Европа
Камерон ги повика британските муслиманки да положат тест за познавање на англискиот
На лицата коишто во Велика Британија влегле како имигранти, а кои во рок од две ипол години од доаѓањето нема да го положат тестот за познавање на англискиот јазик, останувањето во оваа земја можеби нема да им биде дозволен, најави во понеделникот британскиот премиер Дејвид Камерон, настојувајќи да поттикне што подобра интеграција на муслиманските жени во општеството.
Премиерот Дејвид Камерон потсети дека во Велика Британија во моментов живеат 190.000 британски муслиманки чиј англиски јазик е многу лош или воопшто не го знаат, како и дека земјата мора да преземе нешто во смисла на „назадните ставови“ на мажите коишто, како што истакна, имаат погубна контрола над животите на своите сопруги, сестри и ќерки.
„Секој може да се досели овде со основно знаење на англискиот. Не постои никаква обврска знаењето со текот на времето да се подобри. Меѓутоа, тоа ќе го измениме. Отсега ќе важи правилото: доколку не го подобрите познавањето на англискиот јазик, тоа ќе влијае врз потенцијалното присилно заминување од Обединетото Кралство“, напиша Камерон во написот објавен во весникот Times.
„На овој начин ги предупредуваме мажите коишто ги спречуваат своите партнерки во нивните настојувања да се интегрираат во британското општество, дека за тоа ќе трпат последици“, пишува натаму британскиот премиер.
Неговата влада има намера да вложи околу 20 милиони фунти во курсеви по англиски јазик наменети за жените од изолираните заедници, а од октомври 2016 година ќе започне тестирањето на лицата кои во Велика Британија допатувале со виза на сопружникот. На тој начин треба да се провери дали нивното познавање на јазикот во меѓувреме се подобрило.
Камерон истакнува дека смета оти нема директна поврзаност меѓу слабото познавање на англискиот и екстремизмот, но и оти е убеден дека постои опасност дека оние коишто не се во состојба да се вклопат во британското општество, може да бидат поподложни на екстремистичките идеологии и пропаганди.
Неговите размислувања изложени во споменатиот напис веќе во понеделникот беа критикувани од страна на муслиманските групи коишто сметаат британскиот премиер само ги оцрнува муслиманите, наместо да соработува со муслиманските заедници и да им помага во борбата против тероризмот.
„Премиерот Дејвид Камерон и неговите конзервативци настојуваат со евтини политички потези да ја покажат својата решителност“, вели челникот на фондацијата Рамадан, Мохамед Шафик./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

