Топ
Пронајдена е дрога кај седум лица во угостителски објекти во Скопје

Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје извршиле контроли во повеќе угостителски објекти и прегледи на повеќе лица.
Кај седум лица од Скопје, Косово и Норвешка биле пронајдени марихуана и бела прашеста материја, и тие биле уапсени.
Кај А.Д.(23), А.Д.(31) и Т.И.(28) од Скопје, била пронајдена бела прашеста материја, додека кај С.Ј.(20) од Скопје, В.З.(35) од Косово, Г.М.(37) од Скопје и А.К.К.(45) од Кралството Норвешка била пронајдена марихуана.
Лицата биле приведени и по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин го нарече Западот циничен: Ако нема леб, јадете колачиња

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека светот нема да има проблем да добие жито од Источна Европа, особено од Русија. Иако се соочува со криза и санкции, Путин рече дека Русија е подготвена да извезува жито на светскиот пазар.
„ Планираме добра жетва. Господ ќе ни дозволи да бидеме во ред. Ќе можеме да испорачаме педесет милиони тони жито на светскиот пазар“, рече Путин денеска за време на самитот на групата БРИКС плус.
Тој исто така нагласи дека Русија е подготвена да ги исполни сите свои обврски за житариците, како и за извозот на вештачки ѓубрива, земјоделски производи и енергија и покрај се потешките услови за извоз. Коментирајќи го извозот на жито од украинските пристаништа, Путин оцени дека Западот вештачки создава криза.
„ Многу пати сум го кажал тоа во јавноста, но овде уште еднаш нагласувам. Русија не го спречува извозот на украинско жито надвор од територијата на оваа земја и е подготвена да обезбеди слободен премин на бродовите со жито во меѓународните води. Се разбира, украинската армија мора да ги исчисти пристаништата од мини“, рече тој.
На крајот од своето обраќање тој објасни дека поскапувањето на храната најмногу ги погодило земјите во развој, каде лебот и брашното се неопходни за опстанок.
„ Меѓутоа, Западот е циничен за ситуацијата таму и постапува по принципот на зборовите на Марија Антоанета – ако нема леб, јадете колачи“, заклучи Путин.
Свет
Ватикан: Одлуката на американскиот Врховен суд за абортусот е предизвик за светот

Папската академија за живот денеска ја пофали одлуката на Врховниот суд на САД да им дозволи на федералните држави да го забранат абортусот, велејќи дека пресудата е „предизвик за целиот свет“ за животни прашања.
Папската академија за живот, исто така, во соопштението наведе дека одбраната на човечкиот живот не може да се ограничи на индивидуалните права, бидејќи животот е прашање од „пошироко општествено значење“.
„Фактот што голема земја со долга демократска традиција го промени својот став по ова прашање е предизвик за целиот свет“, се вели во соопштението на Академијата.
Надбискупот Винченцо Паља, кој ја предводи Папската академија за живот, рече дека одлуката на судот е „силен повик за размислување“ за ова прашање во време кога „западното општество ја губи својата страст за живот“.
Врховниот суд одлучи дека поединечни држави сега можат да го ограничат или забранат абортусот.
Американскиот претседател Џо Бајден, католик, ја осуди пресудата, нарекувајќи ја „тажен ден“ за Америка.
Свет
(Видео) Бајден за одлуката на Врховниот суд: Ова е тажен ден за нашата земја

Американскиот претседател Џо Бајден се обрати по одлуката на Врховниот суд да дозволи забрана на абортусот.
Тој на почетокот рече дека одлуката им го одзема правото на жените сами да одлучуваат за своето здравје и живот.
„ Ова е тажен ден за судот и за нашата земја“, рече Бајден.
„ Тројцата судии назначени од Трамп беа во срцето на денешната одлука да се смени рамнотежата на правдата и да се отстранат основните права на жените во оваа земја. Оваа одлука е кулминација на една екстремна идеологија“, рече Бајден.
Тој повикува протестите да бидат мирни и луѓето да се воздржат од насилство. Бајден рече дека одлуката на Врховниот суд да ја поништи пресудата на Роу против Вејд го загрозува здравјето и животот на жените.
„Денес, Врховниот суд на Соединетите Американски Држави експлицитно му го одзеде уставното право на американскиот народ, кое тој веќе го призна“, рече Бајден. Тој рече дека одлуката на Врховниот суд датира од пред 150 години.
Бајден очекува гласачите на ноемвриските избори да гласаат за кандидати кои ќе се борат да го вратат правото на абортус.