Топ
Се преврте автомобил кај клучката Коњари, загина 27 годишник
Во сообраќајна несреќа што се случи вчера попладне на автопатот Скопје-Штип, во близина на клучката Коњари, загина 27 годишно лице од село Елово, а друго е тешко повредено.
Според информациите од МВР, возилото излетало од патот и С.О.(27) починал на местото на незгодата, а С.А.(37) од с.Долно Количани се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники “Мајка Тереза“.
Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа каков е планот за набавка на најавените нови еколошки автобуси, изјави:
„Па ние на владина седница донесовме одлука, во рамките на „Влада со Влада“ договорот којшто го имаме со Унгарија. Дел ќе биде кредит, под оние исти услови коишто ги имавме и во претходниот случај, односно 3 години грејс период, дополнителни 12 години отплата, значи 15 години со истата каматна стапка“.
Градот Скопје во претходна анкета побара 250 вакви автобуси, кажа Мицкоски.
„За него ќе бидат отстапени 100, со 50 полначи, а останатите општини коишто имаат организиран градски превоз, побараа, мислам дека побараа 89, а ќе добијат 50, со 25 полначи“.
Македонија
ССМ следната недела ќе го блокира Собранието: Пратениците ќе мораат на работа пеш и без патни трошоци, ќе ги удриме по џебот како тие нас
Прва институција која ќе ја блокираат работниците како продолжение на протестот за 600 евра минимална плата и зголемување од 100 евра на сите останати плати е Собранието. Блокадите ќе почнат следната недела, а деталите околу блокадите Синдикатот ќе ги објави по средба со владин претставник во понеделник. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов јавно повика владин претставник да дојде во ССМ и да го потпише колективниот договор со кој не во 2028 туку во 2026 година ќе ги покачи за 40 % платите, по обвинувањето дека ССМ одбиле толкаво зголемување на платите на работниците за две години.
Претседателот Трендафилов објасни дека одлучиле првата блокада да биде на Собранието оти пратениците цела година го чуваат законот во фиока и не сакаат да ги зголемат платите на работниците.
„ Ќе мора да одат пешки за почеток, како што работниците одат пешки на работа. Или ќе треба да дојдат со јавниот градски превоз, како што одат на работа работниците. И дента нема да можат да наплатат патни трошоци. Ќе побараме од претседателот на Собранието да не информира кој пратеник за тој ден побарал патни трошоци. Ќе ги удриме по џебот. Онаму каде што не удираат нас работниците цела година, пред да им ја намалиме платата. Ќе ги чекаме да ги поздравиме дека треба да гласаат, да ги потсетиме дека таму се заради нас и дека ние сме ги бирале“, рече претседателот Трендафилов.
Блокирањето ќе биде следната недела за да им се остави простор на властите да ја покачат минималната плата.
„Зошто наредната недела? Затоа што имаат време да се соберат, онака сложно како што сложно сега молчат за нивните плати кои ќе се зголемат, еве гувернерот на Народна банка кажа за 9,2% затоа што порастот на просечната плата е 9,2%. Да го поздравам и него затоа што и неговата плата ќе се зголеми за повеќе од 300 евра. И кога коментирате за работниците и за тоа како треба да им се зголемат работничките плати излезете на улица и погледнете ги во очи. Ако не искористете ги медиумите од прилозите кои ги прават затоа што луѓето ви кажуваат дека тешко се живее. Срам да им е“, рече претседателот Трендафилов.
Тој и денес нагласи дека протестот не е политички организиран, ниту пак организиран за да ѝ се наштети на Владата туку дека работниците се обединија околу сиромаштијата, околу мизерните плати и околу борбата за достоинствен живот.
Им се заблагодари на работниците за масовната поддршка и јавно кажа дека притисоци да не излезат на протестот имало во Македонски пошти, тутунски комбинат Прилеп, во СОНК Делчево, а најави дека листата ќе ја дополни откога синдикалните организации ќе му достават информации.
Доколку и по блокирањето не се покачи минималнат аплата, ССМ веќе работи на подготовка на генерален штрјак.
Свет
Кремљ: Путин се согласи на привремен прекин на огнот
Кремљ соопшти дека рускиот претседател, Владимир Путин, се согласил да ги запре нападите врз украинските градови до 1 февруари.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп лично го замолил Путин да се воздржи од напади врз Киев една недела со цел да се создадат поволни услови за преговори.
На прашањето дали Путин се согласува со предлогот, Песков одговори: „Да, секако. Тоа беше лично барање од претседателот Трамп“.
Претседателот на САД вчера изјави дека неговиот руски колега се согласил со неговото барање да не се напаѓа Киев и другите украински градови и места една недела.
„Јас лично го замолив претседателот Путин да не го напаѓа Киев и другите градови и места една недела“, рече Трамп на брифинг за медиумите, нагласувајќи дека Украина се соочува со екстремно ниски температури. „И тој се согласи. Морам да ви кажам, тоа беше многу убаво. Многу луѓе ми рекоа – не губете време на тој повик. Но, јас го направив тоа“, додаде тој.
Претседателот на САД не разјасни кога или на кој начин го упатил тоа барање до Путин, ниту на кој датум треба да стапи на сила наводното прекин на огнот. Коментарите на Трамп, исто така, следеа по шпекулациите дека Киев и Москва се согласиле на пауза во нападите врз енергетската инфраструктура на другата страна, иако ниту една страна не ги потврди тврдењата ниту ја коментираше изјавата на Трамп.
По објавата на Трамп, се огласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Важна изјава од американскиот претседател за можноста за обезбедување безбедносна заштита на Киев и другите украински градови во текот на овој екстремен зимски период. Снабдувањето со електрична енергија е основа на животот. Ги цениме напорите на нашите партнери кои ни помагаат да ги заштитиме животите. Ви благодариме, претседателе Трамп! Нашите тимови разговараа за ова во Обединетите Арапски Емирати. Очекуваме спроведување на постигнатите договори. Чекорите кон деескалација придонесуваат за вистински напредок кон завршување на војната“, напиша Зеленски.
фото/Depositphotos

