Регион
Предвремени парламентарни избори во Грција – Сириза и Нова демократија во борба за секој глас

Предвремени парламентарни избори се одржуваат во недела во Грција, на кои Грците треба да донесат одлука кој ќе предводи државата во следниот период.
Шансите на Сириза и Нова Демократија за победа се речиси исти. Некои Грци изборите ги дочекуваат со доза на несигурност, други со надеж, иако не е јасно која партија ќе освои повеќе гласови, коалицијата на радикалните леви сили Сириза, предводена од 41 годишниот Алексис Ципрас, или десноцентристичката Нова демократија, на чие чело е 61 годишниот Вангелис Меимаракис.
Повеќе анкети на јавното мислење последните денови покажуваат мала предност на Сириза (меѓу 0,2 и 0,8%). Околу 10 до 15% од Грците сè уште не одлучиле за кого ќе го дадат својот глас, а од нивното решение во голема мера ќе зависи изборниот резултат.
На последниот предизборен митинг во Атина во петокот вечер, Ципрас ги повика Грците да излезат на гласање и да му дадат мандат да управува со земјата во следните четири години, „за да ја заврши започнатата работа“.
„Ниту еден глас не треба да биде загубен само заради фактот што многу луѓе нема да излезат на гласање“, рече поранешниот грчки премиер, при тоа додавајќи дека секој загубен глас за Сириза, станува глас за Нова демократија и оди во поддршка на корупцијата и користењето на интересите на државата за сопствени цели.
Меимаракис го одржа предизборниот митинг во четвртокот, на кој се фокусираше на „лажните ветувања“ на својот опонент. Тој рече дека Ципрас наместо да стави крај на строгите мерки за штедење, како што претходно ветуваше, договори нов заем со уште построги услови.
Лидерот на Нова демократија ги повика Грците да стават крај на експериментите на Сириза, кои, според него, „ќе завршат во недела“.
Избирачите се наоѓаат пред тежок избор, поради фактот што двете опции имаат слични програми и ветуваат дека ќе ги запазат строгите услови на програмата за трет заем, со кој земјата треба да добие 86 милијарди евра. Сепак, Сириза и Нова демократија се разликуваат по важни детали по однос на политиката на либерализација на пазарот, колективните работни договори, заштитата на правата на работниците во јавниот и приватниот сектор, како и имиграцијата.
Истовремено, идната влада ќе се соочи со задачата во следните четири месеци да донесе повеќе од 150 закони, односно да спроведе реформи во различни области, од кои околу 50 се посочени како услови за да продолжи финансирањето.
За да има мнозинство во парламентот, победникот треба да освои 38% од гласовите, кои според последните анкети, ги немаат ниту Сириза, ниту, пак, Нова демократија.
Ако бројот на гласови дадени за малите партии, кои не можат да го надминат изборниот праг од 3%, надминат 15 отсто, тогаш партијата победник може да состави влада со 32% од освоените гласови.
Интересно е што грчките закони предвидуваат доста оригинален систем за формирање на влада. Првата партија автоматски добива 50 пратенички места во парламентот со 300 пратеници. Таа партија има право да формира влада дури и да не добие апсолутно мнозинство(повеќе од 151 место), а потоа ќе преговара со помалите партии за формирање на коалиција. Ако тие преговори не успеат, претседателот на Грција го дава мандатот за формирање на влада на втората партија според бројот на гласови. Така теоретски, дури и ако Нова демократија биде втора, во случај Сириза да не успее да се договори со своите партнери, Меимаракис ќе добие мандат за состав на влада. Таква беше ситуацијата во Грција во 2012 година.
Доколку ниту една партија не се договори со потенцијалните партнери, земјата ќе се соочи со нови избори. Тоа е најлошото сценарио за Грција, бидејќи и Сириза и Нова демократија се подготвени да формираат коалициона влада.
Ципрас е против соработка со Нова демократија, но не исклучува соработка со центристичката Потами и левоцентристичката ПАСОК. Најдобра варијанта за Сириза е коалиција со нејзиниот поранешен коалиционен партнер Независни Грци. /крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.