Топ
Ранет полицаец во Велес, напаѓач му го зел пиштолот и пукал неколкупати во него

Четириесет и шестгодишен полицаец е тешко повреден откако во него пукало непознато лице. Инцидентот се случил утрово пред црквата „Св.Спас“, кај Градските гробишта во Велес, кога полициски службеници при преземање на службени дејства биле физички нападнати од четири лица.
Едно од нив на полицискиот службеник Е.М.(46) му го одзело службениот пиштол и пукало кон него. Е.М. бил префрлен во здравствена установа во Скопје за укажување на лекарска помош.
Тројца од напаѓачите се приведени во полициска станица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски ќе ja предводи владината делегација во Ватикан и Рим, најавена е и средба со Петков

Премиерот Димитар Ковачевски придружуван од ќерката Тамара Ковачевска на 23 и 24 мај ќе предводи делегација на Република Северна Македонија во Италија и Ватикан во официјална и работна посета во рамките на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Ковачевски програмата на посетата на Светата Столица ќе ја започне на 23 мај со тет-а-тет средба со неговата светост папата Франциско.
„Програмата во Ватикан потоа продолжува со аудиенцијата кај папата Франциско на која заедно со премиерот Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевска, како и членовите на делегацијата Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на премиерот, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на премиерот, Даријан Сотировски, директор на комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква“, се наведува во соопштението.
Премиерот потоа, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе имаат средба со државниот секретар на Светата Столица, Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите, Пол Ричард Галагер.
„Програмата во чест на Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, на 23 мај, делегацијата на Република Северна Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија“, се додава во соопштението.
На 24 мај официјалниот дел од програмата започнува со оддавање почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе, каде што митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен во чест на Св. Кирил на кој ќе присуствува целата делегација на Република Северна Македонија, предводена од премиерот.
Работниот дел од посетата на Италија во текот на 24 мај ја вклучува и средбата на Ковачевски со претседателот на Советот на министри на Италија, Марио Драги.
Од владината прес-служба додаваат и дека како дел од работната посета, на 23 мај премиерот Ковачевски ќе се сретне со премиерот на Бугарија, Кирил Петков.
Европа
Француски министер: За влез на Украина во ЕУ ќе бидат потребни 15 или 20 години

За влез на Украина во Европската унија ќе бидат потребни најверојатно 15 или 20 години, рече францускиот министер за европски прашања, препорачувајќи Киев во меѓувреме да се приклучи на Европската политичка заедница, како што предложи претседателот Макрон.
„Треба да се биде искрен. Ако кажеме дека Украина ќе влезе во ЕУ за шест месеци, година или две, тоа е лага. Тоа не е вистина. Поверојатен е период од 15 или 20 години, а тоа е многу долг период“, рече Клеман Бон за Радио Ј.
„Не сакам на Украинците да им се продаваат илузии и лаги. Ако на Украинците им се каже ‘Добредојдовте во ЕУ, но не сте ги прочитале ситните букви на крајот на договорот, тоа е всушност за 15 години’, мислам дека ќе разочараме цела генерација Украинци. Во меѓувреме, на Украинците им должиме политички проект во кој можат да влезат“, рече Бон.
Европската политичка заедница, предложена од претседателот Макрон, е комплементарна на ЕУ и може да понуди политички и конкретен проект за земјите кои не се во срцето на Европската унија, а сакаат да се доближат до неа, рече тој.
„Но, тоа не значи дека вратата е затворена, напротив, таа е отворена“, додаде Бон, укажувајќи на придобивките како што се слободното движење во Европа и делумните придобивки од европскиот фонд за реконструкција или можеби заедничка енергетска политика.
Прашањето за проширување на Унијата со Украина, Грузија и Молдавија создава контроверзи и несогласувања во ЕУ.
Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба во четвртокот го осуди второкласниот третман што доаѓа од, како што рече, некои престолнини, кога станува збор за кандидатурата на Украина за влез во ЕУ.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во четвртокот дека не е склон кон тоа на Украина да ѝ се одобри приклучување кон Европската унија по скратен пат, бидејќи процесот на пристапување не е прашање на месеци или години.
Европа
Бајден: „Епидемијата на мајмунски сипаници причина за загриженост“

„Епидемијата на сипаници е нешто за што сите треба да бидат загрижени“, изјави денеска американскиот претседател Џо Бајден.
Тој додаде дека американските здравствени власти размислуваат за потенцијални терапии и вакцини, пренесува Ројтерс.
„Ние сме многу ангажирани и се обидуваме да најдеме начини да дејствуваме“, им рече Бајден на новинарите во Јужна Кореја пред да замине за Јапонија, следната станица на неговата азиска турнеја.
Во меѓувреме, Светската здравствена организација соопшти дека работи на дополнителни насоки во врска со епидемијата на оваа болест.
СЗО работи на дополнителни упатства за ублажување на ширењето на мајмунски сипаници, поради загриженоста дека бројот на случаи може дополнително да се зголеми во текот на летните месеци, рече Дејвид Хејман, претседател на Стратешката и техничката советодавна група на СЗО за заразни опасности со пандемија и епидемија.