Топ
Уште 30 дена притвор за Габриел Бајрам, судот се сомнева на реална опасност од бегство

Додека Габриел Бајрам се жали на осумдневниот притвор, кривичен суд одлучи дека осомничениот за насилство треба да остане уште 30 дена во затворот „Скопје“ кој се наоѓа во Шуто Оризари. Судијата смета дека постои реална опасност Бајрам да се даде во бегство, а според сознанијата, особена грижа се водела и за тоа дека тој има условни казни кои сега може да значат и затвор доколку се потврди дека сторил насилство.
Бајрам, не еднаш, туку повеќе пати е осудуван за ваков вид кривични дела. Дополнителна причина за продолжување на притворот и покрај жалбата е фактот што судот се сомнева дека Бајрам може да го повтори делото.
На Бајрам му е поднесена кривична пријава по брза постапка и му е одреден притвор откако пред неколку дена повредил шанкер и кршел инвентар во ресторанот „Аквадукт“ на булевар „Словенија“ во Скопје. Се гони и неговиот син.
„Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцости и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот”, посочи Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Пукање на аеродромот во Канбера, полицијата уапсила маж со огнено оружје

Аеродромот на австралиската престолнина Канбера денеска е евакуиран, откако маж почнал да пука со огнено оружје, јавија локалните медиуми, а пренесува Танјуг.
Полицијата навела дека во инцидентот нема повредени, а се верува дека напаѓачот бил сам, пренесува Ројтерс.
„Аеродромскиот терминал превентивно е евакуиран, а ситуацијата на аеродромот е под контрола“, се вели во соопштението на полицијата.
Во овој момент аеродромот се уште е блокиран. Не беа дадени други детали, пишува медиумот.
Инцидентот довел и до откажување и доцнење на летовите.
За пукањето на аеродромот претходно пишуваа и локалните медиуми, кои исто така наведуваат дека нема повредени и дека има еден напаѓач.
Европа
Ружди тргнат од респиратор и можел да зборува, напаѓачот се изјаснил за невин

Британскиот автор Салман Ружди останува во болница во тешка состојба, еден ден откако беше повеќекратно прободен со нож на литературен собир во државата Њујорк, додека неговиот напаѓач пред судот се изјаснил за невин. Сепак, како што јави Би-Би-Си, Ружди е изваден од апаратот за дишење и може да зборува.
Обвинетиот вооружен напаѓач, 24-годишниот Хади Матар од Њу Џерси, се изјаснил за невин пред судот, објавил неговиот вршител на должноста адвокат Натаниел Бароне. Матар се товари за убиство во обид и нанесување тешка телесна повреда.
Ружди (75), чија глава е уценувана откако ги објави Сатанските стихови во 1989 година, требало да одржи предавање во Чаутаука, во западниот дел на државата Њујорк, кога Матар го нападнал со нож и му нанел неколку убоди.
Според окружниот обвинител Џејсон Шмит, Ружди бил избоден три пати во вратот и четири пати во стомакот. И окото му било прободено.
Писателот беше опериран во петокот вечерта, по што беше ставен на респиратор.
Писателите и политичарите ширум светот го осудија нападот. Во саботата, американскиот претседател Џо Бајден им се придружи, пофалувајќи ја посветеноста на Ружди за „универзалните идеали“.
Полицијата сè уште не го утврдила мотивот за нападот, но NBC објави дека прелиминарниот полициски преглед на профилите на социјалните мрежи на Матар открил дека тој имал наклонетост кон шиитскиот екстремизам и иранската Револуционерна гарда.
Матар е роден во Калифорнија, но неодамна се преселил во Њу Џерси. Тој е уапсен на местото на нападот, а очевидци велат дека не кажал ништо. Неговото следно рочиште пред судот ќе биде во петок.
Европа
Кукасти крстови нацртани на повеќе од 80 автомобили во Берлин

Непознати сторители нацртале кукасти крстови на десетици автомобили во југоисточниот дел на Берлин, објави германски „Билд“.
„Од четвртокот ни се пријавени 81 случај. Може да има повеќе, бидејќи некои сопственици на возила дури сега откриваат што се случило“, изјавила во саботата портпаролката на берлинската полиција.
Полицијата за овој случај започнала истрага.
Причинета е материјална штета, а извршен е и чин на цртање знаци на нелегални организации“, изјавила портпаролката на полицијата.