Топ
Обвинение и за девојката што учествувала во убиството на Пино Секондо

Обвинителството поведе обвинение и против девојка од Скопје за која се смета дека е соизвршител во убиството на Пино Секондо, кој беше пронајден мртов на 29.4.2019 година во местото наречено Башинец во атарот на селото Љуботен.
Надлежниот јавен обвинител до судот достави и посебен предлог за продолжување на притворот за неа поради опасност за бегство соочена со кривична одговорност за тешко кривично дело. Во бегство е и извршителот на убиството, кој го застрелал Секондо со пушка и сè уште не им е недостапен на органите на прогонот.
Исто така, постои основан страв дека обвинетата би можела да ја попречува кривичната постапка, да ги скрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, соопшти Обвинителството.
На 11.12.2018 година обвинетата го повикала Пинета Секондо – Пино и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило „опел аскона“ носејќи со себе пушка. Тој го оставил возилото на насипот и седнал да управува со автомобилот „шкода“ со кое до насипот дошол оштетениот. На совозачкото место седнала обвинетата, а оштетениот седнал на задното седиште.
Тројцата се упатиле по обиколницата кон атарот на селото Арачиново и во една нива почнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент осомничениот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо. Притоа, обвинетата дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката покривајќи го со ќебе, информира Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Топ
(Фото) Запленети околу 100 килограми марихуана во Струмица, уапсени три лица

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица во координација со Агенцијата за национална безбедност, а во согласност со своите законски овластувања, постапувајќи по наредба на јавен обвинител на 30.06.2025 во 18.30 часот на ул. „Климент Охридски“ во Струмица ги лишија од слобода Е.Б.(32) од село Попчево, струмичко и А.С.(39) и А.С.(24) од скопско.
При преглед на патничко возило „голф“ со фалсификувани регистарски ознаки, управувано од Е.Б., биле пронајдени шест торби со 100 пакувања марихуана, со вкупна тежина од околу 100 килограми.
За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица.
По документирање на случајот, во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава и ќе бидат изведени пред судија од Основен суд Струмица, соопштија надлежните.
Македонија
Филипче: Не е време за калкулации, ниту за ситнопартиски интереси, СДСМ останува силен промотор на европската идеја

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос, изјави дека поддршката од Европската Унија за евроинтеграциите на Северна Македонија е силна и континуирана.
„Имавме одлична и многу конструктивна средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Оваа средба е доказ за континуираната, искрена поддршка која ЕУ ѝ ја дава на земјата на патот кон конечната цел – членство во Унијата“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ останува целосно посветен на европскиот пат како единствена реална опција за развој на државата.
„Сметаме дека тоа е единствениот начин на кој земјата ќе ги зајакне капацитетите и институциите, граѓаните ќе имаат подобра економска положба, ќе има вистинска реформа на правниот систем, и младите ќе може да ја бараат својата иднина тука, затоа што ќе имаат многу повеќе можности од тоа што го имаат сега“, додаде тој.
Филипче изрази загриженост за стагнацијата во евроинтегративниот процес и недостатокот на политичка стратегија и дијалог во изминатата година.
„Жалам што има стагнација на тој пат – некако отсуствуваат и стратегија, и политички дијалог, и за жал се отвораат веќе затворени прашања. Во таа смисла, побарав поддршка од еврокомесарката, и од неа лично, и од сите европски партнери, да се откочи нашиот евроинтегративен пат“, нагласи Филипче.
Тој испрати јасна порака до сите политички чинители дека е време за единство околу стратешката цел – членство во ЕУ.
„Ова не е време ниту за калкулации, ниту за тесно и ситнопартиски интереси. Ова е време во кое секоја една партија треба да даде сѐ од себе за да продолжиме по патот на евроинтеграцијата, да се отворат поглавјата за преговорите, затоа што граѓаните тоа го очекуваат од нас“, порача Филипче.
„И јас лично, и СДСМ, остануваме силни промотори на европската идеја кај нас.“