Топ
Запалена келија во затворот во Битола, притвореници се носат во други казнено-поправни установи

Запалена е келија во притворското одделение во затворот во Битола, дознава „Макфакс“.
Според првичните информации опожарена е една келија, но нема повредени.
Иако е непознато како настанал пожарот сомнежите се дека тоа го сториле притворениците кои биле сместени таму.
Притворското одделние во Битола е реновирано и има централен систем за вентилација. Чадот од келијата се пренел и во другите простории.
„Макфакс“ дознава дека притвореници се разместуваат низ други затвори во кои има притворски одделенија.
Повеќе информации се очекуваат во текот на утрешниот ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Приведен 19-годишниот возач поради несреќата на автопатот кај Тетово во која жена загина на лице место

Приведен е 19-годишен возач, по сообраќајната несреќа на патот Тетово-Гостивар, во која животот го загуби 81 годишна жена од Охрид, со иницијали Д.М..
Младиот возач (А.А) од Градец, управувал „мерцедес“ со словенечки регистерки ознаки, кога на автопатот се судрил со „пежо“ во кое сопатник била жената која починала на местото на настанот.
Возачот на „пежото“ и уште еден сопатник – и двајцата од Охрид, биле пренесени во болница со тешки повреди.
Од МВР информираа дека извршен е увид од припадници на гостиварската полиција и јавен обвинител, по чијашто наредба возачот е приведен и против него ќе биде поднесена пријава.
Свет
Што значи за Украина прекинот на воената помош од САД

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ја прекине помошта за Украина е горчлив удар – не само за Киев, туку и за европските сојузници кои лобираа кај американската администрација да продолжи да дава поддршка, пишува „Би-би-си“.
Ова не е прв пат САД да ја скратат воената помош. Републиканците во Конгресот ја блокираа испораката на воената помош на тогашниот претседател Џо Бајден за Украина во летото 2023 година. Во тоа време, Украина едвај успеа да ги надополни постоечките резерви на муниција со европска помош.
Конгресот конечно одобри пакет помош во вредност од околу 70 милијарди евра во пролетта 2024 година. Тоа беше точно на време – Украина беше во дефанзива поради обновената руска офанзива во Харков. Пристигнувањето на американското оружје помогна да се сврти ситуацијата на бојното поле.
Како и во 2024 година, може да поминат месеци пред да се почувствуваат ефектите од прекинот на американската помош – барем во однос на муницијата и хардверот. Европските земји полека го зголемуваа производството на артилериски гранати. Севкупно, Европа сега обезбедува 60 отсто од помошта за Украина – повеќе од САД.
Сепак, американската воена поддршка е сè уште од витално значење за Украина. Еден западен функционер неодамна ја опиша како „крем“ во поглед на оружјето.
Способноста на Украина да ги заштити своите луѓе и градови во голема мера се потпира на софистицираните американски системи за противвоздушна одбрана – како што се „Патриот“ и НАСАМС – кои таа заеднички ги разви со Норвешка.
САД ѝ дадоа на Украина способност да изведува напади со долг дострел – со ракети ХИМАРС и ATACM. САД ја ограничија нивната употреба во Русија, но тие сè уште беа од витално значење за погодување цели со висока вредност во окупираните територии.
Не се работи само за квалитетот, туку и за квантитетот. Како најмоќна војска во светот, САД можеа да испратат стотици оклопни возила – бројки што помалите европски армии никогаш не би можеле да ги достигнат.
Можеби ќе помине некое време пред да се почувствува недостатокот на помош на првите линии. Но, може да има загрижувачко непосредно влијание, не само во однос на споделувањето разузнавачки информации.
Ниту една земја не може да им парира на САД во однос на вселенскиот надзор, собирањето разузнавачки информации и комуникациите. И тоа не го обезбедува само американската војска, туку и комерцијалните компании.
Само земете ја сателитската комуникациска мрежа „Старлинк“ на Илон Маск. Речиси секоја украинска позиција на фронтот има „Старлинк“ антена.
Тие се користат за пренесување на најновите информации на бојното поле. Тие беа клучни за координирање на артилериските и нападите со беспилотни летала.
Имајќи предвид дека Илон Маск е клучна фигура во американската администрација, се чини многу малку веројатно дека тој ќе биде подготвен да ја плати сметката сега. Тој е и остар критичар на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Дали САД ќе ги спречат европските земји да ја испратат својата опрема произведена од САД во Украина? Кога Европа сакаше да испорача авиони „Ф-16“ од американско производство во Украина, прво мораше да добие одобрение од Вашингтон.
А потоа што е со одржувањето на опремата испорачана од САД? САД, исто така, ги обучуваа украинските сили, а потоа им помогнаа да ја одржат опремата што ја испорачаа.
Бајден ги укина ограничувањата за американските изведувачи кои работат во Украина кон крајот на неговиот мандат. На авионите Ф-16 особено им се потребни инженери и резервни делови за да продолжат да работат, јавува Би-Би-Си.
Одлуката на Трамп да ја прекине помошта за многумина во Украина и пошироко може да изгледа непријатна. Но, очигледно има и политичка цел што поскоро да се натераат на преговарачка маса.
Надежта кај европските сојузници е дека тоа ќе биде само пауза. Без американска поддршка, Украина ќе се најде во уште потешка борба за опстанок.
Македонија
Мицкоски и Орбан повикаа на постигнување траен мир во Украина: „Европа преку партнерството со САД да заземе поинтензивна улога во процесот“

Заедно да поттикнеме и да поддржиме Европа да заземе поинтензивна улога во процесот на постигнување траен и одржлив мир во Украина преку партнерство и сојузништво со САД, нешто што е и во полза на украинските пријатели и на самата Европа. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
За војната во Украина зборуваше и Орбан, кој рече дека Унгарија останува на ставот дека војната треба да прекине.
„Три години живееме во сенката на војната. Ние ги поздравуваме преговорите меѓу САД и Русија и сме заинтересирани за успешен исход. Ние им се спротиставуваме на оние држави од Европската уинија, кои се наши пријатели и сојузници, но кои решија дека војната во Украина мора да продолжи. Продолжувањето на војната е лошо, погрешно и е грешка. Во четврток за тоа ќе зборуваме во Брисел“, рече Орбан.
Двајцата зборуваа и за европските интеграции на Македонија, пришто премиерот Мицкоски истакна и дека стратешка цел на државата останува членство во Европската Унија и за тоа не треба да постои дилема, а истовремено изрази надеж дека Унгарија ќе помогне да се откочи процесот.
„Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна, била, е и ќе остане наша стратешка цел. Но, исто така мораме да потенцираме дека тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел, која за жал не е поместена од состојбата која беше пред 20 години, е навистина бесценета, односно цената е толку голема, што не може да се утврди, бидејќи пред се зборуваме за процесот на билатерализација на преговори, а не за европеизација на преговорите“, рече Мицкоски.
На слична линија е и Орбан, кој децидно порача дека овој процес трае премногу долго.
„Не само што е срамно што овој процес толку бавно оди напред, а за тоа не е одговорна Северна Македонија, туку ние, членките на Европската унија. Затоа ние го поддржуваме залченувањето на Северна Македонија. ЕУ мора да ја подобри конкурентноста и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста од проширувањето“, рече Орбан.
Според унгарскиот премиер не е фер и тоа што некои европски лидери ја фаворизираат Украина пред Северна Македонија за придвижување на патот кон Унијата.