Црна хроника
Жител од Свети Николе обвинет за тешка кражба

Скопското Јавно обвинителство поднесе обвинение против едно лице за продолжено кривично дело тешка кражба.
На 11 февруари обвинетиот 24-годишен жител на Свети Николе извршил две временски поврзани кражби.
На улицата Трифун Хаџи Јанев во населбата Автокоманда тој на дрзок начин одзел туѓи подвижни предмети. Најпрвин ја забележал сега веќе оштетената жена, ѝ пристапил зад грб, ја исплашил и ја вознемирил, па ја повлекол и ѝ ја одзел чантата што ја носела. Во чантата имало паричник и други предмети со вкупна вредност од 4.500 денари, објаснуваат надлежните.
Подоцна лицето се упатило кон Факултетот за земјоделски науки и храна, лоциран на улицата 16. Македонска бригада, ја разбило двојната надворешна врата на амфитеатарот и почнало да пребарува со цел да пронајде предмети што би можело противправно да ги присвои.
Пребарувајќи, скршил уште четири врати од други простории и претурал, но чуварот го затекнал и го спречил во намерата.
По приведувањето, полициски службеници кај него ја пронашле претходно украдената чанта.
„Ценејќи дека сè уште постојат законските основи за кои на обвинетиот во текот на претходна постапка му беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител до судот достави предлог за продолжување на мерката притвор“, велат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Кривична против полицаец од Интервентна поради поткуп

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, во соработка со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднесе кривична пријава против А.Б. на работно место виш полицаец во Единица за интервентна полиција при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „давање поткуп“ по член 358 став 1 од КЗ.
Според документираните сознанија, пријавениот во текот на февруари и март годинава посредувал кај друг полициски службеник вработен на ГП Долно Блаце, односно понудил и дал поткуп со цел полицискиот службеник да не ја изврши својата службена должност, односно да не евидентира влез во државава на македонски државјанин на ГП Долно Блаце, така што од негова страна евидентиран е турски државјанин. Пријавениот е лишен од слобода и задржан во полициска станица, а од страна на Основниот кривичен суд Скопје изречена му е мерка претпазливост и забрана за вршење на дејност. Воедно ОВККИПС против А.Б. ќе поднесе и предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина.
Црна хроника
25-годишник од Велес со тешки повреди пренесен во болница: управувајќи мопед, паднал на коловозот

Вчера во 22:15 часот во СВР Велес е пријавено дека на улицата „Васил Ѓоргов“ во Велес, 25-годишниот К.П. од Велес управувајќи мопед со скопски регистарски ознаки, паднал на коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил К.П., констатирани во Општата болница Велес. Извршен бил увид од СВР Велес.
Црна хроника
При градежни активности на имот во Кисела Вода била оштетена цевка од гасовод, при што имало истекување гас

Вчера во 11:37 часот во СВР Скопје било пријавено дека при ископ и вршење градежни активности на имот на правно лице на булеварот „Борис Трајковски“, на подрачје на Кисела Вода во Скопје, била оштетена цевка од гасовод, при што имало истекување на гас.
Полициски службеници од ЕВР Кисела Вода и инспектор за животна средина излегле на местото и било констатирано дека од страна на фирмата „Нома гас“ биле исклучени вентилите и појасниле дека на местото нема присуство на гас.
Увид бил извршен и по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена пријава по член 291 од Кривичниот законик – „уништување или оштетување на јавни инсталации“.