Топ
Се судрија две возила и удрија во паркирано: несреќа во Струмица, двајца тешко повредени
На 13.08.2023 во 20.00 часот во СВР Струмица било пријавено дека на крстосницата од ул.„Маршал Тито“ и ул.„Димитар Цветинов“ во Струмица се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено лагуна“ со струмички регистарски ознаки, управувано од А.К.(33) од Струмица и патничко возило „фолксваген голф“ со странски регистарски ознаки, управувано од С.Т.(21) од с.Ињево, радовишко, кое потоа удрило во паркирано патничко возило „хјундаи санта фе“ со бугарски национални ознаки, паркирано од Ј.Н.Д.(55) од Република Бугарија.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на возилото „фолксваген голф“, а неговиот сопатник Ѓ.Т.(20) се здобил со телесни повреди, констатирани во Општата болница Струмица. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Струмица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Сè беше легално и со дозволи“: како Македонија учествувала во проектот со мозоци што беше споменат во документите за Епстин
Македонија била вклучена во меѓународен научен проект кој се споменува во документите поврзани со починатиот американски милијардер Џефри Епстин,пишува Дојче веле.
Станува збор за проект во кој американски научници поврзани со Универзитетот „Колумбија“ создале голема банка од човечки мозоци наменета за истражување на самоубиства, шизофренија и други психијатриски нарушувања. Во документите се споменува и Македонија како една од земјите што придонеле со примероци.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје, професорот Алексеј Дума, за ДВ објаснува дека Македонија учествувала со ограничен број примероци и дека сè било спроведено според закон, а секој примерок морал да има одобрение од македонскиот и американскиот Етички комитет.
„Примероците најлегално патуваа со авион, поминуваа царина и за нив имаше целосна документација. Без дозвола — примерок не можеше да влезе во САД“, вели Дума и ја отфрла можоста за профит од целата постапка.
Тој појаснува дека од Македонија биле испраќани околу 10 до 15 примероци годишно, и дека бројката од околу 1.000 мозоци се однесува на целата меѓународна колекција, а не на македонските примероци.
Проектот, според Дума, донел значајни научни резултати, нови сознанија за поврзаноста меѓу шизофренијата и самоубиствата, како и опрема, лаборатории и можности за докторски студии за македонски научници.
Македонија
Вратата кај бината во „Пулс“ служела да излезат малолетниците во случај на полициска рација, сведочи 25-годишниот Петар Марковски
На денешното рочиште за пожарот во кочански „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, 25-годишниот Петар Марковски, кој вечерта кога се случи пожарот од клубот излегол со повреди на дишните патишта, сведочеше дека вратата кај бината служела преку неа да излезат малолетници во случај на полициска рација. Неколкумина сведоци на минатите рочишта кажаа дека освен вратата преку која влегле во клубот, постои уште една, но за разлика од досегашните сведоци кои кажуваа само дека никогаш не виделе дека некој ја користи, Марковски на прашање на обвинителот одговори дека слушнал оти таа служела како излез за малолетниците при полициските рации, но вечерта не видел дека некој ја користи.
Марковски со неколкумина другари во клубот дошол во 12.45 часот за настапот на ДНК. И тој, како и неколкумина сведоци на претходните рочишта, кажа дека купил билет за кој не добил фискална сметка. Не му побарале лична карта оти се познавал со луѓето кои стоеле на врата, проверувале лични карти и ставале печати на рацете на оние што имаат билети за вечерта. И тој потврди дека во клубот вечерта имало малолетници.
Марковски, кој во „Пулс“ доаѓал откога наполнил 18 години, кажа дека и претходно се користела пиротехника во клубот, а кобната вечер таванот се запалил од прскалките.
„Кога се вклучија прскалките, мислам дека беше околу 02.30 часот, почна да гори плафонот. Настана паника и луѓето почнаа да се движат кон излезот, а пожарот се ширеше со голема брзина бидејќи целиот плафон беше од сунѓер“, рече сведокот Марковски, а на прашање од судијката Диана Груевска- Илиевска како знаел дека е од сунѓер, одговори дека сунѓерот се гледал.
Во обидот за излезе од клубот го зафатило стампедото и паднал во бесознание од чадот, а кога дошол при свест врз него имало тројца луѓе. За да се извлече морал да ги соблече патиките. До утрото помагал во болницата, а состојбата му се влошила следниот ден, кога бил префрлен во болница и паднал во кома. Се лекувал во Словенија, но се уште чувствува последици оти, како што рече, има намален капацитет на дишење.
Марковски кажа дека за време на пожарот забележал како сопственикот Дејан Јованов – Деко се обидува со противпожарен апарат да го изгасне огнот на бината.
По него сведочеше шанкерот во „Пулс“, Дејан Манасиев. Тој 11 години работел во клубот непријавен, од 2012 година до 2023 година кога потпишал договор за работа, но на половина работно време. Манасиев не видел кој ги внел прскалките и кој ги запалил, но кажа дека кога претходно се користела пиротехника, доаѓал човек со бела коса од Скопје кој ја поставувал, а кобната вечер не го забележал во клубот.
Манасиев сведочеше дека во објектот имало план за евакуација кој бил поставен во ходникот.
Македонија
Над 45 милиони денари вратени во државниот буџет; Фетаи: Конфискацијата на нелегално стекнатиот имот дава конкретни и мерливи резултати
Денес се одржа првиот конститутивен состанок на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што официјално започна со работа највисокото координациско тело задолжено за следење и унапредување на институциите кои спроведуваат финансиски истраги и конфискација на имот.
Со Советот претседаваше Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, а на состанокот присуствуваа претседателот на Владата, министерот за внатрешни работи, претставници на меѓународната заедница, граѓанскиот сектор, како и членовите на Советот.
Формирањето и конституирањето на Советот е дел од Националната стратегија за јакнење на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2025–2028 и Акцискиот план 2025–2026, иницирани и координирани од Заменик-претседателот Фетаи, со јасна цел за зајакнување на институционалната координација и обезбедување силна и континуирана политичка поддршка за нивна имплементација.
За време на состанокот беше разгледан Првиот годишен извештај за 2025 година, кој евидентира конкретни и мерливи резултати, особено во областа на управувањето со запленетиот и конфискуваниот имот. Само во текот на 2025 година се реализирани над 45 милиони денари директни приходи во државниот буџет, како и конкретни случаи на општествена употреба на конфискуваниот имот, со директна корист за граѓаните.
Истовремено, извештајот покажува значително зголемување на вредноста на запленетиот и конфискуваниот имот во споредба со претходните години, што укажува на градење на реален и одржлив „track record“, заснован на резултати, а не само на нормативна рамка.
Во своето обраќање, Фетаи истакна дека финансиската истрага претставува камен-темелник на ефикасното управување и владеењето на правото, нагласувајќи дека ефективната финансиска истрага не е опционален додаток, туку фундаментален столб на способноста на државата да обезбеди ред, да ги заштити граѓаните и да го зачува интегритетот на економскиот систем.
Градењето отпорни и функционални капацитети за финансиски истраги е маратон, а не спринт, процес кој бара долгорочна и континуирана политичка посветеност, но кој веќе дава јасни и мерливи резултати.
Во овој контекст беше нагласено дека постигнатите резултати се од клучно значење и за европскиот пат на државата, имајќи предвид дека одржливите резултати во конфискацијата на нелегално стекнатиот имот претставуваат еден од основните услови на Европската Унија во областа на владеењето на правото.
Во заклучокот, беше потенцирано дека Националниот совет ќе има јасна улога во мониторингот и евалуацијата на спроведувањето на Стратегијата и Акцискиот план, ќе носи заклучоци и ќе предлага конкретни активности до Владата, со фокус на резултати, одговорност и задолжителна меѓуинституционална координација.

