Топ
Претходно осудувано лице: скопјанецот кој го усмрти пешакот со мотоцикл, немал возачка дозвола

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишен скопјанец, осомничен за -Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, но и за кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 1 јули управувал мотоцикл „Кавасаки“ без истакната регистарска табличка на задниот дел, по пешачката патека покрај зграда на улицата „Јован Хаџи Константинов – Џинот“.
Возел преку површина наменета за движење на пешаци, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Иако бил свесен дека поради тоа може да настапи штетна последица, осомничениот се согласил со нејзино настапување и кога дошол во близина на зградата, брзината на движење на моторот не ја приспособил. Освен тоа, управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место, па со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека. При ударот, оштетениот останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди поради кои следното утро починал, а полесно повреден бил и сопатникот на моторот. Наместо да укаже помош, осомничениот го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото, соопшти обвинителството.
Фактот, како што велат надлежните, дека осомничениот веднаш по настанот избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен за органите на прогонот, за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да се даде во бегство доколку биде пуштен да се брани од слобода.
„Освен тоа, станува збор претходно осудувано лице, кое и на критичниот ден направило две кривични дела едно по друго, што упатува на опасноста тој да го повтори делото или да стори друго кривично дело.
На тие основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги објави имињата на уште шест кандидати за градоначалници

Покрај кандидатурата на Орце Ѓоргиевски за градоначалник на Скопје, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за уште шестмина кандидати кои ќе влезат во градоначалничката трка на претстојните локални избори.
Нивните имиња ги соопшти премиерот, Христијан Мицкоски, по состанокот.
За Гази Баба повторно е кандидиран актуелниот градоначалник, Бобан Стефковски.
За Карпош – Сотир Лукровски, кој доаѓа од приватниот сектор, а Мицкоски за него кажа дека има успешна професионална кариера и менаџерски способности.
Кандидат за Лозово е актуелниот Бошко Цветковски, за Пехчево – актуелниот Александар Китански, за Ресен – актуелниот Јован Тозиевски и за Зрновци – актуелниот Борчо Коцев.
„Во изминатите четири години покажавме дека градоначалниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ можат да раководат чесно, без скандали, без афери и со многу работа“, изјави Мицкоски.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ и премиер додаде и дека на овие избори, партијата настапува со понуда за чесни, некомпромитирани и вредни кадри, затоа што токму тоа ѝ недостигало на државата и на општините со децении. Истовремено, најави Мицкоски, ќе излезат пред граѓаните со јасна визија и програма за развој на секоја општина.
Македонија
Мицкоски: Нема да има данок за немажени и неженети – целта беше отворање јавна дебата

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да има данок за немажени и неженети, појаснувајќи дека изјавата имала за цел да поттикне јавна дебата.
„Се извинувам на тие што можеби погрешно ја протолкуваа таа моја иницијатива, но факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија и факт е дека како претседател на Владата е моја одговорност да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина“, рече Мицкоски, oдговарајќи на новинарско прашање по седницата на Извршниот комитет.
Вели дека изумираме тивко, а тоа поминува незабележано. Бројот на новородени е намален за 30, а бројот на бракови за 17 отсто за само неколку години.
Според него, не е до финансиите, туку до желбата, вредностите и воспитувањето. Тој повика на фокус кон семејството и на заедничка работа за обезбедување иднина на државата.
„Семејната парада е мојата гордост. Тоа е политиката што ќе ја водам додека сум премиер,“ заклучи Мицкоски.
Премиерот претходно, оваа недела изјави дека Владата размислува за даночење на немажените и неженетите, што предизвика бурни реакции во јавноста.