Европа
Обама ја предупредува Европа на опасноста од „грубиот“ национализам
Американскиот претседател Барак Обама, кој во вторникот ѝ изрази поддршка на Грција во носењето на товарот на бегалската криза, за текот на својата последна претседателска посета на Европа, предупреди на опасноста од „грубиот“ национализам и потсети што се случува кога Европејците ќе почнат да се делат.
По годината одбележана, како што рече американскиот претседател, со популистички бран од одлуката на Велика Британија да излезе од Европската унија до пораста на антиимгрантската реторика, Барак Обама предупреди на опасност да им се подлегне на нагоните коишто ги делат луѓето.
„Ќе мора да внимаваме на растот на тој груб национализам или на етничкиот идентитет кој се гради околу поимите ‘ние’ и ‘тие’. Знаеме што се случува кога Европејците ќе почнат да се делат (..) Дваесеттиот век беше кланица“, изјави Обама и додаде дека САД се болно свесни за опасноста од поделбите според расата, верата или етничката припадност.
По победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на 8-ми ноември на американските претседателски избори, Обама во Европа допатува и за да ги примири европските сојузници, загрижени и вознемирени поради тоа што тие беа против Трамп и поради неговите изјави со коишто ги повикуваше европските партнери да вложуваат повеќе во трансатлантските врски. Европејците, особено оние во источните земји и поблиску до сферата на влијание на Русија по затегнувањето на односите на САД и ЕУ со Москва поради украинската и сириската криза, се загрижени и поради тоа што Трамп сериозно ја доведува во прашање и огромната помош на САД во НАТО, кого го доживуваат како гарант на нивната безбедност.
Обама во тој контекст во Атина истакна дека трансатлантската врска е „камен темелник на двостраната сигурност и просперитет“, без оглед на тоа кој седи во Овалната канцеларија на Белата куќа. „И во демократските и во републиканските администрации постои согласност дека НАТО сојузот е апсолутно клучен“, рече Обама.
Меѓутоа, обезбедувањето во Атина во текот на посетата на Барак Обама е на високо ново, а во областите на грчката престолнина во кои се движи забранети се протести. Очигледно, многу Грци не можат на САД да им простат што ја поддржаа диктатурата на хунтата од 1960-те години. Така, на повик на левицата и анархистите, во вторникот илјадници луѓе се собраа во квартот Егзархија под мотото „Обама не е добредојден“ и „Не за војната, не за империјализмот“.
Во средата Обама, инаку прв американски претседател кој ја посетил Грција по Бил Клинтон во 1999 година, ќе го посети Акропол каде што ќе одржи говор за предизвиците на глобализациата.
Претходно во вторникот Обама ја пофали Атина поради прифаќањето на стотиците илјади имигранти и бегалци. Повеќе од милиони имигранти и бегалци минатата 2015 година пристигнаа на грчките острви во Егејското Море од турскиот брег на патот кон богатите земји од западна и северна Европа.
„Сакам јавно да му се заблагодарам на грчкиот народ на нивниот одговор на мигрантската криза“, рече Обама на заедничката прес-конференција со грчкиот премиер Алексис Цирпас, и додаде дека Грците „заслужуваат благодарност од целиот свет“, бидејќи без разлика на финансиските тешкотии настанати од должничката криза, Грција на тие луѓе им пружила голема помош.
На презадолжената Грција, инаку, Обама и искажа поддршка со ветувањето дека во европските престолнини ќе пренесе дека само политиката на штедење не е единствениот лек за финансиската криза.
„Во својата порака до остатокот од Европа ќе продолжам да нагласувам дека политиката на штедење не може самата да доведе до благосостојба. Грција последните неколку години мина низ многу предизвикувачки и драматични времиња. Мило ние е да видиме дека се случува напредок. Иако знаеме дека пред вас се многу значајни предизвици, ќе бидеме раме до раме со грчкиот народ во текот на тој процес“, порача Обама.
Грција кон средината на 2015-та го потпиша третиот финансиски пакет во износ од нови 86 милијарди евра, но за излегувањето од најголемата финансиска криза потребно е неколку генерации да минат низ долготрајниот процес на реструктуирање на долгот. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој учествуваше во спасувањето на Грција од банкрот и истапување од еврозоната во 2010 и 2012 година, го одби третиот пакет помош по првите два од над 200 милијарди евра, доколку Атина не го намали јавниот долг.
По Грција, Обама патува во Германија каде што ќе разговара со канцеларката Ангела Меркел, еден од неговите најблиски странски партнери. Потоа, исто така во Берлин, ќе се сретне со францускиот претседател Франсоа Оланд, со британската премиерка Тереза Меј и со италијанскиот премиер Матео Ренци. По Европа американскиот претседател на заминување ќе отпатува во Пери каде што ќе учествува на азиско-пацифичкиот самит./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

