Европа
Истрагата осомничи нарачател на убиството на рускиот опозиционер Немцов
Руските истражители го открија во вторникот осомничениот како нарачател на минатогодишниот атентат врз Борис Немцов челникот на руската опозиција и еден од најжестоките критичари на рускиот претседател Владимир Путин, кој претходно беше осомничен како организатор на ликвидацијата.
Станува збор за Руслан Мухудинов, поранешен офицер во полицискиот баталјон „Север“, кој се товари како нарачател и организатор на Борис Немцов, и по кого од ноември 2015 година е распишана меѓународна потерница. Во соопштението од Истражната комисија, кое го пренесуваат агенциите, исто така, се наведува дека осомничени се и се води постапка и за „други неидентификувани лица кои го планирале извршувањето на кривичното дело“.
Истрагата утврдила дека Мухудинов со фалсификуван пасош избегал од Русија и оти во моментов се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати, а сомневањата за неговата инволвираност во убиството на опозицискиот политичар се темелат на изјави од сведоци и експертиза.
Адвокатите на осомничениот, пак, тврдат дека името на Мухудинов не се споменува во ниедна од изјавите на притворените за убиството на Немцов. Тие појаснуваат дека некои од обвинетите изјавиле дека во убиството е вмешано извесно лице кого го именувале како „Русик“, но оти во документацијата не е наведено ниту името, ниту презимето на Мухудинов, како и дека подоцна тие ги негирале тие изјави.
Меѓутоа, според истрагата доказите против Мухудинов ги дале осомничените извршители на убиството Заур Дадаев и браќата Губашеви. За сите тројца подоцна обвинението беше повлечено.
Истрагата, исто така, според агенцијата РИА, поседувала и сведоштва од жена која го одржувала станот во кој живееле осомничените, која тврдела дека тоа и Мухудинов често дискутирале за политичките активности на Немцоб и за неговите религиозни ставови.
Мухудинов инаку се бара по меѓународна потерница за убиство и за нелегална трговија со оружје.
Немцов, поранешен заменик премиер и искусен либерален политичар, беше убиен на 27-ми февруари на мостот во близина на Кремљ додека се шетал со својата девојка. Путин го осуди убиството и вети дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Обвинителството сé уште го нема соопштено мотивот за убиството на Немцов.
Неговите блиски тврдат дека опозицискиот лидер минатата година ги предупредувал руските власти дека примал смртни закани преку Facebook поради своите ставови за судирот во Украина, но полицијата ги отфрли неговите предупредувања.
Немцов, наводно, подготвувал извештај во којшто планирал да го обелодени руското учество во овој судир. Во Русија имаше шпекулации и дека Немцов бил убиен бидејќи јавно ги бранел објавените карикатури на пророкот Мухамед во францускиот сатиричен весник, којшто во јануари беше цел на терористички напад.
Блиските соработници на убиениот опозициски лидер, меѓутоа, истакнуваат дека Немцов не бил гласен критичар на радикалниот ислам, туку дека бил насочен кон критиките на сметка на Путин./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зеленски се обиде да го назначи поранешниот премиер за министер за енергетика, парламентот го одби
Украинските пратеници го отфрлија назначувањето на министерот за одбрана во заминување Денис Шмихал за министер за енергетика, што е ретка критика кон претседателот Володимир Зеленски додека се обидува да ги реорганизира клучните сектори во критичен момент од војната со Русија.
Шмихал, кој беше премиер пет години пред да биде преместен во Министерството за одбрана минатата година, беше назначен од Зеленски да го води енергетскиот сектор потресен од обвинувања за корупција и руски напади врз инфраструктурата.
Последната постојана министерка за енергетика беше отпуштена минатата година поради корупциски скандал во кој беше вклучен нејзиниот претходник.
За номинацијата на Шмихал беа потребни 226 гласови за да биде одобрена. 210 гласаа „за“, а три опозициски партии беа воздржани.
Шмихал беше номиниран како дел од големата реконструкција на кабинетот, додека Киев се соочува со растечки руски притисок во војната што влегува во својата петта година следниот месец.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.

