ
Обид за убиство во Струга – со нож го избол во стомакот, рацете и во вратот

Основното јавно обвинителство Струга отвори истрага против две лица, од кои едното е осомничено за обид за убиство и насилство, додека вториот осомничен му помогнал да го изврши обидот за убиство.
„На 2 август, поради претходно нарушени меѓусебни односи, првиот осомничен се обидел да лиши од живот едно лице. Вториот осомничен најпрво со својот автомобил БМВ Х6 го попречил патот на Фолксваген голф 7 во кој се превезувал оштетениот и уште едно лице. Двајцата осомничени излегле и се упатиле кон оштетените и ги нападнале физички, најпрво удирајќи ги со боксови. Во еден момент првиот осомничен извадил нож и му нанел повеќе убодни рани на оштетениот во стомакот, надлактицата и вратот, со што му предизвикал тешки телесни повреди. За тоа време вториот осомничен извикувал и го поттикнувал да го доврши делото“, соопшти обвинителството.
Сведокот-оштетен се обидел да ги оттргне и да ги спречи, па првиот осомничен и врз него извршил насилство, расекувајќи го со ножот на раката и предизвикувајќи чувство на загрозеност и страв во јавноста.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.