Европа
Шулц уверува дека Грција бара решенија со европските партнери, Цирпас најави план

Грција има волја да разговара со европските партнери и да бара „решенија на заедничка основа“, изјави во четвртокот претседателот на европскиот парламент Мартин Шулц по разговорите со новиот грчки премиер Алексис Ципрас, кој средбата ја оцени како „конструктивна“ и најави дека неговата влада има подготвено план да го осигури обновувањето на економскиот раст без примена на жестоките мерки за штедење.
Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, е првиот челник на Европската унија кој се сретна со новиот грчки премиер Алексис Ципрас, откако неговата коалиција на радикалната левица Сириза победи на неделните предвремени парламентарни избори и, и покрај прогнозите, со десната партија Независни Грци брзо формираше влада, наоѓајќи го заедничкиот интерес во ветувањето дека ќе бидат сопрени непопуларните мерки за штедење и оти ќе се преговара за отпишување на значителен дел од грчкиот долг кон меѓународните доверители, што наиде на негодувања во Брисел.
„Постоеше стравување дека Алексис Ципрас ќе оди по својот пат, но тоа не е точно, тој е за дијалог (…) Грција бара решенија на заедничка основа со своите европски партнери.“, изјавил Шулц, пренесуваат грчките медиуми.
„Тоа е добар чекор напред и се надевам на конкретни чекори утре (во петок) со претседателот на еврозоната Јероен Дијсеблом“, кој доаѓа во Атина на разговори со грчкиот премиер, додал Шулц. Претседателот на Европскиот парламент изразил задоволство што меѓу приоритетите на Ципрас е „борбата против даночното затајување“ и „социјалните неправди поврзани со даночното затајување“.
Од своја страна, пак, Ципрас за медиумите изјавил дека неговата влада „има план за големи реформи“. „Имаме план за враќање на економскиот раст без примена на острите мерки за штедење“, додал грчкиот премиер.
Според Ципрас, „се водат преговори со партнерите на Грција за изнаоѓање заемно корисно решение за темите коишто се од заеднички интерес“. „Ние ја гарантираме стабилноста“, ветил премиерот додавајќи дека „за тоа е потребно време“.
Ципрас истакнал дека со претседателот на Европскиот парламент водел „плодна и конструктивна дискусија која ќе може да резултира со нова доверба меѓу институциите на ЕУ и Грција без меморандуми“, со меѓународните доверители за мерките за штедење во замена за финансиската помош, Европската централна банка, Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд.
Новиот грчки премиер потенцирал уште еднаш ека неговата влада има план за широки реформи „за борба против корупцијата, затајувањето на даноците и за обновување на производството и економскиот раст./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин