Топ
Во ауди криел 50 килограми марихуана

Полициски службеници од ОВР Демир Хисар при СВР Битола вчера во близина на село Сладуево, демирхисарско, го лишија од слобода Е.Е.(53) од село Калишта, струшко.
Како што соопшти денеска МВР, при преглед на патничко моторно возило ауди со струшки регистарски ознаки, управувано од Е.Е., биле пронајдени над 50 килограми марихуана.
Лицето е приведено во полициска станица Демир Хисар, поднесена е кривична пријава и предадено на ОЈО Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Таравари треба да расчисти со дилемите, неприродно е и „Влен“ и соработка со ДУИ

Арбен Таравари треба да расчисти со дилемите, смета неговиот коалициски партнер, Изет Меџити.
За односите меѓу нив, во рамки на коалицијата „Влен“, оценката на Меџити е дека тие се добри, а и двајцата комуницираат. Сепак, тројца од четворицата лидери на политичките партии кои ја сочинуваат „Влен“ се согласни дека треба да настапат заедно на локалните избори, но Таравари размислува поинаку.
„Разговараме деновиве сите политички субјекти во коалицијата да се претопат во ‘Влен’, како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на локалните избори. Единствениот кој има дилеми и гледа како можна опција и соработка со ДУИ е Таравари, за тоа него ќе го прашате. Таравари треба да расчисти со дилемите, неприродно е и „Влен“ и соработка со ДУИ“, рече Меџити.
Планот е коалицијата да настапи на изборите со заеднички кандидати, листи, штаб, програма и платформа. Меџити се осврна на листите, коментирајќи дека градоначалниците се избираат по мнозински модел, додека самите листи ги фаворизираат големите. Нема смисла, вели тој, ние сме кај големите и сега да одиме кај малите оти тоа ќе значи да се изберат гласови во прилог на ДУИ. Тогаш се поставува прашањето и за кого работиме, додаде Меџити.
Прашан дали се планира владина реконструкција пред изборите, Меџити одговори: Ќе видиме тоа, ќе процениме кои се аргументите.
Топ
Уапсен 19-годишник по сообраќајната несреќа во Скопско каде загина малолетничка

Вчера околу 17.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат село Патишка река – село Осинчани, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од У.О.(19) од с.Студеничани, скопско и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ф.А.(29) од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетна сопатничка од патничкото возило „мерцедес“, која била пренесена во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде починала. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата е предадено на обдукција.
Со телесни повреди се здобиле возачот Ф.А., сопатничката Р.А.(24) и уште една малолетна сопатничка, двете од Скопје, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, како и возачот У.О., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје, а У.О. бил лишен од слобода по член 300 став 2, а во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Топ
Тетовец загина во сообраќајна несреќа на патот Маврово – Дебар

Вчера во 17:50 часот во Полициско одделение Ростуше било пријавено дека на регионален пат Маврово-Дебар поточно во местото викано Скудрински мост, патничко возило „ланд ровер” со тетовски регистерски таблици излетало од пат.
СВР Тетово информира дека на лице место починал возачот Ш.С.(49) од Тетово. Тој се здобил со тешки телесни повреди и на лице место им подлегнал на повредите, додека сопатничката, негова сопруга А.С.(47) се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Клиничка болница Тетово.
Увид на лице место извршила екипа од ОВР Гостивар во содејство до јавен обвинител.